Марија Бојковска: Жените и политиката во Македонија
18/12/2018 In Conservative.MK, Македонија Leave a comment
18/12/2018 In Conservative.MK, Македонија Leave a comment
„Ако сакате нешто да биде кажано, прашајте маж. Ако сакате нешто да биде направено, обратете се кај жена.“ – Еден од најславните цитати на Маргарет Тачер од кој не можеме да ги одвоиме жените политичари во Македонија.
Овде жените знаат и умеат во политиката. Имаме паметни, начитани, способни политичарки. Успешни исто како и мажите. Се уште во недоволен број, иако многу побројни од првиот парламентарен состав. Пред да продолжам, да погледнеме една ретроспектива за учеството на жените во парламетот од 1991 година до ден денес.
Табела 1 – застапеност на жените во однос на мажите во парламентот на Република Македонија.
Почнувајќи од 1991 година, во која биле избрани вкупно 4 жени во парламентарниот состав, па до ден денес чиј состав бори вкупно 43 жени, можеме да заклучиме дека жените се охрабруваат да влезат во политичките кругови. Денешниот состав го содржи најголемиот број на жени досега. Од една страна храброста, од друга страна законските измени и регулативи за родова еднаквост и застапеност ни го овозможува составот на парламентот онаков каков што е. Прв пат во 1998 година е донесена Декларација која овозможува зголемено учество на жените во политиката, што се должело на многу малото учество на жените во парламентот со само 5%. Жените од позицијата и опзицијата успеале заедно да издејствуваат квота од 30%, која денес е покачена на 40%. На тој начин успеале да ја тргнат Македонија од дното на Листата за застапеноста на жените во политиката низ државите во Европа, каде што тогаш се наоѓала.
Она што можеби би било поинтересно, со идејата со која се водат конзервативните партии: да бидеме еднакви на стартот, а не на крајот како што сакаат левите партии, може да се направат отворени листи во кои што би имало еднаков број на мажи и жени, па народот нека одлучи за квалитетот на пратениците кои сакаат да ги претставуваат во парламентот. Друг интересен податок се истражувањата кои покажуваат дека гласачите во Македонија немаат предрасуди во однос на машки или женски политички кандидат. Мнозинството гласачи веруваат во жените кандидати за политички функции и се оптимисти дека во Македонија во следниот период ќе има жена на една од раководните функции во државата.
„Секоја жена која ги разбира проблемите при одржувањето на домот, ќе биде поблиску до разбирање на проблемите при управувањето со една држава.“ – Маргарет Тачер
Ова ни покажува дека малата застапеност на локално ниво на жените кандидати не е во недовербата или неподдржувањето од гласачите. Овде каде не постојат законски обврски за исполнување на квоти, каде е проблемот? Во храброста на жените или во самите партии?
„Ја имам таа женска способност да се зафатам со една работа и да продолжам да ја работам дури и тогаш кога сите останати креваат раце и си заминуваат.“ – Маргарет Тачер
Жената која е способна и верува во себе не се плаши од родова дискриминација, ниту пак се крие зад банални изговори дека дискриминацијата ја демне на секој чекор. Таа се бори. А за оние кои не веруваат во жените и нивните лидерски способности: татковци каде ги гледате вашите ќерки?
Пишува: Марија Бојковска
Политичката анализа и колумната ќе биде објавена во првата публикација на идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК.
Следете не на Facebook, Instagram & YouTube.