Потребна е промена на изборниот модел!
21/11/2018 In Conservative.MK Leave a comment
21/11/2018 In Conservative.MK Leave a comment
Во Македонија е потребна промена на изборниот модел!
Во Македонија е потребна промена на изборниот модел, заклучија учесниците во дебатата „Слободни и фер избори“организирана од идеолошкиот и аналитички центар Conservative.mk. Учество во дебатата земаа претставници на условно наречените помали партии позиционирани центар-десно во македонскиот политички блок. Токму таа политичка позиција центар-десно, е дел од идеологиите кои ги промовира Conservative.mk, како конзерватизам, класичен либерализам, либертаријанизам и национализам.
Дебатерите Ѓорѓи Трендафилов (претседавач со Националниот комитет на Граѓанско демократска унија-ГДУ), Слободан Близнаковски (член на Извршниот комитет на ВМРО-Народна партија), Зоран Шапуриќ (потпретседател на Либерарално демократска партија), Медо Балиќ (член на Извршниот одбор на Партијата за општествен и економски напредок), Ванчо Шехтански (претседател на ТМРО), Благојче Атанасовски (претседател на граѓанското здружение МОДА), Михаил Новковски (претседател на подмладокот на Обединети за Македонија) и Стефан Василевски (управител на Conservative. mk) стигнаа до заклучокот дека во Македонија нема услови за спроведување на фер избори, поради изборниот модел преку кој истите се спроведуваат.
Учесниците во дебатата искажаа став дека Македонија треба да стане една изборна единица со отворени пратенички листи. Претставникот на ГДУ, Ѓорѓи Трендафилов го претстави и решението за проблемот што го нуди неговата партија, додавајќи дека освен промената на изборниот модел, тие предлагаат намалување на бројот на пратениците во македонското собрание од 120 на 90 членови, а исто така и воведување на цензус во зависност од тоа колкав број на партии се коалицираат предизборно. Останатите дебатери обрнаа поголемо внимание на отворените листи, подвлекувајќи дека тоа ќе помогне во македонскиот парламент да влезат навистина вредни луѓе, а не само машини за гласање. Од излагањата на учесниците стана јасно дека овој изборен модел не им одговара на големите политички играчи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи истиот ќе ја наруши нивната доминација на политичката сцена и ќе донесе поголем колорит во македонскиот законодавен дом.
Претставниците на ЛДП и ПОЕН, Шапуриќ и Балиќ истакнаа дека промената на изборниот модел е потребна и за да се зголеми застапеноста на што е можно поголем број на граѓани, кои поради сегашниот модел не можат да добијат свој претставник во парламентот. Лидерот на ТМРО Шехтански пак истакна дека поради сегашниот систем, во Македонија се менува еден режим со друг. Тој додаде дека според Донтоновиот модел гласовите на луѓето што ја дале својата поддршка за помалите партии не „паѓаат во вода“ туку се делат меѓу големите играчи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Шехтански дури ја предложи опцијата бојкот на помалите партии, ако изборниот модел не биде сменет.
Дебатата „Слободни и фер избори“ е прв настан од таков тип во организација на Conservative.mk. Од таму најавија дека во следна прилика ќе бидат поканети и други претставници на партии со левичарска и десно ориентирана политичка позиција со социјал-демократска, демохристијанска, социјалистичка и друг вид на идеологија. Модератор на дебатата која се одржа во кафе-барот „Клиника“ во Скопје, беше Александар Богоевски главен уредник на платформата Conservative.mk. Од аналитичкиот центар информираа дека и покрај фактот што поканиле претставници од повеќе политички субјеќти, дел од нив не беа присутни на настанот.
Конзерватив МК [Conservative MK]– идеолошки и аналитички центар
www.Conservative.mk