Парадокс „бесплатно“
06/03/2020 In Conservative.MK, Економија, Македонија Leave a comment
06/03/2020 In Conservative.MK, Економија, Македонија Leave a comment
Парадоксот „бесплатното“. Затоа што, како што премногу често можеше да се слушне од устата на Милтон Фридман, „Не постои такво нешто како бесплатен оброк“.
Бесплатното, и покрај тоа што е една од најпопуларните басни раструбени по митинзи од политичари гладни за моќ и контрола и проплакани за мека фотеља, сепак се шири вирусно како начелна парола во која, изгледа како се повеќе луѓе безусловно да веруваат.
Знаците дека „бесплатното“ е само пат до пропаст во најлош случај, како и економска тортура во најдобар случај, се премногу очигледни. Тие не бараат повеќе од неколку минутна ментална фискултура.
Контрадикциите започнуваат пред сè со фактот дека оваа мантра не го зема во предвид феноменот наречен производство кој верувале или не, зависи од еден друг феномен наречен инвестирање или давање пари. Затоа, колку и да мижиме пред реалноста, таа сепак ќе не удри в глава: некој мора да плати за „бесплатното“, затоа што некој се потрудил да го произведе и/или услужи, и поради тоа треба барем да престанеме да го викаме така. Иако, доколку неколку минутната ментална фискултура ја претвориме во малку повнимателна математика, потпомогната од обичен калкулатор и искуства од вистинскиот живот, ќе видиме дека правилниот епитет е сосема спротивен од „бесплатно“. Правилниот епитет е „прескапо“. Но за тоа друг пат.
За денеска би бил среќен само ако успеам да ве убедам дека бесплатно не постои, дека е само милозвучен десерт искористен од итри политичари за да се докопаат до врвот на пирамидата која ја градат. И токму тоа е целта на „бесплатното“ – да изгради пирамидален систем кој ги наградува оние на врвот, на сметка на оние на дното.
Поради начинот и основните принципи на кои функционира системот „бесплатно“, дури и кога тие политичари би решиле да овозможат се она што ветуваат, дури и кога би стапнале на врвот на пирамидата со најдобри можни намери, во најдобар случај парите наменети да се обезбеди „бесплатното“ ќе се разлетаат во ветрот. А знаете зошто? Затоа што парите се дадени под присила, од една група луѓе, на втора група луѓе, за решавање на проблемите на трета група луѓе, а за парите кои патуваат по така кривулест пат многу е тешко да се најдат на правото место во правото време. Во најлош случај, парите ќе завршат во нечиј џеб, бидејќи дури и будалиот не сака да фрла пари на ветрот, па дури и ако се туѓи.
Но настрана од симболиките и хиперболите постојат и подопирливи и далеку поконтрадикторни идеи кои на обичниот граѓанин би му дале до знаење дека нешто не е во ред со дарежливоста на програмите за „бесплатни“ средства и услуги.
На пример, истите луѓе кои предлагаат бесплатно образование, истовремено пропагираат повисоки плати за наставниот кадар. Истите луѓе кои ќе ви кажат дека здравството треба да се смета за основно право и со тоа и дека треба да биде бесплатно, наместо платена привилегија која се добива од тренирани и високо обучени специјалисти, ќе ви кажат дека истите тие високо образовани специјалисти заслужуваат да бидат платени со астрономски суми.
Оваа (не)логика оди до бескрај, со речиси секоја владина услуга, истите луѓе кои ќе бараат истата да биде достапна бесплатно, ќе ви кажат дека доставувачите на таа услуга заслужуваат да бидат добро платени.
И се надевам нема ни да се обидете да ме ставите во добро познатата непромислена стапица „Штом си против бесплатно здравство, значи не ти е грижа за најранливите, ниту каква медицинска услуга добиваат тие“, затоа што:
А) Секој што го мисли тоа, нека отиде доколку веќе не отишол, по јавните здравствени установи и нека види каква тоа бесплатна услуга всушност добиваат најранливите групи сега, кога сите граѓани присилно допринесуваат за да истите тие групи добијат квалитетна и достојна услуга;
Б) Ако јавното бесплатно здравство функционираше така добро, зошто сите банки и телефонски оператори имаат посебни сметки и телефонски броеви на кој граѓаните можат, а СЕКОГАШ, и непромашливо, донираат доволна сума за да им се помогне на најранливите од нас, секогаш кога ќе побараат? Зошто во тие моменти никој не мисли да го критикува владиното „бесплатно“ здравство, кое најчесто им е недостапно токму на овие луѓе?
и
В) Доколку имавме поинаков здравствен систем, можеби некои од моите најдраги ќе беа се уште со мене. Ова го додадов само за да не си помислите дека сум некаков трул богаташ кој никогаш не ја почувствувал „милозливосста“ на бесплатното здравство.
Бескрупулозноста, немилосрдноста, и крајната незаинтересираност која сум ја просведочил може само да се сретне кај некој кој единствена причина да ти помогне наоѓа само во фактот што и двајцата сте присилени во ситуација во која ти чекаш помош од него. Некој кому дебелината на џебот, а воедно и сигурноста на неговото работно место не му се менува без разлика на тоа дали си ја завршил работата или не.
Само помислете, зошто оние (политичарите) кои најмногу пропагираат и ветуваат бесплатно ова, бесплатно она, секогаш ги користат приватните, и обично поскапи варијанти? Колку политичари познавате кои се потпираат на бесплатното здравство? Колкумина од нив познавате што ја полагаат иднината на своите деца во бесплатно образование? Колкумина од нив сте виделе да користат бесплатен или барем евтин јавен превоз?
И на крај, колкумина од нив ја користат бесплатната услуга на редовните полициски службеници за сопствена заштита?
„Бесплатното“ ја убива можноста за подобар избор, ја убива конкуренцијата, иновацијата, ефикасноста, достапноста и квалитетот на услугата / производот. Само во општество во кое слободата на пазарот е загарантирана и ослободена од владините пранги може да се надеваме дури и најранливите меѓу нас да добијат достоен третман и право на квалитетен живот.
Автор: Марјан Ќуринов, автор на колумната и подкастите „Слободна тема“. Погледнете ја првата епизода од Слободна тема: центар-патриотизам со кликнување тука.