Навивачите како неизбежен фактор за подигнување на свеста
19/01/2019 In Македонија, Национализам Leave a comment
19/01/2019 In Македонија, Национализам Leave a comment
Во време кога македонската ракометна репрезентација настапува на Светското првенство, нивото на национализам и патриотизам во државата е до степен на ерупција.
Сите сме свесни околу квалитетите на нашите момци и со право очекувањата ни се солидни партии и добри резултати. Како вулкан на сето тоа ќе му дојде и осмиот играч, навивачите, односно фалангата која е неизоставен дел од сите случувања во репрезентативните спортови, поединечни или групни.
Спортот не го сакам само поради мое лично задоволство, туку и поради начинот на кој влијае врз нацијата! Спортот нѐ обединува сите, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Само запрашајте се: Постои ли друго место каде што ќе видите „левичар“ и „десничар“ да се радуваат и навиваат заедно освен на спортските натпревари? Можете ли да го видите тоа во кино сала на пример, да станат и сите да се гушкаат и радуваат поради некоја убава сцена како во случајот кога нашите би дале гол? Се разбира дека не.
Стари и млади, мажи и жени, христијани и муслимани, едноставно спортот нема граница ниту лимит во обединувањето.
Спортот преку навивачка призма. Навивачот низ визирот на конзервативецот
„KОНЗЕРВАТИВИЗМОТ Е ПОВЕЌЕ ИНСТИНКТ ОТКОЛКУ ИДЕОЛОГИЈА. ТОЈ Е ИРОНИЧЕН, ИСПИТУВАЧКИ НАСОЧЕН, ЛАДНОКРВЕН И НЕДОВЕРЛИВ КОН ГОЛЕМИТЕ ТЕОРИИ. КАКО ШТО КАЖАЛ МАЈКЛ ОАКШОТ — КОНЗЕРВАТИВЦИТЕ ПРЕФЕРИИРААТ СЕГАШНА СМЕА ДО УТОПИСКО БЛАЖЕНСТВО. ТИЕ ЗНААТ ДЕКА НЕШТАТА КОИ ГИ НЕГУВААТ: ПРАВО НА СОПСТВЕНОСТ, ПАРЛАМЕНТАРНА ВЛАДА, ЛИЧНА СЛОБОДА, НОРМИ НА УЧТИВОСТ, БАРААТ ДОЛГО ВРЕМЕ ЗА ДА СЕ СОЗДАДАТ, НО МНОГУ БРЗО МОЖЕ ДА СЕ УНИШТАТ. TИЕ БЕСРАМНО УЖИВААТ ВО ВИСОКАТА КУЛТУРА КОЈА ЈА ОФОРМИЛЕ НИВНИТЕ ПРЕДЦИ“ – ДАНИЕЛ ХАНАН
Најчесто меѓу младата популација во државата ке ја сретнеме мислата: “Ако некогаш се заљубиш во навивач, биди среќна затоа што тој најдобро знае што е љубов и верност”, а таа љубов и верност потекнува од традиционалните вреднисти односно љубов кон семејството, лојалност кон татковината и верност кон клубот.
Навивачите во глобала се изворот на национализам и патриотизам во државата. Неретко сме сведоци на коментари кои генерализираат и карактеризираат една целина само поради постапките на поединец или поединци, кои знаат да направат нешто непромислено. Токму затоа, често пати во светот на навивачките групи можеме да видиме и шовинизам и омраза кои немаат допирна точка со национализмот и поради тоа тие се за осуда.
Но, никаде или многу ретко се споменуваат делата и придонесите кон општеството во кое живеат, нивните акции и делувања за будење на свеста кај луѓето, за љубовта кон татковината и она што го сакаат. Кога сето тоа ке го резимираме, се доаѓа до заклучок дека треба да им се даде поголем простор и поголема можност на навивачите да учествуваат во подигнувањето на националната свест преку помала репресија кон нив од страна на остатокот на општеството. Пред сѐ, почнувајќи од локалните власти, па сѐ до националните.
Токму од овие причини, како конзервативци се залагаме за силна локална самоуправа, односно децентрализирана влада, која веруваме дека понатаму би помогнала во зајакнувањето на локалните спортови во помалите средини. Зошто слаба и децентрализирана влада? Бидејќи како што и самиот Роналд Реган кажал, задачата на владата е да ги подобри животите на граѓаните, а не да ги контролира!
Национална капитулација, негативен наталитет и енормно загадување се само дел од модерниот геноцид, а доколку на сето ова се надоврзе и изумирањето на локалните средини, навивачи и спортови, тогаш дефинитивно треба секој поединец да се погледне и да се запраша – до кога вака? До кога ќе гледаме како локалните спортови изумираат? До кога ќе бидеме неми на овој спортски геноцид на нашата нација?
Време е за промена, промена и во законот за спорт кој наскоро ќе го разгледаме и ќе се обидеме да го формулираме во детална и идеална форма за помош на локалните клубови и локалните навивачки групи!
Пишува: Дарко Тикваров
Претходна колкумна напишана за Конзерватив МК – ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ЛОКАЛНИОТ СПОРТ Е ИНВЕСТИЦИЈА ВО ЛОКАЛНИОТ ПАТРИОТИЗАМ!
Следете нѐ на Facebook, Instagram & YouTube.
Слична колумна: Македонија сака спорт!