ЗОШТО ЧЕСТО ПИШУВАМЕ, АНАЛИЗИРАМЕ И КОМЕНТИРАМЕ ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ СОСТОЈБИ ИЛИ ИЗБОРИ ВО САД?

Затоа што одговорот е едноставен: Тие се наш стратешки партнер од кого се почесто гледаме дека ни зависи политичката сцена и дома, па оттука и промените во Сенат/Конгрес па и првиот човек на САД, може да придонесат до промена на политичката клима на Балканот и Македонија.

П.С. Во годините наназад, отворено работиме на зајакнување на соработката со Републиканската партија на САД, учествувајќи на нивни конференции, настани и слично, а од скоро сме „партнери“ со младите републиканци преку иста интернационална мрежа. Затоа, често и не реобјавуваат на нивните социјални мрежи. Сакаме во скоро време, да ги донесеме ексклузивно во Скопје, за прв пат во овие 30 години независност. Се надеваме ќе најдеме соодветна поддршка. А сега, коментар на тема: НАЈГОЛЕМ ПАД НА РЕЈТИНГОТ НА БАЈДЕН ДОСЕГА!

USA TODAY СО НОВА АНКЕТА: 59% ОД ИСПИТАНИЦИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД ЏО БАЈДЕН.

Популарноста на Џо Бајден падна на само 38% по скоро една година лоша внатрешна и надворешна политика како и рамнодушност кон проблемите на обичниот граѓанин, открива нова анкета на USA TODAY & Suffolk University.

По убедливиот пораз во Вирџинија и пировата победа во Њу Џерси, анкетата покажува дека дури 59% од испитаниците се незадоволни од сработеното на Џо Бајден во првите 11 месеци од неговиот мандат. Незадоволството е присутно и во двете големи политички партии – 28% од Демократите не би сакале Бајден да влезе во трка за негов втор мандат. Процентот на поддршка на Камала Харис изнесува само 28% што ја прави една од најнепопуларните потпретседатели на САД во модерната историја.

Година дена пред средномандатните избори во 2022 (Сенат и Конгрес), поддршката за Републиканската партија во однос на Демократите е 46% – 38%. Судејќи по неодамнешните резултати во Вирџинија и Њу Џерси и резултатите од овие анкети, големи се шансите Републиканската партија да ја врати контролата на Сенатот и Претставничкиот дом во свои раце.

Од неспособноста при менаџирањето на ситуацијата во Авганистан до тоталното занемарување на потребите на просечниот граѓанин, администрацијата на Џо Бајден од ден на ден го влошува својот углед. Не помага ни фактот дека Белата куќа упорно пробува да угоди на радикалното крило на Демократската партија и покрај тоа што тоа е гласен, но сепак релативно мал дел од гласачко тело на партијата.

Со предлог законот за инфраструктура владеjачката администрација се надева на подобрување на нејзиниот рејтинг, но во идната година ќе треба да сработи многу повеќе од ова ако сака да го преживее „Црвениот бран“ кој станува сè понеизбежен. Победата е на дофат, а стратегијата на Глен Јангкин која вклучуваше подобрување на економски план и борба против радикалната социјална политика е клучот за остварување на истата.

Пишува за Конзерватив МК, главниот и одговорен уредник на хрватските E-SPORT ADRIA (https://adria.gg/) & A1 Adria League (https://a1adrialeague.com/), Срѓан Димитровски.

Сподели: