Каков народ сакаме да бидеме?
27/11/2019 In Конзерватизам, Македонија, Национализам Leave a comment
27/11/2019 In Конзерватизам, Македонија, Национализам Leave a comment
Лут сум, а причина за тоа по кој знае кој пат се моите мили сограѓани oд оваа наша мила Македонија. Овој пат сум толку бесен што наместо статус на социјалните мрежи, решив да им посветам малку поголемо внимание и да напишам еден краток текст. Повод дами и господа за мојата лутина е неодамнешниот протест на една група „луѓе“ од Визбегово кои што протестираа против вдомувањето на три деца во нивното соседство.
Во Визбегово, група на неедуцирани и малодушни селани со заостанати сфаќања реши да протестира затоа што три деца што доаѓаат од проблематични околини државата реши да ги смести во нивното село. Тие мали „неранимајковци“ на возраст од 13 до 15 години според сведочењата на локалните мештани биле голем проблем за нив. Шетале по селото и барале цигари од луѓето. Замислете ја вие нивната дрскост. Кај ги пуштиле да излезат од куќата, па уште и цигари барале. Еден „храбар“ мештанин дури морал од својот двор да избрка еден од деликвените кога тој побарал цигара од него. Замислете вие таква ситуација. Случајот пак од Тимјаник е уште потрагичен. Ако во Визбегово постои некаков сомнеж околу однесувањето на тие деца (сепак се класифицирани како деца со проблематично поведение), во Тимјаник загрижените мештани протестираа против сместувањето на една помала група на деца со тежок инвалидитет. Се плашеа дека ќе им ги заразеле нивните „здрави и прави деца“ или дека ќе им ги мавале децата со камeња,притоа несвесни дека повеќето од тие деца се всушност неподвижни и приковани за своите кревети. Попаметните мештани пак и од едното и од другото село пробаа да ја извадат ситуацијата искажувајќи божемна загриженост за децата против кои протестираат, велејќи дека таму немало никакви услови и дека тие места не се соодветни и не е добро за самите деца да бидат таму сместени. За волја на вистината, со такви соседи и не се далеку од вистината. Покрај тоа и двете групи не заборавија да споменат дека им недостигаат игралишта, училишта и градинки за нивните деца , кои ја немаат целосната грижа од државата.
Како конзервативец мислам дека државата минимално треба да се меша во животите на граѓаните и дека самите сме одговорни за своето згрижување. Сепак подржувам ангажираност на државата и на сите граѓани кога станува збор за грижа за оние кои не можат да се грижат за себе. Пред сѐ тоа се децата од нефукционални семејства оставени сами на себе, лица со посебни потреби и други. Од овој народ не се бараше ништо посебно за да се згрижат тие деца, ниту да ги плаќаат, ниту да ги хранат или чувааат, ама баш ништо освен тоа да ги остават тие деца на мира да си живеат во нивната околина.Сепак на нашиот топол и великодушен народ тие деца му засметаа. И тие се проблеми во поведението и тие со пречки во развојот.
Сам по себе еден ваков настан е тешка трагедија, но кај нас ова по сѐ изгледа е нормата. По втор пат годинава после резилот од Тимјаник нашиот народ го покажува своето грдо лице. Сите се удираме во гради колку сме гостољубиви, како сме топол, храбар и великодушен народ. Сепак кога треба да ги прифатиме најранливите и тие на кои што најмногу им е потребна нашата помош никаде не нема. Храбри не испаѓаме кога треба да протестираме затоа што веќе 30 години едни исти партии и ликови општат со нашите мозоци, кога диви депонии горат насекаде околу нас, кога името го сменија, а п од преговори не видовме и уште мал милион ситуации за кои треба да се дигнеме. Затоа пак сила само собираме кога треба некого послаб да газиме, а топли и гостопримливи да сме само кога ќе треба да му се додворуваме на некој странец за да се изгребеме вечера или пијачка од него. Кога треба да покажеме малку солидарност или толеранција кон најслабите во нашето општество тогаш сме најголеми гадови на светот. За крај само ќе го цитирам Махатма Ганди: „Правата мерка за било кое општество се наоѓа во тоа како тоа општество се однесува кон своите најранливи членови“.
Пишува: Стјепан Покупец – Потпретседател и уредник на Конзерватив МК
Следете нѐ на Facebook, Instagram & YouTube.