Биографија за Сер Винстон Черчил (Втор дел)
15/10/2018 In Европа и светот, Конзерватизам Leave a comment
15/10/2018 In Европа и светот, Конзерватизам Leave a comment
Раната политичка кариера и Првата светска војна
Во јули 1900 година, Черчил пристигнува во Саутхемптон и истата година се кандидира како конзервативен претставник за место во парламентот во Олдхем, каде победува со мала разлика во резултатот од гласањето. Станал член на Конзервативната партија, пред сѐ поради тоа што и неколкумина од неговите предци, како на пример неговиот татко, биле членови на таа политичка партија и верувале во конзервативната идеологија. Несомнено неговото аристократско потекло имало големо влијание врз неговото инкорпорирање во партијата. Станува член на парламентот на само 25 години. Тогаш, заминува во САД, каде што учествува на повеќе јавни дебати. А таму остварува средба и со големиот светски писател Марк Твен, а воедно и со тогашниот американски претседател Вилијам Мекинли и тогашниот заменик претседател Теодор Рузвелт.
Во февруари 1901 година, Винстон го држи својот прв говор во долниот дом на парламентот на Обединетото Кралство. Набрзо по влегувањето во парламентот станува член на т.н. фракција на Конзервативната партија ― Хјулиганс (анг. Huglihans), предводена од Хју Сесил. Оваа фракција била популарна на почетокот на XX век, а основната причина за нејзиното појавување е незадоволството од тогашниот лидер на британските конзервативци, Артур Балфор. Черчил ги поддржал критиките кои ги упатувала оваа фракција кон лидерот на Партијата, кој во исто време бил и премиер на државата, а тие критики најмногу се однесувале на јавните и непотребните буџетски расходи. За време на некои од своите јавни настапи во парламентот потенцирал дека и покрај преголемиот воен буџет во тоа време, британската морнарица добивала многу помал дел од приходите, на што тој гледал како на неправилно урамнотежување на воениот буџет. Во 1903 година, за првпат, Черчил и дел од фракцијата ќе ги поддржат амандманите на либералната партија и ќе гласаат против тогашната конзервативна влада.
Поради своите несогласувања со Конзервативната партија, во 1904 година, ја менува страната и преминува во Либералната партија. Во 1908 година е назначен на чело на Одборот за трговија, во 1910 добива функција на Министер за внатрешни работи, а од 1911 па сѐ до 1915 година ја врши функцијата Министер за морепловство.
Британскиот став на почетокот на Првата светска војна гласи: доколку Германците извршат агресија врз Белгија, Франција би се осетила загрозено и би се вклучила во војната, а со тоа Черчил јасно дава до знаење дека тогаш и Обединетото Кралство без двоумење ќе се вмеша во конфликтот. Во септември 1914 учествува во операцијата на британската морнарица во која 120.000 војници се префрлени на француската територија. Токму поради неговите рани стратешки видувања, ја презема одговорноста за воздушната одбрана на Бртанија, а исто така заминува и во Франција за да ја проследи лично ситуацијата и случувањата на западниот фронт. Интересн е фактот дека го поддржал развојот на производството на тенкови, но во тоа време било тешко да се изработат и голем дел од раководството верувало дека не се многу ефективни. За да се намали притисокот на Турција врз Русите на Кавказ, Британците се дел од планот за нападот на турската армија кај протокот Дарданели, познат како Битката на Галиполе, со надеж дека подоцна ќе имаат можност за инвазија на Цариград, но армијата на Комонвелтот тука ќе се соочи со големи тешкотии и предизвици, кои ќе ја чинат преку 300.000 илјади човечки животи. Во парламентот Конзервативците го обвинуваат Черчил за оваа операција и за нејзиниот неуспех, по што подпритисок го симнуваат од претходната позиција и го назначуваат за Канцелар на Војводството од Ланкастер. По само неколку месеци на оваа функција, смета дека поради своето искуство треба да даде придонес во војната и дека додека се виори Големата војна тој не смее да не заземе активно учество во настаните. Затоа дава оставка од владината функција, при што сѐ уште има статус на член на парламентот, и заминува на западниот фронт. Распореден е како командант во II батаљон на пешадиската бригада, која е дел од познатата Гренадирска гарда. По здобивањето на поголемо искуство на првата борбена линија го унапредуваат и му доделуваат чин потполковник и го поставуваат за командант на VI баталјон во IX шкотска дивизија.
Враќањето во парламентот и во Конзервативната партија
Во 1916 година се повлекува од фронтот и се враќа во Британија како член на парламентот. Во јули 1917 година е назначен за Министер за муниција (министерство коешто постоело за време на Првата светска војна), а во јануари 1919 година е назначен за Министер за војна, а подоцна и Mинистер за воздухопловство. Тој е еден од главните „архитекти”, на Десетогодишната стратегија (Ten Year Rule), која опфаќала државни воени регулации и која предвидувалa дека во следните десет години Обединетото Кралство не би се мешало во светска војна, но и дека шансите за тоа се мали, бидејќи сите држави веќе биле многу истрошени, како финансиски, така и со човечки ресурси. Во јули 1921 се
залага за потпишување на англо-француски договор, со цел да се сочува повоената безбедност во Европа, но договорот и неговиот предлог биле одбиени и од еден дел на владините структури, но и од дел на пошироката јавност. Во тој период, Черчил веќе отворено го критикува социјализмот и воопшто не можел себеси да се пронајде во таквата идеологија. Па така и подоцна, особено по Втората светска војна ќе каже дека „социјализмот е филозофија на пропаст, вероисповед на игронаство и евангелие на завист и љубомора”. На парламентарните избори во 1924 година конзервативците остваруваат огромна победа над либералите и лабуристите. Во 1924 година понудена му е функција на Mинистер за финансии, при што и формално ќе премине во таборот на Конзервативната партија. Неговото повторно враќање во старата партија, многумина го осудуваат како кариеристички потег, на што Черчил ќе возврати: „Секој може да напушти, но потребна е одредена генијалност повторно да напуштиш.” (анг. “anyone can rat, but it takes a certain ingenuity to re-rat”). Додека е на оваа функција, по долги консултации со различни економисти меѓу кои и Џон Мејнард Кејнс, таткото на макроекономијата, го враќа Златниот стандард, што предизвика дефлација и невработеност и се претопи во протести во 1926-та година. Черчил подоцна длабоко се кае за оваа одлука, која предизвикала лоши ефекти. Во 1929-та година, се одржале општи избори на што конзервативците стануваат опозиција. Во тој период, па сѐ до крајот на својата кариера, Черчил, останува дел од Конзервативната партија. Тогаш доаѓа до мало несогласување со лидерството на конзервативците особено околу Индискиот акт. Кога Ремзи Мекдоналд ја оформува Националната влада во 1931 година, Черчил не учествува. Тие години се сметаат за најтешки во неговата политичка кариера, а честопати во однос на тој период и тој самиот ја користи максимата дивите години. Во 1932 година го прифаќа претседателството на Здружението на новиот Комонвелт (анг. New Commonwealth Society), кое претставува меѓународна организација формирана во Лондон, со свои претставништва во Германија и Франција. Во тоа време, интензивно се шири нацистичката и фашистичката идеологија, којашто Черчил воопшто не ја оправдува и често остро ја критикува. Потиснувањето на парламентарната демократија од страна на нацизмот во Европа, особено во Италија и Германија, е само наговестување на сите злодела на стариот континент. Черчил во повеќето од своите говори, како конзервативец со веќе цврсто изградени ставови, ги критикува нацизмот и комунизмот, а во еден од неговорите говори ќе наведе: „Нема да се преправам дека доколку треба да избирам помеѓу нацизмот и комунизмот, би го избрал комунизмот”.
На 3 септември 1939 се враќа на чело на Министерството на воената морнарица, на истата позиција на која беше и за време на Првата светска војна.
Во следниот дел дознајте повеќе за: Втората светска војна, Студената војна, крајот на политичката кариера, контраверзии и занимливости за тоа дали им припаѓал на масоните…
Давид Салтамарски
Уредник на Conservative.mk