Пред да го образложам насловот и повикот за итно одложување на изборите, ќе направам вовед во македонското здравство. Најголем проблем со кој се соочуваме е дефицитот на кадар, а за тоа зборува веќе подолго време најголемото друштво на млади лекари во Македонија, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – АСМЛ.

пишува: Стефан ВАСИЛЕВСКИ – дипломиран лекар по општа медицина и извршен директор на КонзервативМК

Уште лани, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – АСМЛ, на својата официјална фејсбук страница потсети на некои од загрижувачките факти, што се предмет на незадоволство помеѓу здравствениот кадар.

Од Извршниот одбор на АСМЛ посочија дека „Статусот на младиот лекар во Македонија е далеку од задоволителен и има многу што да се смени“ и притоа додаваат: „Повеќе од 90 лекари ја напуштија земјата од почетокот на годината, за 20% повеќе од истиот период минатата година. Продолжија скандалозни конкурси за вработување под старите одредби, со дискреционо право на комисијатa да одлучи за вработување без оглед на ранг листа по квалификации. Партиските вработувања се секојдневие и натаму“.

Македонија далеку под стандардот на ЕУ за здравствените институции

Во здравствените институции во Европската унија има стандард според кој има 362 лекари на секои 100.000 население. Секоја земја која е членка на ЕУ мора да го одржува тој стандард. За разлика од таму, во „Европска Македонија“ според последните достапни информации од заводот за статистика, но и просек од изминатите години, работеле за 20% помалку лекари во споредба со европскиот просек.

Дополнително, државниот завод за статистика вели дека до 2018 година (последна евиденција), Македонија располага со тотален број од 8.754 болнички постели (Hospital beds) од кој 1.637 за хирургија, 726 педијатрија и 880 гинеколошко-акушерски.

Заклучок: Доколку Македонија ја погоди ескалација на кризата приближна на таа од Италија, можно е да немаме соодветен квантитет на ресурси за справување. Затоа, уште еднаш ќе потенцирам дека избори во држава каде што политиката е замешана во секоја пора, во вакви моменти не ни се потребни!

Одложување на изборите како почетна превенција!

Особено е важно да се напомене дека вирусот „Ковид 19“ се пренесува преку близок контакт, а освен во изборната кампања, близок контакт има и на денот на избори. Верувам дека ДИК и политичките партии ќе се соочат со огромни потешкотии да состават тимови на набљудувачи и избирачки одбори, ако се знае дека во време кога се шири вирус никој граѓанин не би сакал себеси да се изложи на близок контакт со стотици лица во едно избирачко место од кои можеби некој е домаќин на овој опасен вирус.

Дополнително, доколку се одржат изборите на 12 април, тоа ќе значи дека истите ќе имаат ниска излезност. Граѓаните ќе се плашат во денови на ширење на вирус да излезат на избори. Ова ќе го доведе во прашање легитимитетот на било која наредна влада.

Иако сум подржувач на следна десна влада која би била предводена од столбот на македонската десница, ВМРО-ДПМНЕ, а со оглед на резултатот кој би бил во корист на коалицијата за Обнова на Македонија, сепак мислам дека политиката не треба да е приоритет во вакви кризни времиња. Изборите треба да се одложат!

Забелешка: Инфографикот не одразува формални податоци туку е неформална проценка на авторот базирана на повеќе фактори. Пред се, пратеничкиот состав на коалицијата за Обнова на Македонија нуди повеќе од 90% нови лица, а сепак со добро позната историја во политиката, животот но и своето поле на работа. Се разбира, секогаш може и подобро. Овој состав е чисто десничарски, за разлика од другата страна чија коалиција личи на се само не на вистинска левица.

Моите проценки велат дека натпреварот да би бил денес, би започнал вака: 52 за ВМРО према 48 освоени мандати за СДСМ. Но, развојот на „утакмицата“ би можел да оди во друга насока. ВМРО-ДПМНЕ реши да игра со според мене најдобриот играч во И.Е. 4, кој, верувам дека има сила да поентира и да го победи Заев на негов гостински терен со 11:9. Тука, ситуацијата веднаш би била 53:47. Исто така, И.Е. 3 и 6 со добра теренска работа може дополнително да изненадат.

Најтешкиот дел ќе биде И.Е. 1 и корекцијата на резултатот од 2016 година. Поради вештачката коалиција на СДСМ со Беса и фактот дека би имале „контрола“ врз одредено гласачко тело, можно е повторување на 10:8 во корист на СДСМ. Во Тоа би бил единствениот плус за СДСМ освен ако ДУИ не падне во И.Е. 2 па СДСМ/БЕСА да изненадат и таму со пратеник плус. И.Е. 1, подобар резултат на ВМРО би бил одраз на протестните и неутрални гласови.

Нешто повеќе за COVID19 (коронавирус)

Често во јавноста се појавуваат разни теории на заговор, конспирации, но и „фејк њуз“ како вчерашниот дека имало „само 8 респиратори“ во цела држава. Македонското здравство заслужува се само не ширење на паника и лажни вести. Сите релевантни информации треба да ги превземаме од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.

Теориите на конспирација, најлесно се разбиваат со графикот споделен на Светскиот економски форум, а изработен од СЗО, Енциклопедиа Британика и останати кој може да го погледнете на следниот линк.

Пример за тоа се развојот на Шпанскиот и Рускиот грип во 1918 и 1889 година за кој се верува дека исто така потекнуваат од Кина. За крај, би ви препорачал да се придржувате до препораките за превенција и да останете дома.

Сподели: