Конзерватизам, глобализам, расизам, национализам, марксизам… и уште илјадници зборови со суфиксот ИЗАМ. Суфикс, кој означува специфична пракса, систем или филозофија. Во случај кога суфиксот ИЗАМ изразува специфична пракса или филозофија истиот сугрерира тенденции на став и однесување, а не верување во искази. Така на пример зборот „национализам“ означува тенденција да си го браниш и сакаш своето, но никогаш да не го напаѓаш и омаловажуваш туѓото. Конзерватизмот пак во овој случај многу повеќе натежува кон национализмот отколку фашизмот или марксизмот. Многу полесно е да се опишат типично конзервативните одговори и да се нагласи контекстот во кој се разивива конзерватизмот, отколку да се наведат сите дефинирани верувања за конзерватизмот. Затоа велам, поради овие причини, конзервативците имаат задача да го задржат најдоброто, а да го реформираат најлошото.

Јас накратко ќе проговорам за спортистите, и спортските настани во Р. Македонија. Отсекогаш спортистите биле олицетворение на патриотизмот и во очите на граѓаните се родољуби кои гинат за боите на нашата татковина, а спортот модерно оружје на патриотизмот. Во многу наврати сме го осетиле тоа, и слободно кажувам дека спортот и успехот во истиот е единствена работа која може да ја сплоти целата нација без разлика на етникумот. Но, за жал во оваа држава како никој да не води сметка за тоа. Само што заврши првиот циклус од ново формираната Лига на нации во фудбал, која најверојатно е единствена шанса нашата фудбалска репрезентација да се вивне таму горе меѓу најдобрите. Завршивме први во групата со 5 победи и еден пораз, и постигнавме најмногу голови во конкуренција на сите четири девизии. Момците изиграа онака како што очекувавме, но кој ги гледаше? Верувале или не, на овој настан не беше пренесен ниту еден натпревар во живо на една од нашите национални телевизии. Оправдувањето беше дека една од спортските телевизии кои емитуваат низ целиот балкан понудиле сума до уефа недостижна за нашата национална телевизија, а притоа не кажувајќи ја точната сума. Во тој период, група спортски новинари од Македонија апелираа до државата да бара натпреварите на Македонија да се коментираат на Македонски јазик, но секако ништо од ова не беше исполнето.

„Ние како спортски новинари повеќе пати сме го актуелизирале овој проблем, но тоа секогаш завршувало се префрлувања од типот дека сме барале „леб преку погача“ односно дека сме го зборувале тоа само за да си најдеме некои ‘тезги’. Нашите барања беа и се многу едноставни – Спортклуб и Арена да емитуваат на македонски јазик. Во тој случај воопшто не би било страшно ако некој од нив ги купи правата за наша репрезентација. Државата требаше и треба да каже: Повелете, емитирајте во Македонија, но на јазикот на оваа држава. Но, како и сѐ друго и оваа регулатива доцни. Но, ова со фудбалскиот национален тим ќе биде капак на сѐ ако мајсториите на Пандев, Елмас, Барди, Алиоски и останатите бисери се следат со коментар на туѓ јазик“, изјави Тони Стојановски, спортски новинар од редакцијата на МТВ.

И кога на сето ова ќе се надоврзе тоа што не така одамна ракометниот шампион на Европа РК Вардар, го гледаме на стрим или странска телевизија тогаш ќе сфатиме дека во системот нешто не функционира.

Деновиве се шири и информацијата во јавноста дека ниту еден национален сервис нема да го пренесува престојниот ракометен мундијал во Јануари 2019-та. За „среќа“ и мала надеж се јави главниот уредник на една од националните телевизии да посочи дека во сушност таа вест не е вистина и дека тие се во преговори за откуп на телевизиските права за светското првенство во ракомет. Не знам за какви преговори се работи, процедурата со тендерите е едноставна, но најверојатно и ова е дел од лошата политика на левата влада која најверојатно сака во целост да ја клукне и онаа трошка национална свест што остана кај граѓаните, а опстојува поради победите, потта и крвта на репрезентативците.

И така, можеби сме едиствената нација во Европа која својата фудбалска репрезетација ја гледаше на странски канал со странски коментатор, а ќе бидеме и единствена по тоа што иако присутни на светското првенство во ракомет, истото ќе мора да се трудиме да го гледаме на интернет или на некои од странските програми доколку не се откупат телевизиските права.

Има ли некој да одговори зошто? Зошто граѓаните на оваа земја им е скратено да се израдуваат на победите? Дали олеснителни околности или намалување на данокот, или пак преименување на буџетски пари на пример од тие за мебел и обезбедување во националниот сервис со цел Македонија и македонците и нивните деца да се радуваат на успесите на нивните идоли. Македонија сака спорт.

Дали е неопходно емитување на ветар и магла на националните телевизии во замена за она што сите сакаме да го гледаме?

Едноставно е, парите се тука ама не сакате да ги дадете!

Никола Дионисијев, идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК [Conservative.mk]

Сподели: