Каде е нашиот Доналд Трамп?

Избори по избори, Македонија се полоша.
Избори по избори, татковината се пооштетена.
Се попоразена.
Македонците, се понавредени, поомаловажени, поизгазени.
Избори по избори, Македонци се помалку.
Гордост се покршлива, идентитет се понепрепознатлив.
Но, за сметка на тоа пак, алал се поголем, тапкања по рамо се побројни, и потсмев се погласен.

Ја сфаќате поентата, мислам.

Од година во година, нашите политички претставници изгледаат се посмешно. Политичкиот и дипломатскиот кукавичлук стана толку редовно секојдневие, што сега кога го гледам како политичарите наши виткаат кичма како професионални циркуски акробати, кога ќе го слушнам претседателот Пендаровски како се жали (фали!?) дека освен ако си на негово место, не вреди да се остане во државава, веќе и не само што не сум шокиран, не сум ни изненаден. Веќе очекувам такви без’рбетнички потези.

Отрпнавме на чувството да сме прегазени, да сме потопени во туѓи, а богами и сопствени плуканици. До толку што, мислам дека доколку сега, во оваа политичка клима, се појави политичар кој ќе се обиде да пружи било каков отпор на тиранијата на која сме претплатени, кој би се осмелил да застане на страна на македонските пред се национални интереси, ќе биде само предмет на јавна омраза, или во најмала рака потсмев, и тоа не само од страна на политичките хиени и опортунисти, туку и од страна на сопствените сограѓани.
И можеби тоа и им беше целта. Да не дистанцираат од своето „старо јас“ толку многу, што секој обид повторно да се приближиме би бил речиси несфатлив за Новата нација. Но, не за луѓе како мене.

Не, извинете, јас си го знам своето јас. Тоа е прилично непроменливо.
Туку, за луѓе како овие наши Нови модернизирани, белосветски, просветлени граѓани на Новата држава. За Новите граѓани на кои додворувањето кон ЕУ им е многу поважно од таму некаков си идентитет, некаква си нејасна историја, или уште поглупаво – некаква си иднина за своите деца, обезбедена во своја држава, меѓу свои луѓе, при родното огниште. За оние, чија надеж за утописките 500 евра плата, и идиличниот влез во ЕУ (кој дури и кога би се случил, некако, преку ноќ, би донел магичен, моментален крај на сите наши маки), ги повлече во една бизарна трговска авантура, каде буквално се што поседувавме си доби (ниска) цена, а со тоа и заинтересирани трговци. Нормално. И најпосле, за луѓе како нашите, секогаш искрени и (не)добронамерни домашни, а сепак надворешни (не)пријатели.
Знаете, пријателите кои одамна не класифицираа нас Македонците во својата држава како граѓани од втор ред, само затоа што тоа им донесе тапкање по рамо од Западните диктатори. И, само да расчистам за веќе накурчените глобализирани родомразачи, кога велам „Македонци“, не мислам само на луѓето чии презимиња завршуваат на „ов“ и „ски“, туку на секој оној кој е осуден својата челад да му расте овде, и залудно да се бори за нивна подобра иднина, без притоа да си ја извалка честа, да си го прелаже соседот, непоправливо да си ја унакази родната грутка, додека подеднакво пати од недозреаните интриги на нашите политички очуви.

Оние пријатели кои се подготвени јасно и гласно, јавно и бесрамно, да се заканат на мирот и безбедноста на своите сограѓани, а и на земјата која им ги отвори вратите и им понуди привилегија кога друга земја не им даваше ниту права, и кога таа иста држава немаше било каков бенефит од истото освен тапкањето по рамо од Западните диктатори. А секој што е постар од 20 години има доволно искуство да знае дека тие закани не се само празни зборови. И оние пријатели на Македонија кои без око да им трепне ја обезличија до непрепознавање, ја преименуваа и ја пратија во заборав, а по цена на сопствена добивка, за потоа со некаква перверзна гордост да не убедуваат дека добивката е всушност наша заедничка, колективна.

И истите овие карактери, истава оваа рутина, со децении не толчат и гмечат, со наравоучение дека за да стасаме до она кон што целиме, треба прво да се откажеме од она што го знаеме. За да пораснеме во она што не го цениме, треба да прво да бидеме понижени поради она што го цениме.

И друг начин не постои.

А каде е човекот кој нема да наседне на евтини политички трикови? Имаме ли таков? Постои ли политичар кој нема да потклекне на празни дипломатски закани? Имаме ли човек кој нема да се грижи за својата државничка плата? Каде е човекот кој проживеал доволно долг и достоинствен живот, за да биде сигурен за националните приоритети, наместо за основање на своја криминална династија по добивањето на довербата од своето надежно јато?
Каде е политичарот кој всушност ќе ни го заштити Уставот? Границите? Идентитетот? Достоинството? Работата?

Каде е човекот кој ќе го урне Македонскиот криминален естаблишмент?

Каде е нашиот Доналд Трамп?

Да пукне Македонецот кој сака да си ја зачува татковината.
Да пукне оној кој сака самостојно да си ја гради иднината.
Да пукне секој кој идентитетот си го цени повеќе од се.
И да пукнеме сите ние кои мислиме дека можеме да ги имаме сите три одеднаш.

Автор: Марјан Ќуринов
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на FacebookInstagram & YouTube 

Сподели: