Затворањето на македонските амбасади е кардинална грешка
01/10/2019 In Европа и светот, Национализам Leave a comment
01/10/2019 In Европа и светот, Национализам Leave a comment
Минатата недела претседателот Пендаровски најави зајакнување на нашето дипломатско присуство во Европа, а цехот за тоа ќе го платат четири до пет наши амбасади низ светот (пр. Бразилија) во кои според него “немаме голем резон да останеме со дипломатско присуство” и затоа ќе бидат наскоро затворени.
За волја на вистината, аргументите кои тој ги претстави (отсуство на дипломатски реципроцитет, недоволно голема македонска дијаспора, итн.) се целосно неиздржани. Нашето присуство во далечни земји како Бразил е од големо значење, зашто таквите амбасади се задолжени за промоција на Македонија не само во земјата домаќин туку во цели региони и континенти (во дадениот случај цела Јужна Америка). Зар навистина сакаме нашата земја да биде целосно отсутна во една Аргентина, Бразил, Чиле, Колумбија и останатите јужноамерикански земји? Да не знаат дека воопшто постоиме?
Ако сакаме Македонија да биде модерна и привлечна земја за инвестиции, ќе мора да поработиме на нашиот имиџ не само во Европа, туку низ целиот свет. Во изминативе три децении од нашата самостојност, Македонија испушти многу шанси за самопромоција низ различни земји во светот, што делумно резултираше со катастрофална инвестициска состојба во рамки на нашата економија.
Да бидеме на чисто, јас се сложувам дека во вакви клучни моменти за нашата евроатлантска иднина потребно е засилување на македонското дипломатско присуство низ европските метрополи, но не по цена на нашите интереси во светот.
Затоа наместо намалување на бројот на дипломатско-конзуларни претставништва, јас предлагам истите да бидат засилени со квалитетен кадар кој ќе може да направи разлика преку градење на јака надворешна позиција и привлекување на странски инвеститори. Ова е само една скромна препорака за нашиот државен врв, која сериозно ќе придонесе за зајакнување на македонските национални интереси и подобрување на стандардот на живеење. Изговори од типот “немаме доволно финансии” едноставно не држат, бидејќи лично познавам многу млади образовани кадри кои одма би се нафатиле да ја претставуваат Македонија, па макар тоа било и за минимална плата. За татковината сè, нели?
Истовремено, за пофалба е новата иницијатива на претседателот за именување на специјален претставник на Македонија за Франкофонијата, односно за земјите во кои се зборува на француски (ги има 54 на број). Факт е дека нашата надворешна политика беше и сеуште е во најголем дел ориентирана кон САД и земјите од германското говорно подрачје, занемарувајќи ја Франција — еден од двата стожери на континентална Европа. Со назначувањето на квалитетен специјален македонски претставник овој недостаток ќе биде надминат. Велам квалитетен, бидејќи годинава имавме лошо искуство со назначување на советник на премиерот за земјите од Бенелукс (т.е. Белгија, Холандија и Луксембург) со човек што ни од далеку не е на висина на задачата.
Во секој случај, несфатливо е зошто Македонија би го зајакнала своето присуство во Франкофонијата, а би се повлекла од други региони. Во 21 век, ние треба да градиме односи со сите земји без разлика дали се наши стратешки партнери или не, затоа што во услови на мултиполарен свет кусогледо и наивно би било да ја ограничиме нашата соработка само со одредени земји.
Нам сега ни преостанува само да се надеваме дека оваа препорака ќе наиде на разбирање од страна на креаторите на нашата надворешна политика, во спротивно ова ќе биде кардинална грешка која скапо ќе не чини во иднина.
КОЛУМНА ЗА ФАКТОР.мк: Филип Ивановски, еден од основачите на идејата за Конзерватив МК. Филип е магистер по дипломатија при Универзитетот во Торонто. Дипломиран политиколог за меѓународни односи при Универзитетот во Британска Колумбија.