Акумулирањето на искористените пластични кеси станува растечки и сѐ повеќе видлив проблем како на глобално, така и на локално ниво. Иако последиците од овој тип загадување можат да се ублажат во Македонија, недостасуваат мерки со кои ќе се поттикне пошироко учество во рециклирањето и ќе им се помогне на оние кои се занимаваат со собирање и рециклирање.

Покрај естетското загадување, пластиката е опасна по здравјето особено при палење и горење бидејќи пепелта е исклучително токсична. Собирањето на пластичната амбалажа на едно место, исто така може да предизвика поплави затнувајќи ги одводните и дренажните канали. Ако не е соодветно обработена преку примарна селекција туку е депонирана, за време на нејзиното распаѓање се ослободува метан кој е неспоредливо поопасен од јаглеродниот диоксид во контекст на создавање ефект на стаклена градина.

Исто така, особено во водените површини, пластичната амбалажа поради изложеноста на влијанието од сонцето, брановите, температурните промени итн. со текот на времето се разложува на микроделчиња, т.н. микропластика, кои не можат целосно да се разложат. Таквита ситни делчиња на пластика животните ги сметаат за храна, и на тој начин пластиката влегува како во животниот така и во човечкиот синџир на исхрана. Научниците велат дека загадувањето на океаните со отпадот од пластика е нерешлив проблем во животната средина, и дека тоа може да се реши само со прекин на употребата на пластиката како материјал. Неодамна, истражувачите за прв пат направиле проценка дека за чистење на пластичниот отпад што завршува во океаните потребни се околу 13 милијарди долари годишно[1].

На ниво на ЕУ се рециклира околу 30% од вкупниот пластичен отпад, но поради забраната на Кина за увоз на пластичен отпад од странство во Кина, ситуацијата на ниво на ЕУ е драматично променета. Потврда за важноста и итноста од намалалување на употребата на пластични кеси е новата директива од Брисел дека употребата на „лесни“ пластични кеси, кои обично најмногу се користат за секојдневна употреба, на ниво на ЕУ треба до 2019 година да се намали на 90 парчиња годишно по лице. Целта на стратегијата е до 2026 година потрошувачката на пластични кеси да се намали на 40 парчиња годишно по глава на жител[2].

Сликата што најдобро го претставува обемот на последиците од пластиката за животната средина на глобално ниво е големиот остров од ѓубре во Пацификот, кој главно се состои од пластична амбалажа. Големината на овој пловечки остров изнесува 1,6 милиони квадратни километри, приближно три пати поголема од површината на Франција. Проценките велат дека на годишно ниво од реките во океаните влегува од 1,15 милиони до 2,41 милиони тони пластика[3].

Освен прекумерната употреба на пластична амбалажа во Македонија, уште поголем проблем е несоодветното и неконтролирано складирање на отпадот, што создава сериозни еколошки последици, особено за водотеците. Мал број на реки во Македонија не се сериозно загадени со пластичен отпад.

Во проблемот со пластичната амбалажа покрај свеста на потрошувачите, важно е да се нагласи дека главната улога во развојот на рециклирањето игра институционалната рамка, односно политиката на регулација и стимулации во секторот за управување со отпад. Ситуацијата на ниво на Македонија во однос на рециклирањето на пластичната амбалажа е далеку под задоволителната. Согласно доставените годишни извештаи до Министерството за животна средина и просторно планирање од страна на колективните постапувачи и малите производители за 2016 година, вкупната количина на отпад од пакување пуштена на пазарот изнесува 59.246,76 тони. Напоменуваме дека податоците се добиени од мали производители, два колективни постапувачи и еден самостоен постапувач.

Табела 1: Количина на пакување пуштено на пазар според вид на материјал во 2016 година[4]

Вид на материјал Количина на пакување пуштена на пазарот (t)
Стакло 10.313,53
Пластика 17.133,90
Хартија и картон 19.854,73
Метал 2.243,34
Дрво 6.351,02
Композитни материјали 3.347,25
Друго 0.00
вкупно 59.243,76

 

Табела 2: Вкупна собрана количина и рециклиран или преработен отпад од пакувања за 2016 година[5]

Вид на материјал

Рециклирање на

материјалот (t)

% на рециклирање на

материјалот

Обновување на енергијата (t) Вкупно обновување и горење во постројки за горење на отпад со обновување на енергија (t)

% на  oбновување или согорување во печки за согорување на отпад со обнова на енергија

Стакло

2.377,96 23,06% 2.377,96 23,06%

Пластика

6.650,25 38,81% 6.650,25 38,81%

Хартија и картон

13.500,33 68,00% 13.500,33 68,00%

Метал

128,67 5,74% 128,67 5,74%
Дрво 724,64 11,41% 409,66 1.134,30

17,86%

Композитни материјали 0,00 0,00% 0,00

0,00%

Друго 0,00 0,00% 0,00

0,00%

вкупно 23.381,85 39,47% 409,66 23.791,51

40,16%

Врз база на направените анализи може да се забележи дека процентот на рециклирање на материјалите е различен за поединечните материјали. На пример: рециклираната пластика во однос на пластиката пуштена на пазар изнесува 38,81%, рециклираните хартија и картон во однос на истите пуштени на пазар изнесува 68%, рециклираниотo стакло во однос на стаклото пуштено на пазар изнесува 23,06%, рециклираниот метал во однос на металот пуштен на пазар е 5,75% и рециклираното дрво во однос на дрвото пуштено на пазар изнесува 11,41%. Согласно националните цели од член 35, став (1), точка б, од Законот за управување со пакувања и отпад од пакување Стапката на рециклирање за 2016 година изнесува 39,47%, согласно националните цели од член 35, став (1), точка а, од Законот за управување со пакувања и отпад од пакување стапката на обновување или на горење во инсталации за горење отпад со обновување на енергија за 2016 година изнесува 40,16%[6].

За да се зголеми нивото на рециклирање потребна е подобра инфраструктура за примарна селекција на отпадот, односно контејнери за различни суровини, а потоа систематска секундарна селекција на отпад од страна на локалните комунални претпријатија. За да се постигнат такви промени, неопходна е промена во институционалната рамка во контекст на отстранување на отпадот.

Сепак, многу битен факторот што е од клучно значење во контекст на промена на свеста за рециклирање е економската корист од рециклирањето, односно зголемување на откупната цена за откуп на пластика која сега изнесува 7-8 денари за килограм пластика[7], цена што за повеќето луѓе не е економски примамлива. Исто така, потребно е да ги следиме и примерите од земјите од ЕУ, каде сите поголеми супермаркети имаат сопствени откупни центри за пластична амбалажа и купувачите при одењето во супермаркет можат да извршат и враќање на пластичната амбалажа.

Подигањето на куповната цена за пластиката во Македонија ќе донесе позитивни промени во системот за рециклирање. Покрај намалувањето на пластичниот отпад во животната средина, ваквиот потег ќе донесе дополнителен приход за најсиромашните и маргинални слоеви на општеството, како што е ромската популација. Уште едно решение за проблемите со пластичниот отпад  би можело да биде и директното вработување на  собирачите на пластика, со тоа тие би добиле социјално и здраствено осигурување и би биле тргнати од маргините на општеството.

За крај може да заклучиме дека за да се реши проблемот со пластичниот отпад во Македонија покрај политичка волја неопходно е да се промени и институционалната рамка која треба да ги овозможи овие позитивни промени. Промени од кои ќе има добивка не само околината, туку и луѓето кои се составен дел од неа.


Автор: Горан Стоименов, Истражувачки центар за безбедност, одбрана и мир – ИЦБОМ 
За: Идеолошки и аналитички центар Conservative.mk


[1] https://www.esiasee.eu/sr/problem-plasticne-ambalaze-u-srbiji-od-zagadenja-mogucnosti/, пристапено на 24.10.2018 г.

[2] https://www.esiasee.eu/sr/problem-plasticne-ambalaze-u-srbiji-od-zagadenja-mogucnosti/, пристапено на 24.10.2018 г.

[3] https://www.esiasee.eu/sr/problem-plasticne-ambalaze-u-srbiji-od-zagadenja-mogucnosti/, пристапено на 24.10.2018 г.

[4] Квалитет на животната средина во Република Македонија, ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2017, стр.113

[5] Квалитет на животната средина во Република Македонија, ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2017, стр.114

[6] Квалитет на животната средина во Република Македонија, ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2017, стр.114

[7] https://vecer.mk/skopska/sobiranjeto-plastika-vnosen-biznis, пристапено на 24.10.2018 г.

Сподели: