„Фракинг“ (Fracking), или како производството на нафта од нафтени шкрилци во САД ќе го одлучи победникот на претседателски избори
21/10/2020 In Conservative.MK, Европа и светот, Екологија, Економија Leave a comment
21/10/2020 In Conservative.MK, Европа и светот, Екологија, Економија Leave a comment
Во мојата анализа околу првиот дуел Трамп – Бајден, нагласив дека Бајден има голем проблем: за да добијат широка поддршка, Демократите и Бајден направија „пакт“ со екстремната левица и социјалистите. Тоа значеше дека дојдоа во конфликт со своето традиционално гласачко тело кое е лево од центарот. Како? Преку наративот и ветувањата спрема екстремната левица, кои Демократите ги прифатија, а сега им висат како Дамаков меч
Кога ќе ги отворите сајтовите од берзата низ светот (и сакате да видите дали Регулаторна оваа недела ќе ги намали или ќе ги зголеми цената на горивата), среќавате две имиња на цени на сурова нафта: „Брент“ (Brent Oil) и „ВТИ“ (WTI). Името „Брент“ произлегува од Британските нафтени извори во Севертното Море, но најгрубо кажано, тоа е општоприфатениот назив за сурова нафта на сите ОПЕК+ (Organisation of Petroleum Exporting Countries, + Русија) производители, чија екстракција се состои во директно испумпување на ликвидна сурова нафта од изворот.
„ВТИ“ е скратеница од „West Texas Intermediate“, или нафтата од шкрилци, која се добива при хемиски процес наречен „хидраулично кршење“ или „фрактурирање“ (оттука и името фракинг) и тоа е бенчмарк за средна цена на американските фирми за производство на сурова нафта.
На област каде е утврдено дека постојат нафтени шкрилци, се дупчи отвор во земјата, најпрвин вертикално, од неколку стотини метри, па до неколку километри. Кога ќе се утврди дека вертикалното дупчење доспеало до нафтените шкрилци, тогаш дупчењето продолжува хоризонтално, уште неколку километри, паралелно со површината на земјата. Потоа, во издупчениот тунел се пуштаат огромни количини на вода (од 8 до 10 милиони литри вода, во зависност од големината на тунелот), измешана со песок (неколку тони) и хемикалии (од 100 илјади литри па нагоре). Преку хидрауличен притисок, водата практично се вбризгува во пукнатините на шкрилецот, што прави тој да се расцепка на уште безброј мали пукнатини, песокот спречува пукнатините да се затворат, а хемикалиите иницираат ослободување огромно количество на гас и нафта. Водата помешана со раздробениот шкрилец станува нафтен флуид кој неколку пати се испумпува и се враќа назад во отворот да го повтори процесот. Кога карпата или шкрилецот веќе ќе бидат до крај раскршени и исцрпени, водата, помешана со хемикалиите се пушта за последен пат во тунелот и потоа отворот се запечатува. Тоа е процес на „хидраулично фрактурирање“ или „фракинг“.
Во првата половина од 20-ти век, економијата на САД галопирачки почна да се развива, што резултираше со огромна побарувачка на нафта. Во втората половина на 20 век тие станаа најголем потрошувач на нафта и нафтени деривати во светот и масовно увезуваа од земји како Арабија, Кувајт, Венецуела, но тоа мораше да се избалансира.
Геолошките истражувања покажаа дека државата лежи на нафтени шкрилци. Да се извади нафта од карпа која е и неколку километри под земјата, е исклучително скап процес и ретко која земја го прави тоа. Многу полесно и поефтино е да се увезе нафта, отколку да се копа.
За да бидат колку може помалку зависни од другите земји, САД решија полека, но сигурно да инвестираат во фракингот. Државата во време на администрацијата на Буш помладиот (2000-2008) почна да прави поволности и фирмите почнаа да инвестираат во работни места поврзани со ископување, хидраулика, хемикалии и рафинирање.
По доаѓањето на Трамп на власт во 2016, нафтената индустрија доживеа неверојатна револуција. Денес фракингот во САД придонесува со 8% во ГДП-то, а целокупната фракинг индустрија ангажира над 10 милиони работни места. Денес 70% од производството на Американската нафта доаѓа од шкрилците, а Американската нафтена индустрија задоволува околу 90% од потребите на американската држава. Во 2018 година, по огромните стимуланси од администрацијата на Трамп, САД станаа најголеми производители на нафта во светот, надминувајќи ги дури и Русија и Арабија. Уште повеќе, сега станаа и извезувачи на гас и на многу нафтени деривати.
Демократите и фракингот во 2020 – повторно неуспешно кокетирање со екстремната левица
Ако се кандидирате за претседател, многу очекувано е дека ќе ветувате отворање на работни места. Стотици, илјади, милиони… Внатрепартиските избори на демократите во 2019 и 2020 беа дотогаш невиден, уникатен пример на претседателски кандидатури кои ќе ЗАТВОРААТ работни места: и Џо Бајден, и Елизабет Ворен и Берни Сандерс и Мајкл Блумберг, сите се заветија дека ќе го запрат фракингот и било какво производство на енергенс од фосилни горива.
Во декември 2019, на дебата во Лос Анџелес, Џо Бајден, кој требаше да биде умерен Демократ, лево од центарот (наспроти социјалистот Сандерс, на пример), на прашањето ако стане претседател на САД, дали ќе го стопира производството на нафта и гас од шкрилци, дури и ако тоа значи „илјадници, можеби стотици илјади да ги загубат своите работни места“, тој без двоумење одговори: „Да!“, за потоа да додаде дека инвестирањето во сончева и ветровна енергија ќе ја спасело економијата. Многу наскоро потоа, на митинг во Њу Хемпшир, порача дека невработените работници од енергетската индустрија треба да учат како да програмираат.
Како врв на целата планина, кандидатката за потпретседател на Демократите, Камала Харис исто така е за забрана на фракингот речиси целата политичка кариера.
Пишува: Зоран Данилов, оперски пејач, голем фан на конзервативните политики како и на американскиот претседател Доналд Трамп.