Политички коментар на Стефан Василевски: UNESCO, Alt + F4 Охрид, GL + HF Албанија!

За многумина ќе звучи чудно, но тие што во животот поминале низ тој таканаречен „гејмерски“ и компјутерски живот, веднаш ќе знаат што значи фразата ALT+F4. Да олеснам, тоа значи EXIT, напуштање по брза процедура. Таман да се израдуваме за влезот во НАТО после низа болни компромиси, ќе не „бркаат“ од УНЕСКО?! Да, да, убаво читате, Македонија доби лоша препорака која е веќе ставена на увид во седиштето на УНЕСКО, а ќе се разгледа на престојниот самит во Азербејџан ова лето.

„Главната причина за ваквата намера на УНЕСКО е неспособноста на Владата со нов закон да го уреди градежното инвестициско дивеење и управувањето со развојот на брегот и на водите на Охридското Езеро, во што не спаѓа само градот Охрид, туку и другите населени места на крајбрежјето, особено Струга. Меѓу другото, со законот треба да се обезбеди јасен систем за планско одлучување и управување, низ соодветни стручни и јавни тела кои ќе се грижат за заштитата на културните и природните убавини на Охридското Езеро, во што спаѓа и заедничко управување со ресурсите на Езерото со властите од Албанија. Нашиот сосед, Албанија, пак, во Азербејџан очекува да биде приклучен на листата на културно наследство на УНЕСКО токму со своите охридски езерски брегови!“ – вели новинарот Сашо Ордановски во неговата колумна која ја прочитав на порталот Плусинфо. Затоа, на Албанија ќе и посакаме GL + HF кои во гејмерскиот свет значат “good luck & have-fun” односно честито, со среќа и да си го чувате Охридското Езеро кога ние не знаеме!

Пред 4 години, како студент по општа медицина на Медицинскиот Факултет – Скопје и претставник на најголемата во свет студентска организација за лекари и здравствени работници ИФМСА (подоцна и потпретседател), имав можност да работам директно со УНЕСКО. Од илјадници кандидати, потесна група од 10тина члена (студенти), бевме избрани да бидеме дел од организациониот комитет на една од најголемите конференции на УНЕСКО за 2015та година во Наполи, Италија заедно со највисоките претставници на оваа организација за oбразование, наука и култура на ООН со централа во Париз.

Дознавајќи ја веста за УНЕСКО, се запрашувам следно: доколку студент од Македонија на свои 24 години успеал да биде дел од организациониот комитет на 11тата Светска Конференција на УНЕСКО во Неапол-Италија, заедно со целиот извршен одбор на УНЕСКО како и да презентира рамо до рамо во специјална сесија со врвни израелски лекари и професионалци од Израелската медицинска асоцијација и Медицинскиот Факултет “Technion Israel”, како тоа една цела влада на веќе Република Северна Македонија нема капацитет да реши домашен, внатрешен проблем, кој зависи само и само од нас! 

Најверојатно, менталитетот на фиромскиот (FYROM) политичар ќе се пренесе и во Северната дивоградба, па така, за неколку дивоградби на крајбрежјето во Охрид и Струга кои ќе се исплатат во политички пазари, ќе го жртвуваме УНЕСКО! Брависимо. Да појаснам: за мене, фиромски (FYROM) политичар е класичен пример за човек без визија подалеку од својот личен интерес и политиканство од денес за утре, кое го видовме и осетивме од нашата независност до денес. Затоа, задача на помладите генерации е да му го исечеме коренот на фиромецот пред да мутира во северњак и да му ја срушиме дивоградбата со цел да ги заштитиме нашите но и идни генерации кои треба да бидат позитивен пример во Европа и светот (кон кои барем 28 години вешто не лажеа дека целиме).

За овој проблем, предупредија и од емисијата 360 степени во одлично припремено видео кое може да го видите со кликнување тука.

Слики, 2015 година: Стефан Василевски (организационен комитет на УНЕСКО) & Проф. Д-р Азис Положани (Институт за Јавно Здравје на Република Македонија) и Д-р Ментор Хамити (претставник на Македонија за УНЕСКО). Линк: https://ifmsa.org/2015/10/21/unesco-bioethics-11th-world-conference/
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на FacebookInstagram & YouTube

Сподели: