Крстопатот на младите во однос на прашањето кој професионален пат ќе го одберат во својот живот започнува уште во самото основно образование, но својата кулминација ја достигнува во средното образование. Голем број млади на таа возраст ги имаат како идоли и светски и домашни спортисти, па затоа можеме да кажеме дека на значаен број млади, животните насоки им се посветени кон спортските терени.

Секој млад човек обожава спорт. Како млади, најчести украси во нашите детски соби беа постерите на спортистите, без разлика дали на нив биле Роналдо, Шевченко, Мајкл Џордан или некој друг. Едно од најдобрите нешта за спортот е тоа што не оттргнува од дневните грижи, а кога почнува натпревар, едноставно се губиме во него.

Слично како идеологијата на конзерватизмот која промовира отворена конкурентност, еднаквост во стартот но не и еднаквост во исходите, така е и во спортот, тој е место каде што сите започнуваме од исто место, имаме ист старт, но подобриот оди напред, подобриот победува и талентот доаѓа до израз. Затоа, како и спортот, конзерватизмот е повеќе инстинкт отколку идеологија. За разлика од левичарските идеологии, па и дел од „десно“ ориентираните идеологии, конзерватизмот не верува во модел на еднако општество за сите, напротив, тој верува во социјална нееднаквост која произлегува од општествената конкуренција.

Развојот на еден млад спортист почнува уште од најрана возраст, преку таканаречени секции, групи и часови по физичко воспитување за време на основното и средното образование. Но за жал, тука застанува.

Неретко талентирани момчиња и девојки во најразлични спортови ја завршуваат својата желба за понатамошен развој и се преориентираат кон друг патоказ во животот, поради недостиг на локални клубови каде би продолжиле со понатамошна работа и напредок во кариерата.

Уште една од убавините на конзервативната идеологија (и либерално-конзервативната) е тоа што таа е единствена идеологија која промовира силни локални влади, односно силна локална самоуправа на сметка на послаба влада. Таа силно се спротиставува на централната регулација на здравството, економијата па и спортот од страна на еден центар. Исто така, конзерватизмот промовира независни и силни општински организации со поголеми буџети и финансии, бидејќи на тој начин самостојно можат да ги регулираат и да одлучуваат каде би ги трошеле тие средства според барањата на локалните граѓани и власти.

Зошто желбата на младите во локалните средини застанува? Зошто е сето тоа така?  

Свесни сме дека во Македонија во моментов домашниот спорт е на најниско ниво и секојдневно згаснуваат имиња на поранешни гиганти од спортската мапа. Како главен проблем се посочуваат финансиите. Кај нас во државата сѐ уште не сме дојдени до степен да сите клубови имаат свој сопственик и менаџирањето со клубовите да зависи од самиот тој/таа и неговото финансирање и раководење. Постојат и такви случаи (со моќен газда и добра финансиска конструкција) каде најчесто заминуваат оние најталентираните, но и тие се ретки, со по максимално 2-3 клубови во одредени спортови.

Најчесто клубовите преживуваат со средства кои ги добиваат од локалната самоуправа (оние посреќните), некои од приватни спонзори кои се соочуваат со никаков бенефит или поврат на средствата кои ги вложиле и клубови кои едвај издржуваат, финансирани сами од себе (играчите преку чланарина и ситни спонзори).

За да дојде до посакуваното подобрување на резултатите и опстојувањето на клубовите, потребно е изнаоѓање на решение, на кое активно работиме заедно со идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК. Подобрувањето на пристапот на приватните компании и нивно активно вклучување во професионалниот спорт преку олеснување во законот за финансирање на спортски асоцијации, клубови и спортисти од олимписки и неолимпсики спортови е од клучно значење.

Во спротивно, спортот во Македонија ќе го зафаќа мрак и ќе наликува сѐ повеќе на аматерски наместо професионален. На Македонија ѝ е потребна силна локална самоуправа, независна од централната власт. Само така, ќе можеме да го воздигнеме нивото на локалниот спорт а со тоа и локалниот патриотизам. Спортот нѐ учи на приврзаност и љубов која и понатака нѐ одржува и во постојана врска со локалната средина во која живееме, а потоа и со нацијата на која припаѓаме.

Пишува: Дарко Тикваров
Колумна за идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на FacebookInstagram & YouTube.
Слична колумна: Македонија сака спорт! 

Ви препорачуваме да го погледнете нашето видео: Зошто спортот е битен за една нација?

Сподели: