Нов правец на конзервативците
10/11/2019 In Европа и светот, Екологија, Конзерватизам Leave a comment
10/11/2019 In Европа и светот, Екологија, Конзерватизам Leave a comment
Македонските конзервативци (Conservative MK) се дел од неколку дневната политичка академија во Дубровник.
Македонските конзервативци се дел од неколку дневната политичка академија на New Direction, една од најголемите светски организации, основана директно од Маргарет Тачер во 2010 година. Оваа година академијата се одржа во Дубровник, Хрватска и на истата зборуваа повеќе говорници меѓу кои:
Академијата беше отворена од страна на извршниот директор на Нов Правец (New Direction) Навид Кан и Ружа Томашич, член на Европскиот Парламент. Во воведниот дел беше истакната потребата за обединување на конзервативците низ Европа и светот, за јакнење на врските помеѓу разните конзервативни движења и како да се промовира конзерватизмот според реалната слика, а не според тоа како левицата низ светот настојува да го прикаже.
Првиот говорник беше Робин Харис, британски политичар и автор, поранешен специјален советник на Маргарет Тачер. Тој моментално живее во Загреб каде што е дел од раководството на Центарот за Обнова на Културата (Centar za obnovu kulture), чија основна цел е промоција на слободата, слободниот пазар и конзерватизмот. Робин зборуваше на тема „Разбирање на креирањето политики и размислувањето како конзервативец“. Тој накратко ги опиша успесите на Маргарет Тачер и сите проблеми со кои се соочувал британскиот народ пред победата на Конзервативците во 1979. Ја истакна потребата од силни лидери како Тачер, како и важноста и бенефициите од конзерватизмот за една држава.
Матиас Карлсон, лидер на Шведските Демократи, во своето обраќање ги посочи проблемите со кои Шведска се соочува. Преку примери од реалноста во неговата земја ги истакна опасностите од претераното форсирање на левичарските политики и културниот марксизам. „Кога ја формиравме нашата партија, не можевме да кажеме дека живееме во демократија. Наши членови и активисти беа напаѓани во своите домови со молотов-коктели, со ножеви и метални шипки. Такво нешто не се случува ниту во земјите како Унгарија и Полска, за кои левицата тврди дека се полни со националисти, шовинисти и расисти”. Како главен проблем за тоа зошто конзерватизмот е се уште недоволно атрактивен во некои земји, тој наведе дека конзервативните партии, организации и тинк-тенкови не вложуваат доволно напори во тоа да ги придобијат младите луѓе. Наведе дека студентските и еколошките движења се целосно во рацете на светската левица и тоа во иднина треба да се смени.
Последниот од странските говорници беше Афзал Амин, поранешен офицер во Британската Армија, кој зборуваше за патриотизмот, граѓанскиот и етничкиот национализам. „Слободата беше победник во битката помеѓу Западот и Истокот во Студената Војна, ни денес постои опасност од губење на овие слободи”. Беа истакнати неколку поенти во врска со граѓанскиот национализам и етничкиот национализам, наведувајќи дека и двете имаат свои позитивни и негативни страни и дека ние како конзервативци треба да го изнајдеме компромисот помеѓу нив.
Конзерватизмот станува се попопуларен најмногу поради разочарувањето низ Европа од левицата и очигледните неуспеси на политиките на културниот марксизам и отворените граници. Конзервативците успеаа да понудат алтернативни решенија во полињата над кои левицата има „монопол” веќе неколку децении. Прашањата од областа на екологијата се повеќе се разгледуваат и од поинаква перспектива, нешто што до сега не можеше да се сретне. Сликата која левицата ја создаде сама за себе, градејќи стереотипи дека тие се „добрите момци”, а конзервативците се насилни и заостанати се повеќе се разобличува, а нивното вистинско лице излегува на виделина. Тврдењата дека тие се прогресивна и демократска сила лесно се побиваат со проста опсервација на тоа како тие (не) ја прифаќаат волјата на народот искажана на гласање или референдум, или пак преку отворена манифестација на чувствата кон една крајно тоталитарна идеологија како што е комунизмот. Заложбите на конзервативците за повеќе работа, соработка и активизам низ Европа треба да ги пренесеме во Македонија и да ги промовираме идеите на модерниот конзерватизам како единствена алтернатива за победа над сите неправди со кои се соочуваме.
Пишува: Бојан Никовски, дел од здружението Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК при Conservative.mk