Денеска (19.04.2019) Даниел Димитров, кој е дел од тимот на младите конзервативци при Конзерватив МК, присуствуваше на дебата на тема „Европа после изборите: што да очекуваме?“ во просториите на Универзитетот за Национално и светско стопанство во Софија.

Дебатерите беа европските пратеници и членови на четирите најголеми политички партии во европскиот парламент. Во пријатна и релаксирана атмосфера тие одговараа на прашањата од студентите, професорите, но и останатите присутни. Им беа поставени најразлични прашања коишто ги засегаат сите кои живеат на стариот континент од економска па сè до општествена проблематика. Освен тоа, дебатерите ги претставија своите ставови во однос на своето минато работење и ги изнесоа своите предлози и сугестии за иднината на Европа по изборите во месец мај. Тие беа максимално искрени и отворени за дискусија и разменување на ставови и идеи и по забшувањето на самата дебата.

Подолу ви пренесуваме некои од нивните главни размислувања и поенти.

Ангел Џамбазки- Европски конзервативци и реформатори;

Европскиот пратеник со најголем политички рејтинг во Бугарија (24%) ги изнесе своите скептични и песимистички ставови во однос на федерализацијата на Европа, досегашниот начин на раководење на Европската Унија и надворешната миграција. Искажа став за диверзификација и децентрализација на европските институции т.е дека тие треба да бидат распределени во државите членки на ЕУ, а не сконцентрирани во една или две држави. Исто така, потенцираше дека во Република Бугарија треба да се основа и лоцира една таква институција. Алудираше на тоа дека неговиот народ не треба да има комплекс на потчинетост во однос на другите европски народи и држави потенцирајќи дека тој е рамноправен со нив. Исто така, потенцираше за неопходната специјализирана и силна трговска и економска врска со Турција.

Пратеникот од редовите на европските конзервативци (дел од АКРЕ) им посочи на присутните задолжително да гласаат на претстојните европски парламентарни избори (23-26 мај) бидејќи тоа е моментот кога народот си ја управува државата и им суди на народните представници. Ги охрабри младите велејќи дека на изборите граѓаните се работодавачите, а политичарите работниците.

Емил Радев- Европска народна партија

Пратеникот на ГЕРБ изнесе позитивни ставови и оптимизам во однос на федерализацијата на европските држави, формирање на една заедничка европска армија, заедничка разузнавачка служба, зближување на силите во однос на решавање на проблемите со надворешните мигранти. Беше согласен со останатите присутни дека е неопходна промена во начинот на раководење на унијата. Укажа загриженост во одност на безбедноста и сигурноста на ЕУ, но и на сите држави на стариот континент.

Искажа позитивен став кон давањето на можност на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ доколку ги исполнуваат барањата и критериумите. Неговите видувања се дека ЕУ е економски силна и цврста, но дека заостанува на надворешен дипломатски план.

Илхан Кјучјук- Алијанса на либерали и демократи за Европа;

Имаат точна цел за промена после изборите. Искажа загриженост дека во иднина на глобално ниво голем број луѓе ќе останат без работа како резултат на роботизацијата на работните места, а тоа ќе има големо влијание и на самата економија во ЕУ. Загрижувачки му беа ставовите и за зголемувањето на економските диспропорции во ЕУ меѓу различните држави но и помалите територијални единици. Потенцираше дека во ЕУ мора да има повеќе дебати и јавно споделување на ставови. Исто такс, истакна дека ЕУ треба да се погрижи за пазарот на стариот континент и дека во Бугарија треба да се формира Агенција за заштита на работната сила (по примерот на Австрија и Словачка) којашто ќе биде запознаена со проблемите на работниците и би можела да предлага решенија и алтернативи.

Георги Пирински- Социјалисти и демократи;

Како и останатите, европратеникот Пирински беше согласен за промената на начинот на раководење на ЕУ. Тој постави прашање кон присутните каква промена всушност и е неопходна на Унијата. Искажа негативен став кон прифаќањето на еврото како платежна валута во Бугарија и потенцираше дека за такво нешто прво треба да се формираат Европски федерални резерви (по примерот на САД). Освен тоа, тој одговори на прашањето на еден професор за висината на платата на европските пратеници, како таа се формира и колку всушност е нивната нето плата.

Дебата  Европа после изборите: што да очекуваме?
Учесник: Даниел Димитров, млади конзервативци & економски тим.
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете нè на FacebookInstagram & YouTube

Сподели: