Еднаш во една прилика кажав: Мајката, т.е. жената е јадрото на животот и јадрото на љубовта. Ценејќи ја својата мајка, жена, ти стануваш чувар на гнездото, кое светлост носи!

Мајката е извор на сè она што подоцна станува татковина.

Како што ние сме го примиле патриотското домашно воспитание, љубовта кон семејството и македонските традиции, така можеме и да знаеме што значи да ѝ се дарува љубов и почитување на својата татковина. Многувековното ропство на нашиот народ не би излегол со денешната наша, делумно заокружена државност да не беа нашите мајки страдални, кои од своето огниште израснале и воспитале многу наши синови, херои и преродбеници. Како денес Македонија им се одолжува на своите мајки? Каков статус имаат нашите водилки во ова труло општество? Дали жените во Македонија можат денес да се пофалат дека го зазеле своето заслужено место во општеството? Дали 8 Март е единствениот ден кога треба да се присетиме на нив или секој ден во годината треба им го даруваме како нивен? Со почит, со ценење на нивниот труд и на нивната мака, која во општество премалку се вреднува, а токму тие ги чуваат и воспитуваат нашите деца. Чувари се на нашите семејства со двојно работно време во текот на денот. Се експлоатира нивниот труд, а потоа во своите домови собираат сили за мајчинска насмевка и љубов кон својата челад и сопруг.

Нашите мајки во голем процент се современи робинки на трулиот систем. Заклучени во хангарите на фабриките, и во недели и за празници, каде не се наплаќа нивниот труд, туку под притисок од губење на работното место молчат, затоа што никој нема да праша за теророт над нив. Скршете ги катанците на фабричките дворови! Тропнете им на вратите на директорите кои практикуваат современ феудализам. Пратете им инспекции на оние кои наместо долг кон нашите мајки отплаќаат долг кон партиите со финансирање на нивните гнасни кампањи. Инспекциите нив ги заобиколуваат и газдите можат слободно да ги тормозат и во недели, и за празници, и на денот на давање на личниот доход, кога дел од трошното заработено се враќа „на рака“ кај партиските спонзори!

Изградила ли оваа држава систем да им помогне на самохраните мајки? За жените кои сами одгледуваат деца и се грижат за нивното воспитание? Ги заштитивме ли со закон жените од непристојните предлози на своите споственици? Од непристојните погледи кон градите надоле и од воспоставените стандарди повеќе да се цени женскиот неморал од женскиот морал и чесност? Сме виделе ли во минативе 27 години некој сопственик кривично да одговара за злоупотреба на чесните жени? Треба ли ние како институт, како поединци, или како група на граѓани на пример, да тропаме на фабричките порти со вклучени камери и да евидентираме колку се почитуваат законите за работни односи? А можеме да бидеме аларм кој ќе ги крене од своите фотељи оние кои земаат плата за да стават ред по институциите и во приватниот сектор каде грубо се гази по трудот, моралот и честа на жените.

Многу пати сме слушале шепотење и јавна тајна е како врват работите во нашите работни институции, приватни и државни. Оние кои нема да ги помрдне писмото кон Христо Узунов кон својата мајка нема да ја разберат тежината на оваа пакосност на државата кон нив. А тие се сè. Јадро! Основа на семејството, на државата. Ќе молчиме ли и понатаму или ќе се избориме да си го добијат чесно заработеното? За празниците да бидат дома со своите најблиски? Да можат слободно и со крената глава да ја пријават секоја форма на терор која се врши над нивните плеќи, додека ги заработуваат малкуте пари, работејќи во смени, катадневно?

Многу е лесно да ги опцуеме и да ги злоставуваме во нашите кавги. За мајките најмногу зборуваме кога треба да си ги поделиме пцовките во кои тие се главната тема, погнејќи си ја суштината на нашето постоење. Ќе се согласите дека е многу повеќе долично како мажи да си поделиме по некоја тупаница, отколку својата нискост, маленкост. Наместо Тие да бидат тема во нашите пцовки и долни преписки, ајде да зборуваме како да им го подобриме животот и статусот во општеството! Тоа е најмалку што можеме Ним да им возвратиме за нивната вековна заслуга која ја оставиле за овој народ и за оваа наша татковина.

Кристијан Мицкоски, патриотски институт „Христо Узунов“ – партнер на Идеолошки и аналитички центар Think Tank Conservative.mk

 

Сподели: