Во пресрет на шестите претседателски избори, на кои граѓаните непосредно одлучуваат кој ќе биде претседател на Република Македонија, одново се поставува прашањето, односно дилемата дали овој начин на избор на претседател е адекватен?

Имено, по својата функција, и симболика, шефот на државата, треба да биде обединител, претседател на сите граѓани, „гласот на разумот“, тој кој треба да биде мост помеѓу сите конфронтирани, спротивставени, и често пати во нашиот случај „закрвени“ политички елити. За жал, досегашните избрани претседатели, не успеаа да излезат од партискиот шинел, и најчесто нивните позиции, во однос на политичките настани се поистоветуваа со партијата која официјално ги кандидирале, и зад чија кандидатура, станале претседатели на Република Македонија. Само првиот пат, во 1991 година, првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, е избран како „татко на нацијата“ во Собранието на Република Македонија, со 2/3 ( двотретинско) мнозинство, но со големи потешкотии и политички концесии помеѓу власта и опозицијата за прифаќање на ваков национален договор. За неколку месеци, ќе го добиеме петтиот (5) претседател на државата, и одново интелектуалци, политички партии, професори го поставуваат прашањето дали треба да се вратиме одново , како при првиот пат, изборот на претседателот да го вршиме посредно, во Собранието на Република Македонија.

Од балканските држави: Албанија, Косово и Грција се држави кои својот избор на претседател го вршат посредно во своите национални парламенти, најчесто со огромно мнозинство, некогаш и поголемо од 2/3, додека Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Србија својот претседател го бираат на непосрени избори, слично по нашиот изборен модел.

Заговорниците на оваа теза, позитивните страни на овој начин на избор го наведуваат нужниот консензус помеѓу власта и опозицијата (и активно партиципирање од партиите на етничките Албанци), и на тој начин дека конечно ќе добиеме обединувачки претседател кој ќе биде натпартиски „татко на нацијата“, морален коректор на политичките девијации, и ориентир на политичкиот хоризонт. Но дали е тоа така?

Ад хок комисијата, која после настаните од 24.12. 2012 („црниот понеделник“), беше предвидено да се формира со консензус помеѓу власта и опозицијата, и после неколку месечно „надмудрување“, под притисок на меѓународната заедница, изборот на проф. Д-р Борче Давитковски, е доволен доказ, дека закопаноста во политичките ровови, закрвеноста, екстремната поларизација е до тој степен вкоренета и вдлабната во политичкиот систем, па се поставува прашањето дали е возможно (без меѓународен сериозен притиок), власта и опозицијата да се договорат околу ова клучно прашање и да изберат консензуален кандидат за претседател во Собранието на нашата држава.

Од друга страна, досегашниот избор, во кревка парламентарна демократија, на непосредни, директни избори, е меч со две острици. Како „дамоклов меч“ , врз главите на сите граѓани виси возможноста , една политичка опција (најчесто ) опозицијата, да води активен бојкот, и на тој начин, да биде исклучително тешко да се постигне, уставно предвидениот цензус од над 40% , за да може конституционално и легално да се избере претседателот на Републиката. До денеска, не сме имале ситуација во кога поради предвидениот изборен праг за избор на претседател, не сме избрале претседател, односно , не сме се соочиле со таков вид на уставноправна криза. Сепак, примитивната и примордијалната политичка (не)култура на нашите политички елити, оставаат простор дека оваа ситуација не само што не е можна, туку е голема веројатноста и во иднина да се соочиме со истата.

Македонија е заглавена како во народната „нагоре високо-надоле длабоко“, односно без разлика од двата изборни модели, по кои би се бирал претседателот на Република Македонија, двата модели се со свои доблести и маани. Односно, не се со маани, туку со демократски несовршености, кои нашите (не)демократски лидери и политички елити, често пати знаат да ги злоупотребат. Вистина, изборот на непосредни избори, дава поголем, директен легитимитет на избраниот претседател, но истиот, за жал потоа се враќа во матрицата на својата матична политичка партија, повеќе или помалку, и за голем дел од општеството , и за илјадници граѓани „тој не е легитимен претседател“. Оспорениот легитимитет, на безмалку сите наши досегашни претседатели, е сериозна демократска криза на идентитетот на институцијата Претседател, која освен симболична функција, има и функционални прерогативи. Од друга страна, посредниот избор на претседател, е повторно со нагласени несовршености, поради „балканската“ политичка (не) култура на нашите политички елити.

Едно е сигурно, менталитетот на македонската политичка сцена мора да се менува, доколку Македонија и нејзините граѓани сакаат да бидат вистински европски граѓани, а не само формално правно да партиципираат во Европската унија и во НАТО алијансата.

Автор на политичката анализа: Благојче Атанасоски, граѓанско здружение МОДА.
Благојче Атанасоски е политички аналитичар кој беше дел од дебатата организирана од идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК [Conservative.mk] наречена „Слободни и фер избори“. Погледнете ја целата дебата со кликнување тука.
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК. Следете не на FacebookInstagram & YouTube.

 

Сподели: