Студентот поминува низ вистински пекол во текот на своите студии. Метеж на студентски прашања, еден тон административни документи кои ја комплицираат работата и на вработените

Потпис од асистент и професор за редовност, носење пријава за испит, заверка на семестар, упис на нов семестар… Долга е листата со административни правила што македонските студенти мора да ги завршат на студентски прашања. Долгите редици, изгубеното време, за жал, сѐ уште се реалност на многу факултети. Покрај хартијата, постои и електронско пријавување, што само е дополнителна обврска за студентите. Но, ниту еден универзитет во Македонија не е целосно дигитализиран. Токму ова е инспирација на тројца студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои направија интересна анализа на оваа тема. Тие со помош на графики објаснуваат со какви проблеми се соочуваат студентите бидејќи Универзитетот не е целосно дигитализиран. Но, нудат и решенија. Велат дека новите мерки ќе ги намалат трошоците на секој студент и ќе ја олеснат процедурата за извршување на обврските на факултетот.
– Воедно, не само што се заштедува време, туку оваа реформа е и еколошка. Се заштедува и непотребно трошење хартија – велат тие.

Студентите губат драгоцено време

– Живееме во ера на модернизација и олеснување на животот на секој човек, но нашите студенти не го уживаат тој луксуз. Македонскиот студент сѐ уште е заглавен во административните лавиринти на процесите при студирањето. Oсвен што му се одзема определен износ на пари, студентот исто така губи и драгоцено време кое би можел да го искористи за едукација или дополнително вложување и развој на својот потенцијал – вели Петар Спасовски, студент на Економскиот факултет во Скопје и член на студентското тело.
Низ какви административни процеси поминува студентот и како тие би се олесниле со дигитализацијата? Одговор на ова прашање има Бојан Никовски, студент на политички студии на правниот факултет „Јустинијан Први“.

– Студентот поминува низ вистински пекол во текот на своите студии. Метеж на студентски прашања, еден тон административни документи што ја комплицираат работата и на вработените, чекање со денови за добивање потписи од асистенти и професори и други административни проблеми. Преку дигитализацијата ќе се добие комплетна електронска евиденција, електронска пријава и внес на оценки, како и електронска заверка и уписи. Нема да има метежи и губење време на студентски прашања – вели тој.
Финалниот збор го има УКИМСамо целосна дигитализација на УКИМ ќе ги реши проблемите, смета Никола Николовски, студент на Економскиот факултет во Скопје.

– Само така потписите во индекс, пријавите за испит и колоквиум, запишувањето на списоците, печатите и редиците на студентски прашања ќе бидат минато – вели тој.
Тројцата студенти направиле и анализа како изгледа патот на еден студент на Медицинскиот факултет (прва или втора година) при полагање на испитот по анатомија. За да ги заврши трите фази (означени на фотографијата подолу), на секој студент му треба многу време.

– Сите постапки обележани со црвено може да се исфрлат од употреба, а да останат само тие со сино (комплетен електронски систем) – објаснуваат студентите.
Тие велат дека со поголема група студенти ќе дејствуваат таму каде што можат и имаат ингеренции.

– Ќе ја креваме свеста кај студентите и универзитетските тела, ќе правиме активна кампања во кампусите, ќе земеме активно учество во дебати и други разговори на темата. Сепак, финалниот збор го има Универзитетот и конечната одлука ќе треба да се случи или на ваков начин или преку нов Закон за високо образование, при што би се регулирала ваква промена – велат студентите.

Статија на Петар Спасовски, Бојан Никовски и Никола Николовски за Факултети.мк Тројцата студенти се дел од Идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК / Conservative.mk

Сподели: