Се чини дека изборите се жешка тема во овој период. Пред неколку недели се одржа рефенредум во нашата држава, а можеби наскоро ќе се одржат и парламентарни избори. Во ЕУ се подготвуваат избори, Бразил само што одржа избори, каде што конзервативниот кандидат и победи, во БиХ имаше потенцијално опасни избори, а во САД се одржуваат така наречените среднорочни избори.

Изборите се секогаш жешка и актуелна тема, не само во последниот период. Тие се круна на демократскиот процес и одлучуваат во која насока ќе се движи одредена држава во наредните години. Изброте со право го привлекуваат вниманието секојпат кога и каде да се одржуваат.

Во овој текст сепак нема да стане збор за ниту едни од актуелните избри, ниту пак некои скорешни. Главна тема на оваа колумна се едни помалку заборавени избори кои се одржале пред повеќе од 50 години. Станува збор за претседателските избори во САД, 1964 година. Во многу нешта тоа се едни од најзначајните избори во САД. Избори кои воопшто и не требало да се случат, но атентатот врз Кенеди во 1963 година го менува распоредот и САД мораат да одберат нов претседател само 3 години по последните претседателски избори.

Изборите во 1964 се избори кои и до денешен ден имаат оставено голема трага во САД и во целиот свет. Всушност, може да се каже дека од таа година почнува модерната американска историја. Светот и САД во тој период се наоѓаат во една голема пресвртница. Популарниот Кенеди е убиен, Кубанската криза само што завршува, а Студената војна е на својот зенит.

По тие избори на власт доаѓа Линдон Џонсон, којшто го донесува Законот за граѓански права кој забранува дискриминација на расна, етничкa, полова, религиска и било која друга основа и става, барем правно, крај на сегрегацијата во САД. Тоа пак, од друга страна го повлекува најголемиот пресврт на американската, а воопшто и светската политичка сцена. Југот на САД се претвора од најголемо упориште на Демократите, во бастион на Републиканците кој тие до денес го држат. Џонсон исто така е претседателот кој активно ги вклучува САД во Војната во Виетнам. Само неколку месеци по неговиот избор, на 8 март 1965 година почнува американската интервенција во Виетнам.

Покрај сите овие настани во 1964 година, изборите одржани таа година го ласнираат Роналд Реган на големата сцена. Поконкретно неговиот говор „Време за избирање“ (A time for choosing) со кој Реган дава поддршка на тогашниот Републикански кандидат Бери Голдвотер. Овој говор, кој е познат само и како „Говорот“ ќе остане запаметен како еден од највлијателните во САД и ќе биде најава за конзервативната револуција, којашто ќе ја зафати Америка 16 години подоцна.

Бери Голдвотер и Републиканците ќе ги изгубат изборите во 1964, но ќе го добијат Роналд Реган. Овој холивудски актер, релативно непознат на политичката сцена, привлекува огромно внимание и само 3 години подоцна ќе биде избран за гувернер на Калифорнија. Веќе во 1980 година го прегазува Џими Картер на претседателските избори и ќе ја започне ерата во американската историјата позната како „Регановата ера“ која според историчарите сѐ уште трае.

Што е сепак толку посебно во тој говор? Покрај моќниот настап што е својствен за Реган (актер по професија) најголемо внимание привлекува неговата порака. Неговото 30-минутно обраќање со мали измени е сѐ уште актуелно. Пораките кои Реган ги праќа и борбата којашто ја опишува се актуелни и безвременски.

Говорот на Реган (кого можете да го најдете на крајот од овој текст) започнува веднаш со критика на големото оданочување и неодговорното трошење на владата: „Ниту една нација во историјата не издржала даночен товар од 1/3 од својот национален доход. Денес 37 центи од секој долар одат кај собирачот на данокот, а сепак нашата влада секој ден троши 17 милиони долари повеќе отколку што собира“. Низ многу примери од тогашната американска политика ќе покаже како државниот апарат неодговорно ги троши парите на даночните обврзници под изговор дека тоа го прави за доброто на народот и на сиромашните. Нема подобар пример од социјалната помош: „Кажано ни е дека 9,3 милиони семејства во оваа земја живеат во сиромаштија врз основа на нивниот годишен приход којшто е помал од 3000 долари… Ние трошиме во моментов 45 билиони долари на социјални програми. Направете мала пресметка и ќе видите дека ако ги поделите тие 45 билиони подеднакво на секое сиромашно семејство ќе можете на секое од нив да му дадете по 4600 долари годишно. Тоа во комбинација со нивниот сегашен приход би требало да ја елиминира сиромаштијата. Сепак директната помош која доаѓа до тие семејства е околу 600 долари“.

Веднаш потоа го насочува своето внимание кон борбата против комунизмот и социјализмот. Тука може да се препознае човекот за време на чие владеење комунизмот и Советскиот Сојуз се рушат како кула од карти. Не се воздржува да ги нарече најопасниот непријател на човештвото. За нив ќе каже „Се соочуваме со најголемиот непријател со којшто човештвото се соочило на својот долг пат од мочуриштата, па сѐ до ѕвездите“ и повикува на борба против комунизмот критикувајќи секакво можно отстапување пред нивните барања.

Најмногу сепак плени неговото верување во ограничената власт чие значење го повторува повеќе пати низ самиот говор. Реган цврсто верува во моќта на поединецот сам да го одбере својот пат: „Дали веруваме во нашиот капацитет за самоуправа или ќе ја напуштиме американската револуција и ќе признаеме дека една мала интелектуална елита, во далечен главен град може да ни ги планира животите подобро од што тоа би го направиле ние самите“. Во својот говор тој ја открива својата идеолошка мотивација: „Основачите на нацијата знаеја дека владата не може да ја контролира економијата без да ги контролира луѓето. И ако владата се одлучи за такво нешто мора да користи сила и принуда за да ги оствари целите. Затоа дојдовме до време за избирање“. Потоа продолжува „Ви велат дека мора да одберете помеѓу лево и десно, но такво нешто не постои. Имаме само избор за нагоре и за надолу. Нагоре кон вековниот сон на човекот за максимална слобода конзистентна со редот и законот или надолу до мравјалникот на тоталитаризмот“.

По сѐ изгледа дека 54 години подоцна зборовите на Реган од тој судбоносен говор сѐ уште важат. Ние повторно сме ставени пред избор и на нас останува да донесеме правилна одлука. Дали сме за силен државен апарат кој ќе управува со нашите животи и судбини? Дали сакаме да потклекнеме пред опасните идеологии коишто се директна закана врз нашата слобода и општество? Дали ќе бидеме генерацијата која своеволно ќе го предаде својот државен и индивидуален суверенитет на една мала интелектуална елита изолирана во своите ѕидини далеку од очите на јавноста? Дали сме за градење на држава која ќе ја има моќта да ни пружи сѐ, но и да ни одземе сѐ? Изборот како и во 1964 не е избор помеѓу левно и десно, туку помеѓу слобода и просперитет од едната страна и тоталитаризам и уништување на човековиот дух од другата.

Време е за изборот на оваа генерација! 

 

Стјепан Покупец

Уредник на Идеолошки и аналитички центар Conservative.mk


За линк до говорот на Роналд Реган притиснете тука.

Сподели: