Во  светот денеска, во модерните, повеќепартиски политички системи постојат, најчесто два изборни модели: мнозински и пропорционален изборен модел. Самите општества согласно нивниот историски развој, ги бираат адекватно најкомпатибилните изборни модели, кои ја трансферираат волјата на електоратот ( граѓаните кои гласаат) ,  и ја претвораат во изборни мандати на изборни функционери.

Во Република Македонија, од нејзината независност, досега се применети двата најчесто користени изборни модели. До  1998 година,  пратениците во македонското собрание беа бирани според мнозинскиот изборен модел, додека од 2002 година, на сите наредни парламентарни избори, народните избраници беа бирани според пропорционалниот изборен модел. Двата изборни модели имаат свои предности, но и голем број на маани. Мнозинскиот изборен модел, воопшто не е паритетно репрезентативен, и истиот е најсоодветен да биде применет при избор на единствен јавен орган ( градоначалник, претседател на држава), додека пропорционалниот изборен модел ( оној кој денес се применува) , е најдобар за избор на членови на колективен орган ( членови на Совет на локална самоуправа или пратеници). Сепак, пропорционалниот изборен модел кај нас е модел на затворени партиски листи, односно граѓаните бираат ( заокружуваат) политичка партија, која номинира кандидати за пратеници / советници.

Овој применет модел кај нас  форсира партитократија, односно ја концентрира целокупната партиска моќ во рацете на една партиско-политичка врхушка. Тоа што со години, па и повеќе од деценија, претставници на условно кажано помали политички партии, невладини организации, поединци, па и екперти по конституционално право или политички систем го бараат е промена на изборниот модел со  отворени партиски листи. На овој начин, граѓаните по преференцијален избор ќе имаат можност да ги изберат вистински своите избраници кои сметаат дека најдобро ќе ги застапуваат нивните интереси, односно , тие советници и пратеници во суштина и де факто ќе бидат ,, народни“ избраници. Денеска, се само декларативно избраници на народот, а вистински се избрани ( поставени и делегирани) од партискиот центар на моќ .

Од друга страна, поделеноста на картата на Република Македонија во шест изборни единици е друга „ маана“ која го деформира политичкиот систем и ја суспендира изборната трка помеѓу политичките партии и коалиции од проста причина што ги форсира предизборните големи коалиции предводени од двата блока на левицата и десницата. Помалите политички партии однапред се „ исфрлени“ од игра, бидејќи поделеноста на изборната мапа на шест изборни единици прави „ раситнување“ на нивните гласови кои „ горат“ по изборните единици, доколку не го постигнат изборниот цензус , неретко над 8.500 гласови по изборна единица.

Во практика објаснето, во Република Македонија се случува две политички партии да освојат ист или скоро ист број на гласови , и притоа едната да добие два ( 2) пратеници во Собранието на Република Македонија, а другата нула (0).  Со ова се погазува и поништува принципот на „ еднаквост на гласот“ како едно од најсветите правила во светот на повеќепартиската демократија „ еден глас исто се брои“.  Ова

е една од посериозните, но не единствена причина која го прави овој модел несовршен , дури и противуставен бидејќи го дерогира погоренаведениот изборен принцип, односно се поништува валидноста на гласот на еден граѓанин. Во суштина, и на практика, му доаѓа дека „ гласот на едни граѓани во Република Македонија е повреден од гласот на други“, бидејќи на првите нивните гласови се репрезентираат во Собранието, додека на вторите воопшто не. Во 2006 година, на парламентарните избори кои се спроведоа со овој изборен модел, дури имавме ситуација кога една политичка партија освои помалку гласови од друга, во вкупниот број, а беше за еден пратеник повеќе репрезентирана во собранието на Република Македонија. Тука станува збор за бројот на освоени гласови на новоформираната Нова Социјалдемократска партија ( НСДП) со лидер Тито Петковски, која освои 56.624 гласови и доби седум (7) пратеници, во однос на ВМРО-Народна партија која освои  57.077 гласови и освои шест (6) пратеници. Оваа изборна несовршеност особено се нагласува и се покажува во однос на етничките партии во Македонија, кај едни  во нивна корист, кај други на нивна штета.

Имено, голем број на етнички заедници во Република Македонија живеат насекаде распространети низ територијата на земјата, па оттука доколку една етничка партија од помалите етнички заедници учествува на избори, може да освои значителен број на гласови ( пример: над 40.000), и истата да не биде репрезентирана во македонскиот Парламент. Ова особено важи за ромската, српската, турската заедница.  Овој изборен модел, најдобро би се променил во корист на демократичноста, транспарентноста и правичноста, доколку истиот би се трансформирал во модел со отворени изборни листи со мал изборен праг од околу 1%. Зошто 1 %? Бидејќи денешниот изборен модел најчесто дава еден претставен пратеник со околу 8.500-9.000 гласови во изборните единици каде што излезеноста на граѓаните е највисока ( 73-74 %), па оттука,  1 % од вкупниот број на излезени гласачи е репрезентативна пресметка. Доколку изборниот праг е  3%, или повеќе од 3 % , тогаш одново голем број на гласачи нема да бидат репрезентирани во институциите на системот на државата. Точно, во голем број демократски држави има изборен праг, од 3%, 4 %, па и повеќе проценти , но тие се држави  кои низ историјата искусувале различни варијации на својот изборен модел, честопати менувајќи го за да ја заштитат демократијата од наплив  на отворено фашистички , нацистички и ксенофобични партии и поединци кои сакале да се инфилтрираат во системот. Република Македонија согласоно Уставот,  досега на својата политичка сцена не била соочена со отворена нациситчка идеологија од своја политичка партија, па оттука изборниот праг не е нужен , за да биде поставен како брана за влез на овие крајнодесничарски опасни идеолошки политички партии и поединци кои би биле противуставни, а сепак според освоените и изборни гласови ќе бидат претставени во телата на институциите.

Многу пати, е дискутирано, дебатирано и  е нагласена потребата од промена на изборниот модел , најчесто променет како  гореспоменатиот предлог во текстот, но секогаш тоа останувало заборавено на тркалезната маса каде што се говорело, или пак било само лицемерна потреба на политички поединци да се искажат така во јавноста. Само со силен, институционален и вонинституционален притисок, работите можат да се сменат, и во име на демократичноста, праведноста и фер изборната трка, изборниот модел да се промени  и истиот  да претставува подеднаква стартна позиција за сите партии и сите политички коалиции кои ќе се натпреваруваат во трка по гласовите на електоратот.

Автор: Благојче Атанасоски, граѓанско здружение МОДА.
Благојче Атанасоски е политички аналитичар кој беше дел од дебатата организирана од идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК [Conservative.mk] наречена „Слободни и фер избори“. Погледнете ја целата дебата со кликнување тука.
Следете не на FacebookInstagram & YouTube.

Сподели: