Интервју помеѓу главниот и одговорен уредник на Conservative.mk, Александар Богоевски и Милан Клемпир, политички аналитичар и член на партијата ОДС од Република Чешка.


Почитуван господине Клемпир, пред сè би сакал да Ви се заблагодарам за издвоеното време и за тоа што се согласивте да одговорите на неколку прашања за нашиот идеолошки и аналитички центар Conservative.mk.

  1. Би сакале ли да ни кажете нешто повеќе за себеси и за Вашата позиција во ОДС (чешката Граѓанска демократска партија, главната либерално-конзервативна политичка партија во Чешка и членка на АКРЕ)?
  • Уште од мојата дванаесетгодишна возраст во мене се појави интерес за политиката, а подоцна и решив да студирам политички науки на Економскиот универзитет во Прага. Мојата втора пасија е новинарството. Оттука, уште додека бев студент, пишував колумни за студентското списание. Потоа се вработив во една од најпопуларните чешки телевизии „Тв Нова“, каде што бев новинар, а потоа и репортер. Но, сепак она што најмногу го будеше мојот интерес е политиката. Член сум на ОДС од 2016 година, така што им пристапив со барање да ми дозволат да помогнам во нивната предизборна кампања, со оглед на тоа што веќе имав стекнато искуство во областа на аналитичкото новинарство. Во наредниот период ми понудија позиција на политички аналитичар, каде што веќе работам една година. Мојата обврска е да ги прегледам и резимирам новите документи и закони поврзани со работата на државните тела и дополнително собирам информации за новинарски колумни во врска со политичката состојба.
  1. Conservative.mk, како идеолошка организација која се залага за слободна пазарна економија, класичен либерализам и конзервативни вредности во Република Македонија, е многу заинтересирана за поимот за идеологија. Би можеле ли накратко да ни ги објасните главните начела за кои се залага Вашата партија и причините зошто членството силно верува во нив? 
  • Ние сме либерално-конзервативна партија. Тоа значи дека промовираме слободен пазар, ја почитуваме слободата на секој поединец да си ги остварува соништата и целите. Убедени сме дека личната иницијатива [но и личната одговорност] се клучни за успешна економија и за среќно општество. Меѓутоа, ние веруваме и во конзервативниот идеал. Познато е дека во минатото се создаени одредени вредности кои се универзални и основни за секое општество. Таква вредност е семејството – фундамент на еден период од нашиот живот, од детството, па сè до „озбилните“ години.
  • Исто така, ние веруваме во нашите корени, корените на нашето општество, држава и нација. Мислам дека заедничкиот национален идентитет во едно општество е многу важен за да ги сполотува луѓето и да создава подеднакво за сите. Таквиот национален идентитет не е национализам, туку природен патриотизам, кој сè повеќе расте во Европа. Мислам дека ова е основа на десничарската партија, а ние сме единствените во Чешка кои вистински се придржуваат кон ваквата идеологија.
  1. Конзерватизмот расте ширум Европа, во многу земји како: Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, па дури и Германија. Би сакале ли да ни кажете како младите во Вашата земја гледаат на оваа идеологија? Дали постои поддршка од младите за конзерватизмот, во однос на некои други идеологии, како социјализмот?
  • Зависи од тоа со кого и каде разговарате. Кога ќе ги прашате младите во нашиот главен град, Прага, многумина не се конзервативци. Тие најчесто се либерални по своите убедувања, па дури и прогресивни. Некои мислат дека доколку верувате во националниот идентитет, всушност сте националисти или радикалци. Но, кога ќе излезете од границите на главниот град и ќе се сретнете со млади луѓе од помалите места, ќе увидите дека тие се многу поконзервативни. Од друга страна, пак, тие истите посакуваат и еден вид социјализам, односно голема држава. Па на овој начин е поделено и нашето општество. Сепак, мислам дека и во европските земји и во Чешка постои зголемен интерес за националниот идентитет, сѐ повеќе се цени потеклото и сѐ повеќе се јавува грижата за нештата на национално ниво, наместо на наднационално. Во нашата земја, најмалку кај еден дел од населението (50–75%).
  1. Како што е познато, нашите народи делат слични традиции и вредности, па дури може да се рече и заедничко наследно минато. Дали би можеле ова да бидат причини за соработка меѓу организации, политички партии, па дури и граѓани од Република Македонија и Република Чешка во иднина и зајакнување на односите поемѓу државите?
  • Секако. Убеден сум дека соработката со луѓе кои ти се во многу нешта слични е подобра. Со луѓе кои делат слично потело, слични цели, идеи или погледи, па дури и кога, во некој случај, имаат слична историја. Затоа мислам дека ние би можеле да соработуваме и да си помагаме едни на други. Дополнително, ние имаме и заеднички проблем. Миграциската криза предизвика многу проблеми и мислам дека европските земји (исто така и ЕУ) треба повеќе да соработуваат со Вашата земја и земјите на Балканот. Колку што ми е мене познато, Вие сакате да станете членка на НАТО уште од 2002 година, а јас не можам да разберам како е возможно сѐ уште да не сте! За ова треба побрзо да се погрижиме…
  1. И за крај, Вие ја имавте честа да учествувате на некои од самитите во организација на АКРЕ, поточно на самитот кој беше одржан во Молдавија, во октомври 2018 година. Би сакал да слушнам нешто повеќе околу Вашите впечатоци за самитот и кои беа клучните прашања за кои се дискутираше, а се важни за Европа и Европската унија.
  • Самитот беше многу интересен и ми остави големи впечатоци. На пример, запознав еден Белорус, кој како активист се бори против режимот на Лукашенко. Го слушав додека говореше за ситуацијата во Белорусија, каде што не постојат избори, но постои насилство врз луѓето, и како „снемува” одредени политички активисти и искрено се почувствував пресреќно што ние имаме слободна и демократија. Од важните точки за коишто се дискутираше на самитот би ги издвоил и самите причини за постоењето на АКРЕ, односно АКРЕ е движење кое има за цел да внесе реформи во ЕУ. Унијата има многу проблеми. На пример: огромната бирократија, неспремноста и неможноста да решава важни проблеми (Украина, кризата во Либија или Сирија, миграциската криза, Брегзит итн.). Сметаме дека ЕУ треба да стане полиберална и да решава повеќе работи на национално ниво. Тоа е вистинската сила – од секоја држава, а не од Брисел.

Господине Клемпир, уште еднаш Ви благодарам во свое и во името на Conservative.mk за издвоеното време и за исцрпните одговори на поставените прашања. Ние како тим се надеваме на понатамошна соработка со Вашата партија и Вашата земја и Ви посакуваме многу успех во иднина!

Conservative.mk работи во партнерство и постојана соработка со: Alliance of Conservatives and Reformists in Europe – ACRE.

Сподели: