„Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е сила“.

Навидум бесмислена, но токму од спротивната причина екстремно популарна парола од Орвеловата ’84-та. И, на мое лично разочарување, пред се, западните земји се подлабоко заглавуваат во кашата за која бев убеден дека сме благовремено предупредени од оваа темна, но просветлувачка умотворба.

Но, излегува дека моќта на незнаењето е толку продорна и непроменлива вистина, што пред неа се чини и законите на природата би се здробиле во нов, уште почуден универзум. Највчудоневидувачки е фактот дека за разлика од порано, кога незнаењето било резервирано за угнетените класи, денес незнаењето се почесто станува личен, и сосема свесен избор на се поголем број модерни самопрогласени слободоумници, академици и интелектуалци. Постојат повеќе потенцијални причини за успешноста на ваквиот апсурден феномен, но најважната од нив лежи во начинот на кој незнаењето ни се сервира: придружено со најмилозвучната галама, најшарената монотонија, со најелоквентен калабалак испишан на нашите екрани.

Парадоксално, низ призмата на политичката коректност (како концепт кој промовира нон-контекстуална комуникација, меѓу другото), претходниот параграф лесно се мисконструира во напад на интелектуалните и академските потенцијали на поединецот. Но, овде терминот „незнаење“ се однесува на индивидуалните општествено-политички капацитети на секој од нас, а воедно е и критика на нивната контрадикторна преобразба во лековерна групна согласност, или барем пасивност, дури и при најочигледните предвесници на тем(ел)ни општествени промени.

Корените на политичката коректност во идеолошка служба

Со исклучок на една инстанца каде се појавува во стриктно лингвистички контекст, „политичка коректност“ како идеолошки термин се раширува во втората половина на 19-ти век, како орбитална компонента на се погласните Марксистичко-Ленинистички проповеди, иако својот врв и најсилен акцент го доживува кон втората половина на 20-тиот век, или поточно со сексуалната револуција во САД во 1960-те.

Но, за да ги разбереме подобро модерните корени на овој термин кој секојдневно добива на сила, треба да се навратиме до 20-тите години во Франкфурт, каде група Марксистички филозофи и академици, популарно познати под името Франкфуртската Школа, во обид подобро да разберат зошто револуцијата на Маркс никогаш не се случи, ставаат најсилен фокус на идеолошкиот начин на владеење. Владеење преку културолошкиот домен, со силна самодоверба во својата идеолошка безгрешност. Без употреба на сила, но и без силна верба во „општествената еволуција“ на Маркс, според која, следната револуција за промена на општествениот поредок била на прагот. Според нив, најдобро решение би била остра јавна критика на Западните вредности, со цел индоктринација на новите генерации, и со тоа поткопување на темелите на најнапредното и најслободното општество во историјата.

Тие биле убедени дека напредокот на средствата за комуникација, заедно со можноста за репродукција на идеи ќе игра клучна улога во ваквиот начин на владеење. Слободната размена на филмот, музиката и уметноста воопшто, според нив, ќе биде одлично средство за замајување на широките маси користејќи го нивниот заеднички интерес – технологијата, успешно продирајќи низ светот, преку сите граници, до секого, без разлика на општествениот поредок. И не е дека не биле далековиди, ако се земе во предвид дека овие идеи ја надлетувале Франкфуртската Школа во време кога и радиото и кинематиката биле во своите бебешки денови.

Метастаза кон Западот 

Со налетот на нацистичка Германија, каде една Еврејско-комунистичка организација можела да заврши само на еден начин, Франкфуртската Школа во обид да преживее, се вгнездува на Универзитетот Колумбија во Њу Јорк. Звучи и помалку надреално, да се каже дека ‘ркулците на идеологијата која подоцна ќе се користи за жесток напад на Западните вредности во целост, никнуваат токму во најистакнатиот центар на Западниот начин на живот.

Во периодот по издавањето на серија публикации од Франкфуртската Школа на Американско тло, од кои клучна е токму првата, насловена како Критичката Теорија, универзитетските насоки како полови студии, социологија, модерна уметност и слични, се преплавуваат со прогресивен кадар подготвен да го пропагира новиот поглед на светот, таканаречениот културолошки Марксизам. Економските идеи на Маркс преточени во идеолошка општествена доктрина, комбинација која за само една генерација во САД не само што успешно ги пригуши антикомунистичките сентименти, туку на самиот почеток на 21-ви век и успеа крајно-левичарските политики да ги издигне до меинстрим политичките кругови. Сето ова, нормално, резултира токму со истата таа коренита промена во перцепцијата на едно општество, што ја постулира културолошкиот Марксизам – од поделбата на богати и сиромашни, во поделбата на угнетувачи и угнетени.

Инвазија кон остатокот од развиениот свет

Со тоа, идејата – се додека одредени вродени карактеристики на поединецот (раса, националност, сексуална ориентација) дозволуваат, и бездомникот во секој дел од денот може да се смета за угнетувач над моќникот кој води успешен бизнис или има официјална политичка позиција – порасна во еден етички стандард на левата страна од политичкиот спектар низ развиениот свет. Како што и можеше да се претпостави, ваквите бизарни погледи на светот многу лесно одат до крајност. Квази-студии кои упорно бараат – и наоѓаат – угнетување и расизам во секој сегмент од животот станаа секојдневие на насловните страници на левичарските медиуми. Цензурата е се почеста, но и се по екстремна, само ако се знае дека веќе има бројни комичари кои одлежале затвор или платиле казна за своите, до скоро охрабрувани сатирички погледи на светот.

Точно како што филозофијата на Франкфуртската Школа предвиде пред речиси еден век, технологијата несомнено ја презема носечката улога во експлозивниот пробив на политичката коректност во останатите земји од првиот свет. И додека во најголем случај медиумите најдобронамерно го преточија својот секојдневен речник во препорачаниот новоговор, неговите најгласни проповедници овде гледаа само една придобивка: моќ. Моќ да се регулира односот на огромни маси луѓе без никаков конфликт од светски размери. Затоа што, очигледно, не треба повеќе од една генерација за да се засени конвенционалното знаење, и да се поремети прогресот и единството на една заедница. Да се воведе јавно мнение, кое со гордост ќе поддржи комплетно отстранување на поединци од општествените сфери едноставно поради употреба на зборови, или изразување идеи, кои не се одобрени од истото.

Кога незнаењето е моќ, дистописките кошмари на будните луѓе стануваат реалност. А денес, со напливот на се понапредната комуникациска технологија, секој наш чекор будно се следи. Секој наш збор е слушнат и запаметен, сите наши интимни прибежишта се ескпонирани. Сето ова како дел од бизнис-моделот на технолошките гиганти, е искористено како суптилно оружје за манипулација на личниот избор преку сугестивна контаминација на нашето секојдневие, и нормално, е придружено со најмилозвучната галама, најшарената монотонија, со најелоквентен калабалак испишан пред нашите очи.

Политички коментар: Марјан Ќуринов
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на FacebookInstagram & YouTube

Сподели: