ТАТО, А КОЈ Е ОНОЈ ЧОВЕК СО БРАДА?

Доцно пладне во Скопје, го држев мојот син за рака и се шетавме по празните улици. Под сенките од паметниците на бројните знајни и незнајни херои, старите луѓе играа карти, читаа дневен печат и резигнирано го испраќаа денот, кој им носеше нови фрустрации, чувство на болка и предаденост. Под сенките на славните херои, потомци нивни кои беа заштитени од сонцето преку нивната грандиозна сенка.

Како планина, како тело на млад револуционер да беше распослан над сиромашните Македонци, кои во себе ги стискаа знаменцата, весниците, и реквизитите доделени од некои си политички дебелогазовци кои веќе беа некаде укотвени во удобните и климатизирани канцеларии. Нив сонцето не ги арчеше. Нивното присуство, меѓу тие кутри и сироти луѓе, кои си ја сакаат својата татковина, беше овековечено само преку тв-камерите. Кој ли да просведочи за голготата и страданието на оние нивни следбеници кои ги арчеше сонцето и кои меѓусебе си поставуваа прашања кои не носеа никаков одговор. Го поведов син ми да им однесе некое шише со вода и да фрли некоја ситна паричка во нивните кутии за донирање, преку кои Тие, ја водеа својата донкихотска борба за Македонија.

Враќајки се кон мене, малото мое со трчање и со прстето упатено кон една бронзена статуа ме запраша: Тато, а кој е оној човек со брада?

Како планина тешка над нас малите луѓе, со пушка во левата рака и револвер во десната, гледаше и навален висеше ликот на Христо Узунов. Младото момче од Охридско кое во својата младост се одметна од прегратките на мајка си, девојките, другарите и своето детство ѝ го предаде на планината, на татковината. Јунак, кој својата борба за Македонија ја водеше далеку од објективите и камерите, кои ги ловат денешниве лажни патриоти во нивната поданичка и слепа политичка борба.

За Христо Узунов раскажува народот. Од генерација до генерација. За мирното, но бунтовно момче кое ги покрена своите соученици во Солунската гимназија на бунт. Момчето кое ги покрена своите другари во планината и момче кое на само 24 свои години лежеше по турските зандани. Колку ли само домашно воспитание, христијанство и машкост има во неговото писмо за неговата родена мајка, која ја отфрла за своја прва мајка, а тој примат и го дава на својата поробена и раскрвавена Македонија. Пример за секој човек кој решил да води патриотска мисија во денешнава современа Македонија. Сакај ја мајка си, сакај си ја татковината и служи ѝ нејзе како што ѝ служиш на својата болна мајка. Во едно писмо, во само неколку реда е напишана дефиницијата за чист и неизвалкан патритоизам. Лажните патриоти ќе ги препознаеме по нивната лажна гримаса на лицето. Оние вистинските? Тие тагуваат, се бунтуваат. Солза и оган чуваат во погледот. Силно стегната тупаница и зборови кои блујат како вруток, без пелтечење и двоумење.

И со целосна почит кон оние солунски, софијски, битолски мангупи кои ровареле и биле дел од револуцијата на Тајната македонско-одринска револуциеонерна организација, јас како икона во таа света борба го земам ликот на Христо Узунов.

Скромното момче, сакано од народот и подано на својот народ. Профил на Доне Штипјанчето, Јордан Пиперката, Ѓорги Сугарев, Ѓурчин Наумов-Пљакот, Дејан Димитров, Питу Гули… Бунтовник и борец од ниските и сиромашни слоеви на населението. Предан и верен на татковината и на сиромашното и страдално население, пресликано во херојскиот подвиг и спасувањето на збегот од Рашанец на околу 200 христијански семејства. Фитиљ на запалениот Балкан, опеан во песната Гори Балкан, каде четите на Христо Узунов удираат во силно укотвените упоришта на Аскерот, минираат мостови, сечат телекомуникациски врски, го евакуираат и спасуваат населениото од Охридско и Струшко од нападот на башибозукот и ранетиот Аскер, и по неуспехот на востанието, останува меѓу своите селани каде во нивни раце го предава својот живот и бара со револвер да му пресудат.

Токму таа предадена саможртва кон својот народ најмногу говори за духот во кој е воспитан Христо Узунов, познат како Арсениј Арсо, Самоил, Маглата, Роднина на Григор Прличев, син на духовникот Димитар Узунов, црковник и борец за независна македонска црква. Син на Анастасија, која своите деца ги воспитувала во патриотски дух, брат на Андон Узунов, паднат и загинат за Македонија. Еден убав круг, едно убаво македонско христијанско семејство, воспитано во духот на верноста на своите соселани, сограѓани, соборци.

Во заврштетокот на ова мое мало обраќање кон мојот малечок син, во неговите детски очи забележав мали прашалничиња и мали искрички. Се надевам доволно големи, да го запалат во него оној спој кои сите ние по крв и ДНК го имаме со нашите паднати комити и војводи; се надевам доволно големи за да бидат една тула во бедемот и браникот на нашата татковина. Доволно големи да го натераат утре сам да чепне по архивата на библиотеките и да прочита, да научи и истото тоа да го пренесе на малечките негови. Како приказна за добра ноќ, како приказна и лектира за примање на храброста и македонското. А македонското е најмногу таму… Во скромните и трошни куќи, по селата, по горите, околу огништето каде што се крши лебот наш насушен и се пие виното од гроздот презреан на нивите…

Институтот Христо Узунов, како засебно тело застанува под бајракот на обединетите конзервативци, десничари, патриоти од Македонија, под платформата на Conservative.mk, чија примарна цел е регрутација на патриоти ширум државата, кои ќе бидат каписла за палењето на огнот во Македонија кој ќе значи обединување, помирување и окрупнување на чистото патритско делување, исклучиво во корист на нашата татковина — Македонија. Библијата е водилка на секој христијанин, ликот и делото на Христо Узунов е водилка на секој македонски патриот кој својот зенит го гледа меѓу своите соселани, сограѓани. Надвор од елитистичките кругови, како вистински револуционери кои ќе го дигнат заспаниот дух на Македонецот и апатијата ќе ја претворат во мотив за борба.

Кристијан Мицкоски
Патриотски институт „Христо Узунов“
Идеолошки и аналитички центар — CONSERVATIVE.mk

Сподели: