Вардар по втор пат ја врати евро титулата во Скопје и повторно ја фрли во транс нацијата која изминативе години, па и децении беше во спрега на лошите табори. Раскинати како ткиво, поделени и раскарани до последно колено. Наместо приматот во овој велелепен настан да го имаат ракометарите, идолите на младите, на децата, први со штафетата на раздорот истрчаа инфицираните табори кои, токму од таквиот раздор си ја имаат оваа држава како своја приватна прчија веќе трета деценија.

Зошто не му дозволија на народот да се израдува на огромниот успех? Зошто ботовите ги земаа мегафоните на навивачите и наместо нив почнаа да го водат „шоуто“ по повод големиот успех на ракометарите?

Оние што се кон лево се потрудија да го минимизираат големиот триумф, говорам за медиумски куќи и новинари кои по навика имале одбивност кон секаков македонски успех во минатото. Говорам за оние кои се потсмеваа на пречекот на кошаркарите за 4-тото и на ракометарите за 5-тото место во Европа. Шуплива и празна материја на која и е веќе доцна да го прифати националниот код и да се воздигне во услови на голема национална радост. Оние пак кон десно, се потрудија овој настан, оние 100 000 луѓе на улиците на Скопје, да си ги присвојат во својот табор, демек се дел од НАРОДОТ кој им удрил шлаканица на овие од власта. Името решија да го бранат одамна продадено, онака театрално, под пехарот на ракометарите, продавајќи ни лажен патриотизам и зла крв меѓу луѓето. Името отиде пријатели. И време е сега да се воздигнеме како народ за да се минимизира штетата од таквата промена. А тоа ќе го направиме ако пораснеме како нација и ако научиме во ваквите големи моменти да бидеме мангупи, фраери, едноставно, големи. Не жолт туку црвен картон за ботовите кои ја извадија својата реторика на овој голем настан, а не знаат ни каде се наоѓа салата Јане Сандански. Вие не сте дел од спортската фела, и немате право да го киднапирате за ваши цели најголемиот клупски успех со кој Вардар ја воздигна оваа наша и на колена клекната Македонија.

И за крај…Со скандирање против клетите шиптари, не сте поголеми Македонци од оние кои тоа не го прават. Со осудата само на вардаровите навивачи а пикање на главата во песок кога тоа го прават Балистите, Шверцерите со навреда кон клетите Каури, не сте големи миротворци. Отровни сте како змии. Го потпалувате ова кревко, рането и возбудено македонско тело кое врз своите плеќи ги осети камшиците и на вашите кажани зборови и на вашите валкани пера. Вас сакам да ве заборавиме! Поголеми идоли и примери за тоа како се сака Македонија од ракометарите кои ни донесоа злато во Скопје, во моментов не познавам! Бидете ми живи и здрави. Да живее Вардар и да живее Македонија!

Пишува: Кристијан Мицкоски.
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК

Следете не на FacebookInstagram & YouTube

Сподели: