Д-р Христо Татарчев е историска личност, за која малку се знае во Република Македонија. Тој е првиот челник на Организацијата, чиешто прво име може да го пронајдете во уставот од 1896 година, која подоцна ќе го крене Илинденското востание и ќе ја тресе Европа во периодот помеѓу двете светски војни.

Христо Татарчев е роден на 16 декември 1869 г. во Ресен. Потекнува од богато и просветено семејство. Неговиот брат Михаил Татарчев, исто така, бил припадник на Организацијата. Х. Татарчев бил доброволец во Српско-бугарската војна (1885), а во 1892 г. го завршува своето високо медицинско образование во Цирих и започнува да работи како лекар во Солунската егзархиска машка гимназија. На 23 октомври 1893 г. заедно со уште петмина интелектуалци од Македонија ја создава Организацијата.

Потенцирав дека Татарчев потекнува од богата и просветена фамилија. Тоа, мои драги пријатели, не е грев. Исто така, не било грев во 1892 година да се биде со лекарска диплома од Цирих. Ви звучи елитарно? Па елита биле нашите предци и идеолошки учители. Учеле, работеле, се бореле и оставале нешто позади себе. Да, не кревале протести и не расипувале машини како некои други „интелектуалци“, но сепак останале запишани во историјата. Кревале револуции со своите дела и не се плашеле да заземат свој став.

Мене лично ми пречи фактот што со леснотија ја забораваме нашата аристократија, а Татарчев е токму од неа дел. Немаме многу такви историски личности, па затоа да бидеме малку себични и да не оставаме туку така да останат само имиња во старите книги. Би било добро да научиме од нив и нивните методи да ги пресликаме во денешно време во согласност со сегашните средства и услови. Само така, револуцијата нема да згасне. Борбата за подобра и побогата иднина (во секоја смила на зборот) треба да се води секој ден преку макотрпна работа.

Интересен момент во биографијата на д-р Христо Татарчев е неговото краткотрајно враќање во Македонија по влезот на нашата земја во рамките на Југославија. Во 20-тите години на минатиот век, Татарчев заедно со своето семејство се преселува во Торино, Италија. Се враќа два пати во Македонија, еднаш во 1941 и вторпат во 1944 г. Вториот престој е многу пократок од првиот. Татарчев едноставно е непожелна личност за комунистите кои веќе владеат со нашата земја. Тој е аристократ, лекар, знаел јазици, се облекувал во скапи костими, кои не му следеле на реверс од некаде туку самиот си ги купувал. Кој го избрка д-р Христо Татарчев од „слободна“ Македонија? Зарем овој тогаш  речиси 80-годишен човек бил закана за режимот на Тито? Можеби бил и баш поради таа причина некои непознати „душегрижници“ му рекле дека нема место за него во Македонија на Колишевски, Бато и Абаз.

Слободарскиот дух на Татарчев, неговите идеи и борбеност, немало како да се вклопат со системот кој веќе ги пуштал своите пипци во Македонија. Како би можеле комунистите да го искористат стариот доктор во наметнувањето на нивното едноумие? Никако. Христо Татарчев бил авторитет, околу него можеле да се соберат многу приврзаници на Организацијата, а тоа секако не им одговарало на новите управувачи во Македонија. Се градел нов систем, а кога се гради нешто ново (во случајот и со присила), нема место за старите авторитети.

Неговата идеја за слобода добиена преку сопствени сили ќе остане засекогаш запаметена во македонската историографија.

Д-р Христо Татарчев умира на 5 јануари 1952 година во Торино. Погребан е таму, а подоцна неговите посмртни останки се преместени во Софија.

Атанас Величков – Главен уредник на ТРИБУНА.мкпартнер на Идеолошки и аналитички центар Think Tank Conservative.mk

Сподели: