Конзервативна ренесанса во централна Европа: На ред сме ние!
27/02/2020 In Conservative.MK, Европа и светот, Конзерватизам, Македонија Leave a comment
27/02/2020 In Conservative.MK, Европа и светот, Конзерватизам, Македонија Leave a comment
Во првата моја колумна за Лидер, како пример за државност, патриотизам и правилна насока на политика ги наведов Полска, Унгарија, САД и Британија. Од Британија и САД сме светлосни години далеку, но не е таков случајот и со останатите. Слично како во колумната и во моето прво видео гостување во подкастите на Лидер изјавив: „По БРЕГЗИТ, за Македонија најважни ќе бидат случувањата во Полска и Унгарија“, алудирајќи на неколку работи.
Полска ќе ја предводи дипломатската офанзива за Македонија да добие датум за преговори
Како позитивна бомба одекна оваа иницијатива на Варшава која ја најави шефот на диплoматијата во Брисел и министерот за надворешни работи на Полска, Јацек Чапутович. Полска е главниот стратешки партнер на моменталната администрација на САД во ЕУ и НАТО, а Македонија во периодот што следи треба да ги зацврсти односите со оваа за нас доста блиска земја по култура и традиција.
Партијата Право и правда (PiS), дел од светските и европски конзервативци (ECR Party & ECR group), оствари историска победа на изборите минатата година, а се очекува да го стори истото и на претседателските избори со нивниот кандидат и сегашен претседател Анджеј Дуда.
Институцијата на брак влегува во ренесанса во Унгарија!
„Во 2019, склучени се повеќе бракови од било кога во последните 30 години!” – изјави Каталин Новак, министерка за фамилии и млади на Унгарија. Од месец јануари до ноември 2019, 62.000 млади луѓе стапиле во брак што е за 84% поголема бројка од 2010та година! Во меѓувреме, бројот на разводи се намали: во 2010 година стапката на развод била 67 проценти, а до 2018 е намалена на само 33 проценти.
Во 2020, Македонија за прв пат во историјата влезе во негативна стапка на раст на населението, а истото го предвидовме уште минатата година во анализата на Конзерватив МК и Лидер: „Никогаш помалку родени Македонци во историјата на Македонија!“
Центер-десно со десно политичките партии, движења и платформи во Македонија треба со посериозен пристап да се насочат кон изнаоѓање решенија за оваа тема. Во таа насока, за поздрав е одлуката за укинување на даноците за млади до 29 години со примања до 6.000 евра годишно.
Светската десница на конференција во Рим: Национален конзерватизам
На почетокот на овој месец, на покана на домаќинот од Италија, тинк-тенкот Nazione Futura (http://www.nazionefutura.it/), бев гостин на политичката конференција “National Conservatism: God, Honor, Country”. Десничарски партии од Европската народна партија, Светските и европски конзервативци, групата Идентитет и демократија како и останати асоцијации, платформи и тинк-тенкови од Вашингтон па се до Тел Авив, беа дел од конференцијата. Во Рим, Италија, се поставија темелите на нова можна центар-десно соработка. Ако таму успеаа да најдат заеднички јазик, повикувам на истото да се случи и во Македонија. Од 12ти април да доживееме вистинска конзервативна ренесанса. Сите политички партии, движења и платформи кои се ориентирани во позиција центар, центар-десно и десно, да работат интензивно на решенија и понуди за подобрување на секој аспект од животот, со акцент на задржување на млади и пораст на наталитетот. Успешни примери низ Европа и светот има, не треба топла вода да се измислува. Но, потребна е силна желба и напорна работа.
Колумна на Стефан Василевски, извршен директор на Конзерватив МК за порталот Лидер.мк