Говор за отворање на настанот „Разбирајќи го конзерватизмот“
23-ти септември 2018, Скопје, Република Македонија.

Одземена слобода

Особена чест ми претставува да ве поздравам и да ви се заблагодарам за вашето присуство. Оваа единствена прилика би сакал да ја искористам да ја претставам нашата идеја, која веќе одреден период ја споделуваме преку платформата Conservative.mk.

На овој ден, сите тука присутни, го сведочиме почетокот на македонската конзервативна и либертаријанска идеологија.

Приближувајќи се до значењето на оваа идеологија, може да се рече дека во Македонија таа до сега многу малку е употревувана и споменувана во своето вистинско значење. Вистинските конзервативци речиси да не чекореле на оваа почва. Идеите за кои говориме и ги претставуваме, речиси, се наоѓаат во сенка на некои други идеологии кои не ги препознаваат вистинкските вредности и не ги следат тие кои вистински ја љубат својата татковина, македонска.

Македонските конзервативци, за кои во периодот што следи сѐ повеќе ќе се слуша, својата сила и борба треба да ја темелат врз утвредни начела кои со векови постојат ширум светот а особено ширум стариот континент, од кого што и ние сме дел. Вмпрочем еден од главните начела е и борбата за слобода на поединецот без која, не постои вистински слободна држава.

Дали сметате дека некогаш сте ги уживале сите права и слободи?

Велиме дека нашата држава два пати се избори за слободна, а вториот пат стана и суверена. Но, дури и во суверена држава, дали сметате дека како индивидуи станавме слободни во сопствената татковина?

Дали нашите институции ни дозволуваат да ги остваруваме своите права и слободи кои ни припаѓаат и дали можеме да кажеме дека ја чувствуваме слободата?

За жал, слободата ја загубивме! Таа ни е одземена токму од сопствените институции кои со секоја помината година растеле во големина и станувале сѐ посилни, а поединецот сѐ послаб! Успеаја да продрат во животот на граѓаните и оттогаш наваму задираат во сите негови сфери, одлучувајќи во нивно име што смее, а што не.

На крајот што се случи? Сето тоа не доведе до:

  • Изгубени вредности и непочитување на традицијата. Теодор Рузвелт добро рекол: „Слободата не постои во отсуство на моралот.“
  • Граѓани кои се меѓу најсиромашните во Европа за што тврдам дека не е поради нивните способности или образование.
  • Младина која постојано чека можност за вработување во јавниот сектор и општество кое го разбира тоа како вид „понуда“ за заработувачка преку минимален труд.
  • Работници со загубена надеж, кои веруваат дека сите конкурси за вработување се однапред договорени. И тоа е реалноста.
  • Бизниси кои чекаат помош и субвенции од државата за да можат да делуваат и произведуваат.
  • Патриоти кои чекаат да им се каже како, кога и каде да ја сакаат и бранат земјата. Ситуација за потсмев.

Жал ми е што нашата родна земја, се претвори во тркало кое се врти, а не оди никаде. Жал ми е што има уште многу причини за коишто треба да бидеме лути и бесни. Причини поради кои многумина млади, па дури и цели семејства го напуштаат својот дом. Веќе секој од нас не би можел на прсти да ги изброи сите блиски и мили луѓе кои заминаа во западните земји во потрага по среќа. Иако навидум нашата земја е исто така слободна, само доколку постои и социјална и економска слобода, таа ќе е вистинска!

Conservative.mk и ние како тим, секогаш ќе се залагаме за:

  • Слобода да се поседуваат силни вредности и начела, да се брани доброто и да се гони злото.
  • Слободно да се работи и заработува за себеси и своето семејство без притисок од државата и од други индивидуи.
  • Слободна конкуренција и учество на нашите бизниси како во домашниот така и на светскиот пазар.
  • Слобода граѓаните да бидат вреднувани според нивните способности, образование и достигнувања.
  • Слобода за израсување љубов кон својата држава, култура и народ.

Само преку разбирање на поимот слобода, ние истата може да ја уживаме, истата таа кон каква отсекогаш тежнееле нашите предци.

Првиот чекор до слободата е спознанието дека таа ни е одземена.

 

Александар Богоевски
Главен и одговорен уредник на Conservative.mk
Претставник на Алијансата на конзервативци и реформисти во Европа за Македонија

За линк до говорот притиснете ТУКА

Сподели: