Фамилијарниот човек од челик: македонскиот либерал, конзервативец и националист
05/12/2018 In Конзерватизам, Македонија, Национализам Leave a comment
05/12/2018 In Конзерватизам, Македонија, Национализам Leave a comment
Човекот од челик [Superman:The man of steel, 2013] во режија на Зак Снидер, го оживеа митот за супермен по пропаднатата верзија на фимот “Superman returns” во 2006та година. На исти начин како што социологот од Харвард Карл Зимермен умееше да каже во познатото негово конзервативно дело наречено „Фамилија и Цивилизации“ [Zimmerman, C. (2008). Family and civilization. Wilmington, DE: ISI Books]., римската империја се распадна одвнатре, така и комунистичкоит режим на Чаушеску во Романија, па се до современата македонска република која се соочува со модерен геноцид преку негативен наталитет, масовно иселување на млади, енормно загадување на воздух и распад на правниот и институционален поредок. На сличен начин, планетата Криптон во филмот на Зак Синдер се распадна односно „скапа“ одвнатре. Ова правило важело, ќе важи, и претставува опасност за секоја држава, цивилизација и институција.
Еугеника и окситоцин, односно „дрогата на поврзување“ [the bonding drug]
Еугеника е примена на наука или биосоцијална програма со цел создавање на здрав и силен подмладок и спречување на инфериорност. Начело, оваа техника звучи добро, но од политички аспект може да биде искористена за креирање на сосема спротивното. Луѓето од планетата Криптон, ја коростеа оваа техника за креирање на супер потомок. Тоа го правеа со замена на традиционалниот метод на гестација со специјални инкубатори наречени „the genesis chamber“.
Непредвидената грешка на криптонците ги доведе во ситуација да креираат поколенија без осет за нормална социјална интеракција слично како познатите сирачиња од времето на комунистичкиот режим на Чаушеску и проектот од 1950та година на научникот Хери Харлоу [Harry Harlow] од Универзитетот Висконсен.
Во сите три случаи, недостатокот од „дрогата на поврзаност“ односно окситоцин кој бебето го добива при нормални услови на раст, направи непоправливи штети за потомок. Окситоцин – пептиден хормон кој е исто така и невротрансмитер и покрај неговата позната функција, се верува дека тој делува и врз социјално врзување, однесување, доверба , емпатија, а исто така некои научници го поврзаа овој хормон со негативни емоции и агресивно однесување.
Хери Харлов, во неговиот експеримент со Rhesus мајмуни, ги оддели бебињата мајмуни од своите мајки веднаш по раѓањето. Едните ги стави во скроз празни кафези, други во кафез со фротирки и облека, а трети со играчки налик на мајмуни. Мајмунчињата од празникот кафез покажаа значајна разлика во нивните социо-друштвени особини, најмалку се приврзуваа со другите. Овие мајмунчиња беа поагресивни, непогодни за дружба со групата, уплашени и асоцијални.
Во режимот на Чаушеску, секоја форма на контрола врз бременоста и абортус беа забранети. На тој начин, толкав број на родители беа приморани да ги остават своите деца во дом за сираци, што домовите беа преполнети и веќе немаше ни места [Лехлер, Lehrer, 2010, p. 192]. Преголемата натрупаност на домовите влијаеше врз премала грижа и посветеност врз овие деца, па така „сирачињата“ од времето на Чаушеску станаа познати по нивната асоцијалност, преголема агресија и инкомпактибилност за делување со своите врсници. “The children flew into violent rages, attacking everything within the reach” – Lehler, 2010, p. 192. [Lehrer, J. (2010). How we decide. New York, NY: Mariner Books.]
Како што на бебето му е потребен хормонот кој делува врз однесувањето, нежноста, смиреноста и понатака долготрајно дејствува врз социјалноста и адаптација во општеството, така на граѓанинот му се потребни вистински народни претставници за да може да е во интеракција и правилна кохезија со државата. Само на тој начин, граѓанинот ќе ужива во мајчината љубов од татковината.
Конзервативците се националисти од времето на Дизраели, а македонците од 1991
Бењамин Дизраели [Benjamin Disraeli] е единствениот британски премиер кој е етнички израелец и еден од татковците на модерната британска конзервативна партија [Conservatives UK], членка на Алијансата на кознервативци и реформисти. „Конзервативците се националисти уште од времето на Бењамин Дизраели“ – вели Џон Фонте од Хадсон Универзитетот, автор на книгата „Суверенитет или поднесување“ [Sovereignty or submission]. Најдобар пример за македонскиот национализам е референдумот во 1991ва година кога се изборивме и одлучивме дека сакаме своја држава со суверенитет и интегритет, држава која ќе ги стави правилата над владетелите, држава со свое знаме, име и химна кои социо-економски но и културно ќе не обединат сите жители на новата модерна и суверена Република Македонија.
Национализмот звучи опасно како тема особено на овие балкански простори, но доколку ја разгледаме оваа идеологија од призма на историски аспект, национализмот започнува како либерална идеологија во која нема никаква омраза, шовинизам или расизам, напротив, примарна цел е либерализам, односно борба за слобода, правда и човекови правдини во рамки на една суверена држава. Всушност, нашиот либерален национализам е опеан и во нашата химна каде што македонецот се бори за својата слобода и правдини.
Проблемот со балканскиот национализам е дека тој се развива без капитализам, односно преку социјализам и комунизам што всушност е грешка во неговата генетика и затоа тој се разликува од класичниот западен национализам кој доколку не постоеше, немаше да има победа врз фашизмот и големите империи. Балканскиот национализам е се, само не либерална идеологија. Всушност, тој се развива со социјализам кој налага силна и моќна влада со тотална контрола врз се, односно наликува на националниот социјализам чиј идеолошки татко е Џовани Џентиле, односно фашизам.
Но, граѓанинот на суверената република како да подлегна на грешна еугеника односно поради недостаток од сврзната дрога помеѓу него и државата [народните избраници], тој стана вулнерабилен и ранлив, а македонскиот либерал односно националист и конзервативец, остана како сираче без родители.
Дополнително, приватизацијата и грешните политики од транзициските политичари кои и денес гравитираат околу политичките збиднувања и сцена, му ја пресекоа папочната врвца на обичниот граѓанин од својата татковина.
Партизацијата на општеството рефлектирана во клиентелизам и пренатрупана државна администрација, потсетува на преполнетите домови за сирачиња каде што државата [во случајот негувателот] не успеа да му обрне доволно внимание на потенцијалниот квалитетен кадар [во случајов децата], па така во процес на градење на силни партии а не држава, го загубивме квалитетот залагајќи се за квантитет.
Натрупаната администрација преку процес на клиентелизам, недостаток на прогрес кој го наградува квалитетот, напротив се оди напред само преку филтер на партизација, го направи македонскиот граѓанин понижен и не борбен, креирајќи младина која постојано чека можност за вработување во јавниот сектор и општеството и го разбира тоа како вид на „понуда“ за заработувачка преку минимален труд.
Чувството на труд и награда како и прогрес заради резултатите на истиот поединец се клучната „дрога“ која ни е одземена, а таа е дрогата која не приврзува и за татковината и која ни дава стимул дека за нешто да е добро, треба борба и труд! Нажалост, затоа денес имаме полни партиски митинзи, а празни улици за културно-геноцидни прашања како што е загадувањето кое одзема 3.000 животи годишно, наталитетот кој опаѓа, правдата која се повеќе потфрла, но и поразената и празна дипломатија. Од друга страна пак, имаме богати и полни џебови на поединци кој немилосрдно се борат за статус-кво позиција која ги одржува во сигурна зона жртвувајќи национални интереси за своја лична кариера.
Патот кон силна и стабилна македонска држава во периодот што следи започнува со промена на изборниот модел кој како домино ефект ќе влијае врз секој процес на демократизација и стабилизација на републиката. Токму поради тоа, идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК организираше дебата по која следат неколку дополнителни фази до конечна изработка на модел кој ќе биде презентиран до парламентарните структури и за кој со сите сили ќе се обидеме да го имплементираме.
Наскоро, првото наше ветување успешно ќе го завршиме, а реализацијата зависи од секој од нас! Конзервативци сме затоа што сакаме да го зачуваме најдоброто, а да го реформираме најлошото.
Стефан Василевски – идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК [Conservative.mk]
Следете не на Facebook, Instagram & YouTube.
ЗАБЕЛЕШКА: Конзерватив МК [Conservative.mk] работи во постојано партнерство со Алијансата на конзервативци и реформисти на Европа (ACRE) како и ЕКР Групата – Европските конзервативци и реформисти во европскиот парламент.