На 17ти септември се одржаа парламентарни избори во единствената демократска земја на Блискиот Исток, Израел. Овие избори можеби се едни од најважните за иднината на државата. За повеќе околу изборните резултати, можните сценарија како и иднината на Израел, разговараме со фронтмените на партијата на премиерот Бењамин Нетањаху, ЛИКУД.

Во интервјуто тимот на „Економски Лидер“ разговараше со Ели Хазан, директор за надворешни работи и интернационален секретар на „ЛИКУД“, Раз Гранот, кој е дел од интернационалниот тим на ЛИКУД и потпретседател на европските млади конзервативици (соработка со ECR/EYC/IDU/YIDU) како и со претседателот на израелските млади конзервативции (соработка со IDU/YIDU/EDS/ECR/EPP), Тамир Вертзбергер.

Пред да почнеме со разговорите, „Економски Лидер“ ви го објаснува изборниот модел и бројот на пратеници во Израел. Кнесетот односно израелскиот парламент брои 120 пратеници, исто како и македонскиот. За да се формира влада, потребни се 61 пратеник. На Бењамин Нетањаху му е доделен мандатот за формирање на влада.

ИНТЕРВЈУ 1: Ели Хазан е претставник на ЛИКУД во Интернационалната демократска унија и е одговорен за влезот на ЛИКУД во глобалната политичка фамилија порано позната како АКРЕ (Алијанса на конзервативци и реформисти), а сега ЕКР партија. 

ЛИДЕР МК: Изборите во Израел поминаа со прилично изедначен резултат кога станува збор за центар-десно и центар-лево концептот. ЛИКУД на чело со Бењамин Нетањаху и обединетата десница имаат вкупно 55 пратеници, Бени Ганц и концептот на плаво-бели кој е центар-лево освои 44 пратеници, заедничките листи на арапските лидери 13 пратеници и ултра-десната партија на Либермен освои 8 пратеници. Природна коалиција би била помеѓу ЛИКУД со десниот блок (55) и партијата на Либермен (8), но тој лично е против лидерот Бењамин Нетањаху и изјави: „Јас сум за техничка влада составена од сите, без арапите“. Како го коментирате ова?

Ели Хазан: Резултатите на овие избори се прилично комплицирани, еве зошто. ЛИКУД на Бењамин Нетањаху освои 31 пратеник додека пак неговиот противник од левицата Бени Ганц освои 33 пратеника. Но, обединетата десница како блок има обезбедено 55 пратеници додека пак обединетиот лев и центар-лево блок има само 44. Обединетите арапски лидери на заеднички листи (исто така левичари) добија 13 пратеници. Тие не сакаат да го номинираат Ганц за премиер. Останатите 8 пратеници припаднаа на Либерман кој доаѓа од екстремната десница. Либерман пак е голем персонален противник на Нетањаху. Едно знам, а тоа е дека доколку не се формира влада, ќе се соочиме со слепа улица која во превод би значела нови избори. Тоа ќе бидат трети избори по ред. Верувам дека Ганц и неговите партнери од центар-лево, ќе дадат поддршка за ЛИКУД и ќе се приклучат во наредната голема влада.

ЛИДЕР МК: Во единственото бриселско центар-десно списание, “The Conservative Online”, имате напишано статија за Бењамин Нетањаху нарекувајќи го „магионичарот“. Дали магионичарот ќе успее да ја изменаџира ситуацијата и да остане премиер на Израел?

Ели Хазан: Бењамин Нетањаху е лидериште и светска класа политичар. Размислете вака, левицата ги имаше сите можни карти во своја рака како и сите услови да не порази. Но, и покрај тоа тие не успеаа. Уверен сум дека Нетањаху ќе состави влада и ќе остане премиер.

ИНТЕРВЈУ 2: Раз Гранот, потпретседател на младите европски конзервативци. Исто така, Гранот е дел од интернационалниот тим на ЛИКУД. 

ЛИДЕР МК: На вашиот фејсбук профил може да видиме слика каде што пишува „Ционизмот е бесконечен идеал“. Дали идеалите на ционизмот може да бидат прекршени доколку се формира центар-лево влада со арапските наместо израелските партии?

Раз Гранот: Илјадници години наназад, евреите живееле во прогон (надвор од денешен Израел). Во Европа, во Африка, Азија па дури и во Америка и Австралија. Токму поради тоа ние имаме една позната изрека „Следната година во Ерусалим“ како и многу песни и писанија за нашиот главен град Ерусалим. Ционизмот е концепт кој нуди бесконечен идеал за демократска земја, толеранција и враќање на евреите во својата матична земја. Во Израел, дури и левичарите се ционисти но проблемот е дека нивните гледишта го рушат од темел. Исто така, имаме опасност од креирање на дупла држава односно територии кои можат да побараат независност од Израел. Секако, тука се и ИСИС. Затоа, конзервативците веруваме и се бориме за Израел да биде национална држава преку која културите на малцинствата ќе бидат сочувани но сите ќе зборуваме преку една уста, демократска израелска.

ЛИДЕР МК: Зошто е битно ЛИКУД како движење и политичка партија да формира влада? Дали и како позицијата на ЛИКУД влијае врз политичкиот Свет во десно и центар-десно вклучувајќи ги Интернационалната демократска унија, Светските конзервативци, суверенисти и десничарски движења, Трамп 2020, луѓе како Јаир Болсонаро….

Раз Гранот: Доколку ЛИКУД остане на власт, ќе помогне во две најважни битки што следат. Визијата на Трамп односно договорот на векот за Блискиот исток може да биде реализиран. Пријателството помеѓу Трамп и Нетањаху е фасцинантно и е голема придобивка за Израел. Исто така, тие делат заедничка визија во однос на геополитика и слободна економија. Доколку договорот за мир се спроведе, тоа ќе биде историски добар момент за евреите и палестинците. Во економската битка, Нетањаху е познат во светот како човек кој економски го отвори Израел према светот и влезе со сите сили во битката за глобален слободен пазар. Тој има делувано во креирање на договори за трговија со најсилните држави во светот како и придонесе да станеме силна start-up нација. Како резултат на тоа, ЛИКУД е силно препозната центар-десно партија во светот и е член на ИДУ, ЕКР. Исто така ЛИКУД е во корелација со други организации и светски лидери кои се борат за слобода, мир и слободни пазари.

ИНТЕРВЈУ 3: Тамир Вертзбергер, интернационален тим на ЛИКУД и лидер на израелските млади конзервативци – младински огранок на ЛИКУД. Г-дин Тамир моментално живее и работи во Будимпешта и е во блиски контакти со партијата на Виктор Орбан, ФИДЕЗ.

ЛИДЕР МК: За време на самитот на Европските демократски студенти (EDS – партнери на Европската народна партија) во Берлин 2016, вие кажавте: „Израел како држава е воспоставен од евреиски мигранти од целиот Свет, но мнозинството биле од Европа. Не секој разбира дека Израел е поставен како држава врз темелите на европските вредности. Затоа, Израел треба да е неразделив дел од Европа, ЕУ и европските семејства“. Дали мислиш дека европските вредности врз кој е поставен Израел би биле сочувани доколку левицата направи влада во која ќе има бидат вклучени и заедничката листа на арапските лидери?

Тамир Вертзбергер: Би сакал да е така бидејќи на крајот од се, Израел е демократска држава базирана на западни вредности, човекови права и владеење на правото. Овие неколку вредности се во ДНК-та на секој Израелец безразлика од кој политички спектрум доаѓа. Последиците од центар-лево влада со или без арапските лидери ќе се одразат врз домашната политика и креирањето на државни политики. Исто така, левичарска влада ќе биде повеќе попуштлива на интернационалниот притисок врз Израел особено во делот на безбедносните прашања и суверенитетот.
Во минатото сме се покажеле дека се солидарни со палестинците во однос на нивните барања, но тие само ги зголемуваат своите апетити и од тоа најмногу се плашиме при евентуална лева влада. Влада која е слаба и покажува слабости може многу лесно да ги загрози нашите вредности и идентитет. Исто така, да ги загрози и темелите на државноста односно ционизмот.

ЛИДЕР МК: Самитот на Вишеград групата (V4) во Прага помина прилично добро во однос на Западен Балкан и зеленото светло од В4 групата за наша интеграција во ЕУ. Виктор Орбан и ФИДЕЗ (партнери на македонското ВМРО како и останати конзервативни групи), најверојатно ќе ја добие комисијата за проширување. Доколку вие велите дека Израел треба да е нераскинлив дел од Европа (за што се слагаме), како е пак вашето мислење за Западен Балкан во однос на европеизација и интерграција во ЕУ?

Тамир Вертзбергер: За мене лично, Европската унија е многу значаен проект и секоја држава од Европа која ги негува европските вредности треба и мора да е дел од европското семејство. Светот и Европа се соочуваат со многу тешки времиња особено во однос на нелегална миграција, економска криза, геополитички предизвици како и пораст на радикални групи и тероризам. Европските држави мора да работат заедно како една единица за решавање на овие проблеми, но најбитно од се при ова заедничко работење е почит кон суверенитетот на секој земја!

ЛИДЕР МК: Во блиското минато, Израел како држава се соочи со проблеми во однос на дел од ставовите и политиките на членови на Европската комисија како на пример случајот со Федерика Могерини. Потпретседателот на САД Мајк Пенс, за време на самитот за безбедност во Варшава рано годинава, посочи дека не е задоволен од политиките на ЕУ кон Израел. Дали новата комисија ви дава надеж за некоја промена?

Тамир Вертзбергер: Комисијата не е релевантна. Не е битен составот. Телото кое одлучува за политиките на ЕУ е Советот на Европа. Јасно може да се забележи дека Советот на Европа се повеќе оди во насока против поддршка на Израел во однос на круцијални прашања со Блискиот Исток. Ова најдобро може да се види преку примерот на гласање на земјите од Европа во Обединети Нации. Како добар и позитивен пример и студија која може да се земе за анализа се унгарско-израелските односи. Односите помеѓу Унгарија и Израел се пример како треба да се однесуваат секоја земја поединечно безразлика на составот на комисијата на ЕУ или пак било која друга одлука на унијата.

Сподели: