Развод. Конечно ослободување од прангите на брачното незадоволство, нефер доминацијата, непрестајните кавги, неверството, насилството, воедно – лудилата. И без разлика дали за вас разводот било нешто незамисливо, нешто недозволиво, може да дојде до него. Во многу ситуации и треба да дојде и е многу подобар начин да се одржи некој си нормален начин на живот, најмногу во интерес на обезбедување и/или зачувување на здрава и стабилна околина за оние кој најмалку планирале се од нивното раѓање, до начинот на кој тие ќе се развиваат. Оние кои не се прашуваат дали сакаат семејството да им се растури и најверојатно нема да ја ценат новонастанатата ситуација од самиот момент кога ќе ја забележат и без разлика што не ја разбираат.

Децата. И повторно, од бракот до разводот, се што двајца прават, го прават – или барем би требало да го прават само за нив. Личните интереси, желби, омрази и нетрпенија би требало да бидат барем во втор план. Затоа што сфатиле дека останување во брак или истапување од него, е најдобрата опција за децата. За жал, многупати, оние кои треба да бидат возрасни и разумни, и кои треба да влезат или излезат од ваков договор со некоја повисока цел на ум, тоа го прават од апсолутно себични причини. Што и не е до толку чудно, сепак не сме совршени, и не сме сите исти. Мислењата може да ни се променат, очекувањата и однесувањето исто. Плановите, желбите, приоритетите, сето тоа се само променливи кои зависат од еден куп фактори чија контрола е надвор од наша моќ. Овие причини и замисли не се за осуда, барем не во овој напис.

И кога имате комбинација на двајца луѓе од кои барем едниот е содржан во погорниот опис, се случува она што ми е и тема на денешниов мој крик: успешна злоупотреба на средствата, кои првично се осмислени да спречат токму тоа – злоупотреба.

Најверојатно она што ме натера да проговорам на оваа тема е фактот дека јас самиот моментално ги чувствувам непредвидените последици од правилата со кои се одредува родителувањето после развод. Инаку можеби немаше ни воопшто да дознаам за овие нечовечности.

Е сега, според законите со кои, според првичната замисла, требаше да се заштитат оние кои не можат да се штитат самите, не само од лошо и неодговорно родителување, не само од запоставување и негрижа, туку и од начисто физичко злоупотребување, разведените родители се делат на „примарен“ и „секундарен“ и во речиси 100% од случаите мајката се здобива со титулата „примарен родител“, без никакво преиспитување, без никаков сомнеж, а таткото е по автоматизам претворен од родител кој секој ден имал можност да и се радува на својата рожба, во еден од многуте повремени посетители на детето. Небаре е само сосед или случаен минувач во неговиот живот. Како да е носител на „небитни“ 50% генетски материјал и љубов потребни за да се роди тоа дете. Да не ни спомнувам за финансискиот трошок.

И така, од закон кој би ги штител најдобрите интереси на самото дете, добиваме закон – оружје за тортура на непослушни татковци. Татковци кои нема да играат по музиката на закоравените општествени сфаќања. Татковци кои нема да ги поминат и најригорозните имагинарни психолошки, педијатриски, родителски, емоционални тестови на не-баш-заинтересирани социјални работници, само за да добијат двочасовна посета на сопственото дете во текот на една недела, или еден цел месец. А во многу случаи и поретко. Татковци кои мора да си ја голтнат татковската љубов и да ја чуваат таму доле, измешана со експлозивен гнев,  затоа што вработените во институциите едноставно не веруваат дека таа љубов постои. “Мајка сака, татко плаќа” е очиглено мантрата по која се водат, и која јас би им ја испишал на канцелариските ѕидови. Татковци кои мора да плаќаат издршка за дете кое со секој одминат ден се повеќе се оддалечува од нив, и чија глава, во најранливиот период од животот му е редовно полнета со зборови и мисли за својот татко кои тоа не треба да ги слушне ниту од, ниту за душман, во ниту еден период од неговиот живот. Само затоа што на „примарниот“ родител му се може. Само затоа што на „примарниот“ родител му е дозволено, дури и премногу лесно, да ја маскира својата одмаздливост како загриженост, својата омраза како заштитнички инстинкт.

И простете ми за спамот со наводници, но ниту во лудило не можам зборот „примарен“ кога се работи за родител да го искористам во своето изворно значење. Сето тоа е производ на законски заштитеното краткотрајно и плитко размислување на, за жал, се поголем број „примарни“ родители. И сето тоа е законски поддржано, заштитено и невозможно да се оспори.

И сето тоа е одобрено од парадоксалните размислувања на неактивни социјални работници според кои, старателството на „примарниот“ родител над своето дете е премногу важно бидејќи детето во својата рана возраст е премногу чувствително на таа нивна поврзаност, и без истата менталните и емоционални последици би биле огромни, додека во исто време, детето нема да памти се што „примарниот“ родител им направил во истиот тој ранлив и чувствителен период откинувајќи ги насилно од „секундарниот“ родител, бидејќи тие се флексибилни во развојот и ќе ги надминат овие нечовечности.

А фактот останува, децата патат, и најверојатно ќе останат со значителни психолошки и емоционални проблеми поради овој контролен вакуум со кој тие практично присилно се лепат за еден родител, додека другиот, покрај тоа што несомнено им недостасува, останува исклучен од било какви одлуки, можност за влијание, право да биде информиран за секојдневниот напредок на своето дете, со еден збор – основното право да биде родител.

Единствен начин да се прекине овој пораст на неразумни родители, оваа мода на пасивно осакатување на цела една генерација на деца, законот на примарни и секундарни родители треба да замине во историјата, како што е случај во многу напредни земји. Законот кој претвора мајки во вештерки треба да биде сменет што побрзо, доколку сакаме да имаме генерација на деца кои, и покрај тоа што ја изгубиле можноста да почувствуваат нормални семејни услови, наместо да пораснат огорчени, збунети и во омраза, ќе пораснат со љубов кон тато и мама, среќни, исполнети, и подеднакво сакани од тато и мама.

Пишува: Марјан Ќуринов

Сподели: