ЕКОНОМИЈАТА ВРЗ ЕДЕН КОНКРЕТЕН ПРИМЕР
15/12/2018 In Conservative.MK, Економија, Конзерватизам, Македонија Leave a comment
15/12/2018 In Conservative.MK, Економија, Конзерватизам, Македонија Leave a comment
Според „Енциклопедија Британикаˮ eкономијата се дефинира како социјална наука која се обидува да ги анализира и опише произвотството, дистрибуцијата и потрошувачката на материјалните и нематеријалните добра. Како социјална наука таа подразабира дека луѓето се одговорни за нејзиното спроведување, а со цел правилно да ја разбереме мора да ја познаваме психологијата на луѓето, односно да ги проучиме постапките на поединецот како дел од општеството и причините за тие негови постапки.
Појдовна точка во човековата психологија е тоа дека човекот е предводен од инстинктот за преживување, според кој поединецот, сосема природно и пред сѐ, ќе се стреми да ги оствари својот интерес и интересот на семејството, па потоа да им помогне на другите. Понекогаш овие постапки навидум се себични, но таква е човековата природа. Затоа, од голема важност е секој оштествен и економски систем добро да ја познава за да разбере како правилно се создава богатство и како тоа се распределува меѓу луѓето. Но за жал, доколку постои систем заснован врз силна, централизирана влада, потребите на индивидуата се занемаруваат. Таков добар пример е „социјализмот” во Р. Македонија кој беше граден врз темелите на погрешното убедување дека луѓето не треба да се борат за сопствените интереси и потреби, туку треба да работат за другите. На крајот од ова добивме една ситуација во која само неколкумина ги уживаат сите благодети создадени со работата на останатите, па одејќи по тој пат, добивме политичари кои постојано делуваат согласно со своите интереси, и на политички и на економски план некоѓаш употребувајќи и државни средства и народ кој кога ќе се обиде да ги оствари своите лични интереси на истиот начин, но со сопствени средства и ресурси тој наидува на осуда. Вистински парадокс.
Најдобриот економски систем за една земја е оној кој предвидува најдобра употреба на расположливите средства, без оглед на тоа дали се работи за човечки или природни ресурси. Една држава секогаш ќе ја поседува можноста да користи и обезбедува ресурси, коишто не ги поседува преку меѓународната трговија, но од друга страна пак, треба да се има на ум дека трошоците за тоа се многу поголеми во споредба со трошоците за искористување на домашните ресурси. Тоа значи дека оптималното користење на државните ресурси е клучно за економијата, бидејќи со тоа на пазарот се нуди највисока вредност за најниска цена, без трошоци за транспорт или какви било други трошоци кои само ја зголемуваат цената за потрошувачот, додека дополнително, меѓународната трговија би можела да служи да ја унапреди економијата преку увозот на суровини, готови производи или вешти работници со цел државата да произведува добра или нуди услуги за коишто нема сопствени ресурси. Оттука може да се каже дека најважните економски показатели се, всушност, употребата на ресурсите и креирањето вредност, кои се и меѓусебно поврзани, бидејќи правилната употреба на ресурси директно влијае врз создавањето подобра вредност на производите за пониска цена. Нашата реалност е дека во Македонија постои ужасна распределба и употреба и на природните ресурси и на работната сила. Соочувањето со сѐ поголемиот број заминати млади луѓе во западните земји, е резултат на тоа што владата се грижи да создаде работни места само за да си обезбеди гласови, а притоа одбива да разбере дека економски пораст не може да се добие само со создавање нови работни места, туку со создавање вредност.
Но, да се навратиме на потребите на поединецот и неговото место во општествената заедница. Личниот интерес меѓу граѓаните се разликува, но заедничко за сите е тоа што секој го посакува најдоброто за себеси. Ако една личност не може правилно да расудува и одлучува што е добро за друга личност, зошто тогаш мислиме дека владата може успешно да одлучи што е добро за секој граѓанин? Насекаде низ светот, владите одлучуваат за економски прашања врз основа на она што мислат дека е најдобро за нацијата, врз основа на мислењето на мнозинството, на одредени спроведени истражувања или на одредени економски теории. Со тоа се создава голем проблем, бидејќи она што е во интерес на еден или неколкумина не значи дека е во инитерес и на останатите, т.е. на таков начин невозможно е да се унапреди економијата и да се досегне до највисоката вредност.
Една интересна теорија поврзана со оваа тема, наречена „колективна мудрост” тврди дека една голема група луѓе е колективно попаметна (дури и кога не поседува доволно познавање од некоја област) од еден конкретен експерт во таа област, секогаш кога станува збор за решавање проблеми, донесување одлуки, иновирање или статистичко предвидување. Овој концепт на јавноста ѝ го претстави Џејмс Суровицки во својата книга „Мудроста на толпата” во 2004 година, но со него се среќаваме уште многу одамна кога Аристотел ја постави теоријата на колективниот суд. Според Суровицки, за да се применува оваа теорија успешно, секоја индивидуа треба да донесува одлуки засебно, без влијание од другите, бидејќи само на тој начин поединецот може да има сопствено мислење за нештата, со цел да се добие збир од сите идеи од поединците и согласно со тие идеи да се донесе конечна одлука или исход. Оваа теорија својата примена ја наоѓа и во еконимијата, затоа што покажува дека само кога интересот на секој поединец се зема предвид, се создава ефикасна економија со која се зголемува вредноста за сите граѓани и нацијата подеднакво.
Сега откако ги споменавме идеите за влијанието на психологијата врз вкупната економија на државата, создавањето висока вредност преку ефикасната употреба на ресурси и важноста на одлучувањто на поединецот истите ќе ги споредиме со неколку практични примери кои го потврдуваат тоа:
Дополнително, таканаречените „државни” производи и услуги ја бркаат конкуренцијата од домашниот пазар, а со тоа се намалува можноста да се нудат производи и услуги кои ќе бидат различни за да секој си купува и користи она што му е од интерес. Конкуренцијата е најважна во создавањето вредност, затоа што само таа придонесува за постоењето разновидсност на добра и услуги на пазарот. Практиката покажа дека ако владата одлучи да се вмеша, таа веднаш ја отфрла таквата можност и автоматски започнува намалување на вредноста. Владата е и главниот виновник за создавањето монополи на пазарот, и во случај кога таа произведува добра или нуди услуги (како во споменатиот пример со јавниот превоз), но и во случај кога штити големи корпорации, создавајќи препреки за влез на други претпријатија на пазарот преку закони и регулативи (што може да се види од примерот во нашата земја со секторот за производство и дистрибуција на електрична енергија).
Уште една економска заблуда е убедувањето дека трошењето пари создава богатство во државата, а самото тоа и ја подобрува вкупната вредност во општеството. Да, циркулирање на парите е повеќе од потребно за економијата, но она што треба да се утврди е од каде доаѓаат тие пари! Дали, на пример, трошоците за владини вработени, кои и не создаваат никаква вредност, исто така помага во создавањето богатство?
Во секое зло има и добро, па затоа треба да се има предвид дека постојат активности кои подобро ги врши владата и поради тоа таа и постои. Армијата е очигледен пример. Исто така, пожелна е владина интервенција во изградбата на инфраструктурата, затоа што не постојат многумина поединци кои би сакале да изградат патишта или трамвајска линија кои предвидуваат високи трошоци и ризик за неповрат на вложените средства. Сепак целиот народ ја чувствува предноста на добрата инфраструктура, а од економска гледна точка, секаде во светот, таа им помага на многумина поединци и бизниси да работат подобро. Затоа владите треба да се сосредоточат да го користат данокот од граѓаните и од бизнисите за проекти од коишто повторно ќе имаат корист самите даночните обврзници, односно во нешта кои помагаат да се подобри и развие она што е од интерес на секој поединец. Дополнително, најдобар начин за да се провери дали во ваков случај парите се правилно потрошени е да се инсистира на раслојување на владата на локално ниво, колку што е можно повеќе.
Сепак, откако мнозинството ќе се согласиме дека постојат економски придобивки од сето ова, па и ќе потврдиме дека веруваме во позитивното влијание на индивидуалниот интерес врз економијата, сепак некои луѓе можат да констатираат дека таквото гледиште врз економијата и општеството, придонесува за промовирање на себичноста меѓу популацијата. Една од работите која нашиот народ, но и останатите не ја разбираат е дека капитализмот подразбира една конкретна традиционална вредност, многу важна за историјата на нашата земја, а тоа е семејството. Познатиот економист и нобеловец Милтон Фридман еднаш рекол дека пазарниот систем (капитализмот) ги натера луѓето напорно да работат, не за себе, туку за идните генерации ― нивните деца. „Речиси сите луѓе повеќе ја ценат придобивката на која нивните деца ќе ја добијат од потрошувачката, отколку нивната сопствена.” Ова значи дека ако гледаме на слободниот пазар каков што всушност е тој не нуди само парична вредност или поголемо богатство во нашата економија, туку помага и да планираме за иднината на нацијата. Секако дека постојат и вредности врз коишто пазарниот систем воопшто не влијае или не влијае толку позитивно, но во тој случај, треба да утврдиме кои се тие потребни вредности кои треба да се заштитат и стратешки да ги негуваме и инвестираме во истите за доброто на нацијата и светот.
Александар Богоевски
Економист и главен и одговорен уредник на Conservative.MK
Статија преземена од официјалното списание на АКРЕ „Д Конзерватив“ (анг. “The Conservative”). За линк притиснете ТУКА.
Conservative.mk во партнерство со Алијансата на Конзервативци и Реформисти на Европа (ACRE), има дозвола за користење, превод и споделување на информациите од списанието The Conservative Online. Прочитајте ги правилата и прописите за користење на информации од The Conservative Online.
The Conservative Online
REPRODUCTION RIGHTS: All content and materials of The Conservative are copyrighted, unless otherwise stated.
DISCLAIMER: ACRE is a Belgian ASBL/VZW No: 0820.208.739, recognized and partially funded by the European Parliament. Its views are not reflected by the European Parliament. The views and opinions expressed in the publication are solely those of individual authors and should not be regarded as reflecting any official opinion or position of the Alliance of Conservatives and Reformists in Europe, its leadership, members or staff, or of the European Parliament.