Опортунистите го трчаат последниот круг
16/04/2019 In Conservative.MK, Македонија, Социологија Leave a comment
16/04/2019 In Conservative.MK, Македонија, Социологија Leave a comment
Роден сум во залезот на бивша Југословенска Федерација, последна генерација Титови пионери. Токму се бев заколнал на верност како рамноправен следбеник на паролата братство и единство, под знамето кое веќе половина век зрачеше цел спектар чувства од милитантна гордост до суеверна супериорност, овие епитети почнаа да се ронат „од Триглава па се до Вардара“, ронејќи со нив и милиони судбини. Милиони невини судбини, кои упорно веруваа дека барем еден од идеалите ќе опстане, ќе се врати, ќе донесе барем некаква „нормализација“. Упорно веруваа на своите лидери, кои пак веруваа, пред се, само на личните финансиски идеали.
Секако, бев премногу мал да сфатам хаос од такви размери, пропаст до такви длабочини. И не мислам само на економската пропаст. Начинот на кој општеството се смени, кородирањето на перцепцијата кон соседните нации, обезвреднувањето на трудот и достоинството на секојдневниот граѓанин, чиј единствен грев, сега гледам, беше само слепата верба дека трета странка ќе се погрижи за него подобро од што тој самиот би се погрижил за себе.
Како растев и ги слушав народните претставници и вестите околу нивното работење, се поочиглени беа дупките во нивната логика, и колку повеќе го разбирав нивниот вокабулар, се поочигледно стануваше нивното „незнаење“. И веќе бев на почетокот на моите средношколски денови, кога ми стана јасно: Тоа не беше незнаење. Тоа беше незаинтересираност. Или поточно, апсолутно отсуство на интерес, кој барем во своите маргини би имал нешто заедничко со интересот на луѓето кои народните избраници беа одбрани да ги претставуваат.
Додека дојде време да добијам право на глас, доверба во истиот повеќе не постоеше. Идеолошките хоризонти, веќе крајно контаминирани со непотистички и протекционистички сентименти (кои како виор зафатија и добра порција од мои соученици), додадени на тмурната реалност која нудеше само две опции на гласачкото ливче, не само што не влеваше никаква доверба во моќта на мојот глас, туку и цврсто ме убеди дека бојкот е најжешкиот шамар што можеме да им го врземе.
Две децении подоцна, и меѓувреме со само еден присилен глас даден (при служба во АРМ, старешината убаво ми се изнавика), ставот сеуште некако ми држи вода. А не е дека политичарите – или моите политички погледи – не се промениле во меѓувреме. Напротив. Како тие си ја пробуваа среќата, како си ја бараа најдобрата нијанса помеѓу црвено и сино која најекспедитивно би ги обезбедила со живот за 3+ генерации нанапред, така стануваа се по јавни, по храбри, и по бесрамни. Се појасна стануваше нивната вистинска мотивација…така јас набљудував, анализирав и учев.
Она што ме мачи пред претстојните претседателски избори е токму фактот дека ништо не е сменето. Ако размислам подобро, овој пат е и полошо. Премногу скапата цена која веќе долго време ја плаќаме за тоа илузорно членство во унија која денес ни најмалку не наликува на она поради кое се сложивме национално и општествено да се унаказиме уште пред речиси две декади, денес може само да се додаде на финансиската зависност, задолженост и должност во која се подлабоко не закопуваат луѓето кои упорно не уверуваат дека сакаат да не откопаат. И, овој пат, ги немаме ниту тие два избора, туку само еден. Да, имаме тројца кандидати, но обрнете на секој од нив по барем 5 минути објективно внимание и ќе видите дека во пракса, овој пат, нам ни е апсолутно сеедно кој ќе биде претседател на државата.
Секој од нив ќе игра како што му се свири. И многу е веројатно да ви кажат дека сето тоа е така поради тоа што:
* Така одат работите – глобална политика, не можеме ништо да направиме;
* Со глава низ ѕид не се оди, ако пробаме сами да си најдеме решение само полошо ќе си направиме;
* Мала држава сме, немоќна, како би можеле ние некогаш да бидеме независни од странски влијанија?
* Меѓународните регулации за национална сувереност не важат за нас
и ред други бесмислици, кои можат да имаат само еден од два ефекти врз млад и надежен мозок: првиот е еден мал спектар помеѓу нихилизам и индиферентност, и вториот е опортунистички. И токму тоа е она што го гледам кога ќе погледнам низ прозор. Нихилистичко-индиферентните (така да ги речеме, атер за дискусија) се поделени воглавно на две групи, од кои, зависно од можностите, едната го лечи својот политички паганизам преку комплетна внесеност во работата и сопствен успех без разлика на надворешната ситуација, а другата упорно чека Бугарски пасош.
Овој табор сосема го разбирам, и анализата на овој менталитет е разговор за друга прилика. Тие не ги креираат проблемите кај нас денес. Тие се само индикатор дека постои втората група.
Мене многу ме интересира оваа тајфа, опортунистите. Луѓето кои сосема свесно и непокорно ја закопуваат својата родна грутка се подлабоко во калта под сопствените стапки, оправдувајќи ги своите извитоперени идеали до изнемоштеност.
Каде е мотивацијата, ние, индиферентните, редовно се прашуваме. Кое е оправдувањето некои од нас толку рамнодушно да стапуваат во пакти и да потпишуваат спогодби кои само ќе го разнебитат секојдневието на нашите потомци, ќе ги втурнат во турбуленција која знае да остави ранлива нација како нашата со десеткувано поколение. Како можат да си дозволат?
Е па мотивацијата, сведена на својата најгола и најгруба основа, се оние четврт милион евра кои се истураат на дневна основа од големото семејство кон кое целиме, право во џебовите на поедини семејства кај нас. А лесно е да се познаат кои се тие семејства, само пуштете телевизија, ако во последниве две декади не сте пуштиле, и слушајте. Колку е погласна про-европската реторика, толку поголем процент од тој четврт милион на ден, за таа милионска уста.
И тоа е се. Главната идеја е, „ако не јас, ќе биде следниот“, и се така до денес, кога веќе жетвата и не е воопшто ни тајна, ни приватна.
Токму затоа мислам дека ова ќе ми биде последниот бојкот на избори во мојата држава. Затоа што ги видовме и ги слушнавме. Затоа што научивме. Затоа што најдовме подобар начин. Одбројани се деновите на опортунистите, испаруваат гласовите купени со страв, притисоци, пенкалца/календарчиња или топол оброк. Завршуваат уцените, умира вашата ера. Го плукнавте и последното зло од вашите недоделкани умови кои мислеа ова ќе нема крај. Ама ете, нема веќе што да се продава. Сега треба да се креира, а вас за тоа не ве бива. За тоа треба слободоумност која малку се разликува од онаа наметнатата која толку гордо ја веете над вас, не сфаќајќи дека всушност пловите под пиратско знаме.
Истерајте си ги и овие избори како и сите до сега, едните со јавни парафилични испадни, другите со убиствен патриотски надреализам.
Вистинската трета опција доаѓа.
Автор: Марјан Ќуринов
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на Facebook, Instagram & YouTube