Пробивањето низ скандинавските либерални норми
17/10/2018 In Европа и светот, Конзерватизам Leave a comment
17/10/2018 In Европа и светот, Конзерватизам Leave a comment
За време на владеењето на глобалистичкиот притисок за насилно прифаќање на либерално-марксистичките идеи, кои навидум понекогаш се толку интензивни и не даваат простор за изразување на сопствената мисла и волја, во светот се раѓа една нова модерна култура на самопочит и достоинство. Не, не зборувам за крајно десничарски или социјалистички модели, иако левицата во денешно време како куче на свежо месо се нафрла на секоја индивидуа во општеството која не размислува како неа. Мислам секако на конзерватизмот како идеологија, иако може ќе шокира неколкумина од спротивниот политички спектар, кои воопшто немаат ништо заедничко со националсоцијалистите. Демонот во нашиот двор. Зборувам за конзерватизмот кој тивко и мирно седи до нас, љубопитно набљудувајки нѐ, додека ние сме сведоци на крахот на западните светски вредности и норми, што секојдневно се случува ширум светот. Сѐ до моментот кога индивидуата ќе се свести и ќе рече „доста ми е од тоа некој да ми наредува што да зборувам, мислам и како да дејствувам, само затоа што некој би се навредил поради тоа.” И овој ист феномен за кого зборувам, полека и сигурно го зафаќа секој нормален граѓанин на планетава и не постои ништо со што би го запреле.
Имено, во изминативе неколку месеци видовме промени во една земја, за која повеќето од вас би се согласиле дека има одговорно политичко однесување и е позната по следните карактеристики: толеранција, либералност, слобода и демократија од прв ред. Шведска, земјата која на сите ни е позната, како да се роди повторно, иако малкумина само го забележале тоа. Конкретно, за последните парламентарни избори кои се одржаа во септември 2018 година, многумина би кажале: „ништо не се промени, истите фигури се на власт, што е сосема очекувано”. Но, дали е тоа навистина така?
Една партија, наречена „Шведски демократи” (анг. Swedish Democrats) која за време на кампањата претрпе голем притисок и напади од страна на тогашниот, а воедно и актиелниот естаблишмент, нарекувајќи ги со плејада на изрази, коишто само луѓе во паника и од страв да не ја загубат својата моќ би ги употребувале, успеа значително да порасне во однос на претходните парламентарни избори, кои беа одржани во 2014-та година кога освоија 49 седишта во Риксдагот (Парламентот на Шведска), а овојпат да го достигнат бројот од 62 седишта, станувајќи третата најголема партија во Риксдагот. Со ваквиот подвиг конзервативната партија на Шведските демократи дефинитивно стана важен фактор во политичката игра на самата држава и воедно се пласираше како нов потенцијален предводник на Владата на Шведска во блиска иднина.
Доколку се направи една дисекција на партијата Шведски демократи, може лесно да се воочи дека всушност, станува збор за либерал-конзервативна партија или како што тие лично милуваат да се нарекуваат „социјални конзервативци“. Партијата застапува конзервативни идеологии како што се: рамен данок за сите категории граѓани, мал јавен сектор, слободен пазар, помалку државни регулации во однос на општествено-културните вредности, контрола врз миграциониот процес, кој сериозно го наруши националниот идентитет и социјалната кохезија во Шведска и посилни граници, во однос на кои тие сметаат дека би резултирале со силна национална безбедносна политика. Земајќи ги предвид сите одлики на партијата, таа претставува една блага, умерена конзервативна партија, која е подготвена да изнајде и одредена социјална помош, доколку е тоа потребно, говорејќи за мигрантите, и доколку страната на која ѝ е потребна таа помош е подготвена да возврати на еднаков начин, желба и подготвеност да се прифатат западните либерални вредности и доброволно да се адаптираат на културата и активно да учествуваат во општеството во која се стремат да живеат.
Но, тоа што ги прави Шведските демократи толку препознатливи и се наоѓаат на удар на системот е залагањето на партијата за поголема контрола врз миграцијата во Шведска, која во најголем дел доаѓа од Блискиот Исток; отфрлањето на политичката коректност, која тие ја сметаат за фашистички инструмент со цел да замолчи секаков вид опозиција кон власта и нивниот спротивен став за културните енклави или гетоа (анг. safe zones) кои постојат ширум Шведска, каде што полицијата има малку или приближно никаква контрола врз безбедноста на ситуацијата во таквите области. Застапувајќи ги горенаведените ставови, а воедно и ставот дека во модерното оштество не постои систематска маргинализација или дискриминација врз жените бидејќи сѐ ова е веќе регулирано со закон во секој устав ширум земјите од Западниот свет, партијата се соочува со секојдневни напади од страна на медиумите и разни активисти поддржани од власта, само затоа што застапува ставови или идеи кои се малку повеќе десничарски. Ваква масовна хистерија и паника, јас, лично, не сум сретнал во поновото време.
Познавајќи ја Шведска и нејзините либерлни вредности и политика, коишто сака да ги пласира низ светот, како што се: културната толерантност, родовата еднаквост (иако таа веќе одамна постои, ако некој ме праша), промовирање на културните разлики како богатство на една нација, промовирањето на мултикулурализмот како следно скалило во нашиот егзистенцијализам, залагањето на владите за борба за правата на ЛГБТ заедницата (иако сметам дека треба на тоа да се гледа како на права на поединецот, а не права на колективитетот), партијата Шведски демократи дефинитивно излегува надвор од таа норма и делување и затоа е мета на секојдневни напади и оцрнувања од страна на како домашните, така и странските либерално-левичарските структури. Токму поради тоа, знам дека партијата се движи во вистински правец и дека еден ден ќе ја достигне својата цел ― да ја врати Шведска назад во рацете на народот и на тој начин нацијата да застане на нозе зачувувајќи ги своите вредности и симболика. Чекорејќи по тој пат, Шведска повторно ќе стане препознатлива во целиот свет како една силна и развиена демократија, каде народот вистински ќе управува со сопствениот живот.
Напишал: М.Б.