Карантините или „lockdowns“ не само што се лоши и неефективни, туку и не се фер. Сиромашните потешко се справуваат од богатите фамилии, а приватниот сектор е повеќе погоден од државниот. Само модел базиран на слобода, ликвидност, но со силна индивидуална свест на граѓанинот, може да помогне во пандемијата. Како до тој модел?

Моделот на „швајцарско сирење“ или „swiss cheese“ е еден од најсоодветните прикази за анализа на ризик и управување со истиот, кој перфектно се отсликува со ковид-19 кризата. Ја илустрира заканата (а) од Ковид-19 (најлево) кон (б) човечкиот организам (најдесно), преку повеќе парчиња швајцарско сирење, наредени едно зад друго, во кои ризикот од заканата да стане реалност се ублажува и се намалува со различните слоеви (мерки). Секој слој (мерка) е едно парче сирење. Повеќе слоеви ја намалуваат заканата. Сепак, мерките наведени на приказот во никој случај не ги загрозуваат социо-економскиот баланс на државата, бизнисите и граѓанинот!

Секоја интервенција (мерка) има свои несовршености (дупки во ѕидот на сирењето). Повеќе слоеви мерки и добар менаџмент го подобруваат успехот, а не карантин и затворања.

Лекот не смее да биде полош од болеста!

Секоја мерка како карантин или нелогични рестрикции, е надвор од овој круг на „swiss cheese”. На пример, доколку се одлучиме на карантин (lockdown), тој би бил додаден најлево, пред ковид-19 (види приказ 2). Да, додека трае карантинот можеби ќе се минимизираат часовите на потенцијална изложеност, но во никој случај не претставува соодветна и дополнителна мерка за превенција која како парче сирење би се додала во средина на приказот. Исто така, карантинот влијае врз социо-економски дисбаланс со потенцијални лоши ефекти врз менталното здравје. Дополнително, стимулира гужви пред маркетите и аптеките, со што се „бушат“ нови „дупки во сирењето” (системот).

На исти начин би делувало и намалување на работното време на угостителите, само таа мерка би се додала најдесно. На пример, доколку го намалиме работното време на угостителите од 00:00/01:00 на 23:00 часот, таа мерка не би била слој (парче сирење) помеѓу (а) ковид-19, почеток, лево и (б) угостителот/гостинот од десно на приказот. Напротив, мерката би била надвор од овој круг, а до 23:00 часот, гостите и работниците остануваат изложени на бариерите од „swiss cheese# моделот. Секако, угостителите треба да работат според сите протоколи, а не да прават скриени или јавни („Аватар“) журки, келнери да носат маски под нос и слично. Додавање мерки (слој) како зголемена едукација за заштита на угостителите и контрола за запазување мерки, да. Забрана за работа, не! Оттука, легитимно е да си го поставиме прашањето: Што понатаму?

Шведски модел во Македонија: Зошто и како?  

Зошто? Шведска, за разлика од најмоќните две држави од ЕУ, Франција и Германија, има далеку помалку случаи на ковид-19. Исто е и во споредба со Велика Британија. Споредбата е релевантна бидејќи земени се во предвид (десно) целокупниот биланс на КОВИД-19 од почеток на кризата, како и (лево) последните 10 дена од пишување на овој текст. Приказот покажува дека во Шведска сè уште не е почнат втор бран:

Првата „контра-теза“ на овој приказ може да биде бројот на починати во Шведска при првиот и единствен бран. Да, точно, поголем беше од останатите држави, но Шведска призна само една маана на нивниот модел на која не внимавале на почетокот: соодветна или подобра заштита на постарите лица и тие со коморбидитети, кои се категорија од поголем ризик. Затоа, денес Шведска може да се пофали со драстично намален број на починати, нови случаи, а дури и помалку починати од Македонија во последните 10 дена!

Другата контра-теза на првиот споредбен график може да биде пресметката на бројките по глава на жител и споредбата помеѓу Германија и Шведска. На тој начин, Германија би изгледала „помалку афектирана“, но тоа не е точно. Еве зошто. Прво, Германија се соочува со втор бран со далеку поголем пик на заболени од првиот, а во Шведска вториот бран не е почнат. Второ, за Германија не се земени економските последици од воведувањето на карантин и рестрикции. Аргументот дека економијата во Шведска е погодена како и сите останати, не е точен, се вели во текст на Washington Examiner.

„За очекување е дека земјите со средна големина ќе бидат погодени од една ваква светска криза и од вонредните мерки воведени од страна на своите национални влади. Но, Шведска за разлика од другите држави успеа да ја преброди кризата без сериозни последици. Шведскиот БДП падна за 8,3% во вториот квартал од годината (споредено со 2019 година). Во САД падот на БДП беше 9,5%, во Германија 11,7%, во Канада 13,5%, во Велика Британија 21,7% и во Шпанија 22,1%. Според најновата студија на Данске Банк, ако ја гледаме 2020 година како една целина, Шведска се очекува да искуси пад од само 3,3%, споредено со САД чија економија ќе се намали за 4,3%, Обединетото Кралство ќе има намалена економска активност за 5,8%, а уште полошо ќе биде во Еврозоната, која ќе доживее пад од 8,3%“ – вели претседателот на Иницијативата за слободна трговија, Даниел Ханан.

Како понатаму?

Знаете кога сме во невоља? Кога доктор како мене, земјоделец, обичен работник или пак дури и човек со средно школо кој нема стручно познавање од економија, ќе може да забележи економска криза. А обратно, ковид-19 кризата од медицински аспект е товар кој го забележуваат најмногу лекарите, примарно матичните. Не ги афектира другите струки на начин како парите и економијата.

Како понатаму? Потребно е лидерство со цврста рака, кое ќе спроведе неселективна правда и ќе презентира про-бизнис модел за ковид-19, базиран на економска слобода и ликвидност. Притоа, цврста рака не е синоним за тоталитарен лидер или авторитарна држава. Напротив, според британско истражување, во Македонија, 85% од младите бараат енергични, силни водачи со став и личен интегритет, способни да го бранат интересот на нацијата. Лидерство кое нуди решенија, а не само празна критика.

Праксата во високото образование да се спроведува преку вежби, во живо, додека предавањата онлајн.

Нормално работно време за сите бизниси и индустрии, без кратење (можна адаптација кон скалесто време за регулација на гужвата во јавниот транспорт).

Редовни контроли во јавниот превоз, дополнителен капацитет на автобуски линии.

Едукација на вработените од страна на работодавачите за правилно носење и користење маски (најчеста грешка: носење маска под нос).

Без примена на карантин.

Подготовка за кризна (не вонредна) состојба, со повеќе кризни штабови низ државата (распределената моќ е секогаш подобра од централизираната).

Поголемо партнерство помеѓу јавното и приватното здравство, државата и приватното здравство.

Понуда на многу други мерки кои би биле адаптабилни како слој (парче сирење) во „swiss cheese” моделот на превенција.

Заклучок: Правилниот менаџмент на мерки, но и индивидуалната свест на граѓанинот, се ѕид со најмалку дупки и најдобар механизам кон одбрана од ковид-19. Да, во Македонија менталитетот е на ниско ниво, но дополнителни рестрикции како карантин, ограничување на работно време или „забрани”, докажно не функционираат. Исто така, докажано лошо влјијаат и врз економијата. Па тогаш, чуму да се размислува за нив? Да ги испратиме во историјата.

П.С. Не се надевајте на вакцина, бидејќи ефективната терапија е подобро и долготрајно решение.

(Авторот е дипломиран лекар по општа медицина и управител на Идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК, conservative.mk)

Сподели: