Удел на медиумите и социјалните мрежи во нашиот живот
09/12/2020 In Европа и светот Leave a comment
09/12/2020 In Европа и светот Leave a comment
Додека светот сè уште брои новозаразени од вирусот, а нашата јавност е окупирана околу ветото на Бугарија, во САД се води една од најнеконвенционалните правни битки, во која кампањата на Трамп има основани сомневања и се обидува да докаже дека се случила една од најголемите изборни местенки во САД, но и во историјата на демократскиот и слободен свет. Ние во Македонија за ова речиси ништо не знаеме.
На изборниот ден во САД, Трамп водеше во сите клучни држави: во Пенсилванија дури со над 700.000 гласови, во Џорџија, Висконсин, Мичиген, Аризона, Невада; со над неколку стотини илјади гласови. Наредните денови почнаа “да стигнуваат” гласови од гласањето по пошта, предноста на Трамп волшебно се стопи, и сега тој во сите погорни клучни држави има помалку од 10.000 до 40.000 гласови, во однос на Бајден, или помалку од 0.1% до 0.9% од гласовите.
Луѓе вклучени од цела држава во изборниот процес, почнаа да се пријавуваат како „свиркачи“. Многу од нив почнаа да не се кријат и јавно истапуваат со изјави под заклетва за нерегуларностите на кои биле сведоци. Што пријавуваа свиркачите и што сака кампањата на Трамп да покаже? Еве неколку ситуации:
Во неконвенционалната војна со најнеконвенционалниот претседател на САД, медиумите решија да го жртвуваат својот кредибилитет: изборниот процес сѐ уште незавршен, тие го прогласија Бајден за избран претсеседател (president elect). Ниту изборните резултати се сертифицирани, ниту електорите од државите се собрале да го изберат претседателот, а кампањата на Трамп која го има секое демократско право – право кое деновиве интензивно го користи – да ги оспори резултатите и да се обиде да докаже дека има измама, има тотален блекаут од нив.
Која иронија. Наместо денеска да слушаме дебата дали денеска се случила или не најголемата изборна измама во историјата на САД, па и на светот, на јавноста и се форсира дека Бајден е избран-претседател. Неколку „главни“ медиуми во САД, кога Трамп, во својство на претседател на САД, ја искажа својата загриженост за можна измама – му го прекинаа преносот, изјавувајќи дека тоа биле глупости. Како едноставно да треба да им поверувате дека тоа е вистината, само затоа што тие така велат, и измама е нешто што е невозможно да се случи.
Ако следите Американска политика, ќе знаете дека истите медиуми цело време го третираа Трамп со најлош можен однос. На големо известуваа за “руската соработка” на кампањата на Трамп во 2016 и дека Русите му помогнале да стане претседател (можеби повеќе вистинито од “Руска помош” ќе беше ако кажуваа за дечките од Велес со наменските веб-сајтови дека му помогнаа многу повеќе од Русите, ама Велес не е актуелен, затоа што дечките веројатно тоа го правеле за гола заработка, во борба за кликови и некој долар повеќе – и во сето тоа немаше ништо криминално, освен што ги искористиле можностите кои самиот Гугл ги давал – нешто кое Гугл, срж на поддршката за Демократите, настоен крајно анти-Трамп, не сакаше јавно да го признае). Хистеријата која истите медиуми ја направија, доведе до неуспешен импичмент. “Russian colusion” или “Руската соработка” е наративот на Демократите до ден денес, дека Трамп е нелегален претседател. Во време на кампањата во Октомври, новинарите од „главните“ медиуми го „пржеа“ Трамп со изјави дека тој е виновен за 200.000 мртви од вирусот, а Бајден го прашуваа каков сладолед јаде – „од чоколадо и ванила“, одговори тој – никој од нивните новинари не се осмелуваше ни да го праша за компјутерот на син му Хантер и дали тој навистина му помогнал додека бил на функција околу бизнисот на син му во Украина.
Во едно слободно општество како Американското, тоа е многу: довербата тешко се стекнува, брзо се губи, речиси ретко се повраќа назад. Луѓето, желни да слушнат што навистина се случува, масовно почнаа да се претплаќаат на „Њузмакс“ или на „ОАН“ телевизиите, или да го следат порталот „Брајтбарт“ и весникот „Њу Јорк Пост“ – сите имаат рапидно зголемување на гледаноста.
Згора на сè е разочарувачкиот однос на Фејсбук и на Твитер, кои сè повеќе делуваат како медиуми, а не како платформи на кои може да се искаже слободниот говор. Веднаш после изборите, секој Твит на Трамп околу изборите му беше блокиран, не можеше да се сподели, ниту да му се стави лајк. Неверојатна цензура спрема еден американски претседател. По итното сослушување во Сенатот на водачите на Твитер и на Фејсбук, Дорси и Закерберг, престанаа да му ги блокираат, но, под секој пост и твит за изборната измама кај него, како и на водачите на Републиканците, има ознаки: „Ова тврдење за изборна измама е оспорено“, „Друга е проекцијата на победникот на изборите“, „Дознајте како изборите во САД се безбедни“… Ако кликнете на ознаката, ве води не до изборната комисија на САД (каде процесот, секако, се уште трае), туку до линкови од медиумите, како Си Ен Ен, Асошиејтед Прес, Ен би си, Њу Јорк Тајмс, Вашинготн Пост… Настрана што многу профили, кои јавно Твитаа за изборните измами – Твитер почна да ги брише и да ги блокира. Многу Американци, незадоволни од односот, и тука прагматично почнаа да го решаваат проблемот – се придвижуваат на новата социјална мрежа „Парлер“ која веќе има над 7 милиони корисници, а непречено споделуваат видеа на „Рамбл“ – Гугл и ЈуТјуб немаат тука збор.
Низ Твитер почна да кружи едно вирално видео, во кое некоја жена снима двајца луѓе покрај контејнер за ѓубре, кои ѝ се легитимираа како “election officials” – членови на изборна комисија. Тие од ѓубрето собираа гласачки ливчиња и коверти од поштенското гласање, и ги пакуваа во црни торби, за кои рекоа дека ќе ги носеле во изборниот центар. Комичната ситуација, под видеото стои насока како да размислувате:
“Дознај како гласањето по пошта е безбедно и сигурно”
Тука ме фати смеа. Да било безбедно и сигурно, гласачките ливчиња немало да завршат во контејнер за ѓубре, за кого и да биле.
На, 2 декември, претседателот на САД се јави со обраќање од Белата Куќа со видео насловено: „Можеби најважниот говор кој некогаш сум го остварил“ – во кој отворено се изјасни дека ќе оди до крај околу расчистувањето на изборната измама. „Без разлика на крајот кој ќе биде победник, заради иднината на САД и иднината на демократијата, должни сме да го истуркаме овој процес, не само спрема 74-те милиони американци кои гласаа за мене, туку и за сите оние кои не гласаа за мене, а чиј претседател сум јас. Да покажеме дека изборна измама се случи – ќе биде мојот најголем допринес за Американската држава и демократија, за да нема сомнеж во било чија легитимност како претседател – нешто низ кое ниту еден кандидат за претседател во иднина не смее да поминува!“
А ние ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Деновиве ќе продолжиме со статии во кои на македонската јавност ќе го објасниме правниот процес кој моментално се случува, што сака изборниот штаб на Трамп да направи, како и зошто следните избори за двете сенаторски места во Џорџија се толку многу важни за иднината на САД.
Пишува: Зоран Данилов, оперски пејач, голем фан на конзервативните политики како и на американскиот претседател Доналд Трамп.