Семантика, еуфемизам & зелен конзерватизам [енвиронментализам]
03/11/2018 In Екологија, Конзерватизам, Македонија Leave a comment
03/11/2018 In Екологија, Конзерватизам, Македонија Leave a comment
Коj ги контролира зборовите, тој ја контролира политичката култура! Во политиката, правилниот избор на зборови е од огромно значење. Буквално, понекогаш цела една политичка пропаганда зависи од правилно употребениот израз [збор]. Левицата тоа многу добро го познава и е генијална на оваа тема.
Која е разликата помеѓу „глобално затоплување“ и „климатски промени“ [global warming & climate change]? Во политичка смисла, левицата успеа да ги наметне двете фрази да имаат еднакво значење, но во реалноста тие се сосема различни термини!
Глобалното затоплување беше една од омилените теми на левицата низ светот сѐ до поголемо соочување со науката која успеа да им го одземе овој термин од нивните политички манипулации и речник. Соочени со опасноста да ги загубат голем број од таканаречените „еко-борци“, левичарите кои добро ја познаваат семантиката [дел од лингвистиката што се занимава со значењето на зборовите], повторно почнаа со играта на зборови, и одеднаш глобалното затоплување го заменија со нов израз, климатски промени. Кога ќе ја погледнете реалноста од овој агол, климата и навистина константно се менува, давајќи им на екстремните левичари простор и поле за трајна манипулација.
For the left, global warming which can be measured and challenged, has morphed into climate change, which means essentially nothing because the climate is always changing – Michael Knowles, host of the Michael Knowles Show.
Мора да признаеме дека најголемите енвиронменталисти (еко-борци, екологисти), се потпираат на левицата. Тоа значи дека им се допаѓа силна и моќна влада наспроти индивидуални иницијативи и приватни претпријатија/слободно претприемништво (сосема спротивно од тоа во што левицата веруваше пред 2 века). Како што вели Сер Роџер Скрутон, „Енвиронментализмот ги содржи сите обележја на една левичарска кауза: одредена категорија жртви (идни генерации), просветена авангарда која се бори за нив (еко-борци), моќни филистри кои ги искористуваат (капиталисти) и бесконечни можности да се изрази незадоволство од успешните, богатите и Западот. Стилот на работа е исто така левичарски: енвиронменталистот е млад, неуреден човек, кого го бие лош глас, којшто е сосредоточен кон размислување за позначајни нешта; додека неговиот противник, пак, е безизразен, средновечен, елегантно облечен човек и најверојатно е Американец.“
Левичарското зелено движење верува дека човекот е паразит, а природата е идеологија и не треба да се допира. Нивната борба за подобра животна средина, почист воздух, како и борбата против глобалното затоплување ја гледаат преку владини регулативи и забрани.
Нажалост, левичарите не се во право бидејќи низ годините, докажано е дека токму тие владини регулации и забрани се поштетни за животната средина од капитализмот и приватните претпријатија и слободното претприемништво.
Енвиронментализмот е нешто кон што може да се приклучите и за повеќето млади тој има квазиспасоносен карактер и револуционерен карактер од XX век, кој доделува идентитет. Енвиронменталистите (левичари) се противат на капитализмот, но доколку правилно ја разбрале поентата на оваа борба, многу повеќе би биле против социјализмот со неговите огромни, непоправливи проекти коишто ги контролира државата, отколку против етосот на слободното претприемништво.
Зошто го велам ова? Ќе цитирам извештај од Обединетите Нации: „Загадувањето во тој регион (Источна Европа) е меѓу најлошите на површината на Земјата“. Дополнително, можеме да го погледнеме и извештајот од Светската здравствена организација каде што се вели дека земјите од источна Европа и Балканот, се соочени со најголема контаминација на воздухот и најмногу смртни случаеви како последица на загадување. Скоро сите овие држави биле долго време под стегите на социјализмот, а во некои сѐ уште не е искоренет од дневната политика, вклучително и Македонија.
Доколку направиме една ретроспектива и ги погледнеме постсоцијалистичките држави, Советските реки беа третирани како канализација, а рибите пливаа „грбно“, на Волга имаше до толку многу нафта што патниците на ферибродовите беа предупредувани да не фрлаат цигари во вода, Аралското море [езеро] се претвори во пустина, a плажите на Црното Море беа минирани со отпад предизвикувајќи дури и болници да паднат во морето, Бајкалското Езеро исто така не беше поштедено.
„Навистина, енвиронментализмот претставува типична конзервативна кауза. Неговата основна цел не е да предизвика радикално преуредување на општеството или пак, укинување на наследните права и привилегии. Сам по себе, не се интересира за еднаквост, освен за еднаквост меѓу генерации и неговиот став за приватната сопственост е (или треба да биде) позитивен, бидејќи единствено приватната сопственост наложува одговорност кон животната средина како спротивно на неограниченото право таа да се искористува, право чиишто последици ги видовме во уништените предели и загадени водни патишта на поранешниот Советски сојуз. Неговата oпшта идеја е човекова, локална приврзаност кон средината, а не глобална контрола, а дополнително тој се противи на глобализмот и сите форми во кои тој се јавува, не помалку од она за што се залагаат левичарските енвиронменталисти, чијашто намера е да се вклопиме во светскa агенда од забрани.“ вели познатион Сер Роџер Скрутон.
Доколку дел од работите во природата се во приватна сопственост, сопствениците ќе имаат тенденција да се грижат. Пример, конзервативците веруваат дека дрвата може да се сечат доколку за истата работа се компензира. Исто така, сопственикот на езерото нема да дозволи рибите да се загрозени од исчезнување (или да се претера со риболов), бидејќи потенцијалот за размножување на рибата ќе биде намален.
За крај, да се вратиме на самиот почеток на колумната за да се потсетиме дека како во енвиронментализмот, така и во политиката, правилниот збор или израз значат многу! [“Words shape how we think, they color how we view” – Michael Knowles]. Зборовите ги обликуваат нашите мисли, зборовите го градат пејсажот кој го гледаме. Никој не го разбира ова подобро од левицата. Класичен пример е употребата на зборот „помирување“ кој може претставува поблаг збор или израз за нешто лошо, неприфатливо и невкусно за соџвакување [амнестија]. Всушност ова е и дефиницијата за еуфемизам.
П.С. Додека вие си се помирувате, ние ќе продолжиме да дишеме канцер.
Стефан Василевски, Колумна #2
Идеолошки и аналитички центар Conservative.mk
Претставник на Алијасната на конзервативци и реформисти во Европа за Македонија
Колумна #1 – КАКО ИЗРАЕЛ СТАНА СВЕТСКА СУПЕР СИЛА ЗА ВОДА?