Василевски за Фактор.мк: Потребна е зелена обнова на Македонија
26/09/2019 In Conservative.MK, Екологија, Македонија Leave a comment
26/09/2019 In Conservative.MK, Екологија, Македонија Leave a comment
Страшните шумски пожари ги привлекоа вниманието на социјалните мрежи, но што може да се преземе за конкретна заштита на шумите, како да се постигне општествена и политичка согласност дека одредена стратегија е неопходна за справување со последиците. Пожарите во Амазон предизвикаа глобален судир на идеологии додека пак пожарите во Македонија повторно ја наметнаа темата за средствата на противпожарната служба како и неопходноста од пошумување. Затоа правиме анализа со Стефан Василевски, управител на Конзервативната.мк
Фактор: Стравичните слики од големите пожари во Сибир, Амазонија, неодамна на Преспанското езеро и сега на велешкото езеро Младост покажаа колку е кревка природата во споредба со човековото невнимание, но и алчност за освојување на обработлива земја. Колку апелите на социјалните мрежи и општественото расположение во моментот придонесуваат за промена или подобрување на свеста и како тука најдобро да се делува?
Василевски: Активните пожари се проблем низ целиот свет. Најдобар приказ е сликата под ова прашање која е приказ на НАСА за активни пожари низ светот во неколку месечен период.
Апелите на социјалните мрежи се добри за кревање на свесноста но исто така знаат да бидат и многу драматични давајќи слика на неуспех на општеството што воопшто не е точно. Постои план за комплетна обнова на шумите до 2030та година.
Не се согласувам со вас дека „алчноста“ за освојување на обработлива земја влијае лошо врз природата. Со примери од скоро сите западни држави, докажано е спротивното. Можеби навидум „екологистите“ се противат на капитализмот, но доколку правилно ја разбрале поентата, многу повеќе би биле против социјализмот со неговите огромни, непоправливи проекти коишто ги контролира државата, отколку против етосот на слободното претприемништво.
Како конзервативец исто така верувам дека единствено приватната сопственост наложува одговорност кон животната средина како спротивно на неограниченото право таа да се искористува, право чиишто последици ги видовме во уништените предели и загадени водни патишта на поранешниот Советски сојуз.
Фактор: Што треба да преземе Македонија со цел да се спречи дополнително уништување на шумите и нивното огромно значење за биосветот и животната средина. Колку стратегиите на Обединетите Нации, ФАО и слични институции може да бидат од корист?
Василевски: Постои одличен план за обнова на шумите во светот. Тој план е изработен од Обединети Нации и се вика Глобален план за шуми 2030 [Global strategy on Forest]. Во сликовит приказ можете да ги видите 6те главни точки на тој план кои вклучуваат инвестирање во биоекономија (поле што кај нас е табу тема), креирање на еколошки политички платформи, зголемени површини на заштитена шума, инвестиции во науката и менаџментот на шумите како и зголемена соработка помеѓу институционалниот и невладин сектор. Сите детали и точки од планот може да ги прочитате на следниот линк: United Nations Strategic Plan for Forests 2030.
Како конзервативец и националист, предлагам секоја земја да развие сопствен модел на биоекономија и менаџмент на шумите. Тој модел треба да се основа на точките од глобалниот план 2030 и да ги интегрира сите расположливи потенцијали.
Фактор: Дали кај бразилскиот претседател Болсонаро има вина бидејќи неговиот популизам кој фаворизира економски раст без оглед што цената доведе до запалување на делови од амазонската шума кои веќе беа обележани за сеча, за потоа пожарите да се прошират и во прашумата. Популизам, неоколонијализам, или див капитализам, што е клучно за неконтролирано уништување на шумите?
Василевски: Ништо од наброеното. Зошто го велам ова? Токму поради мапата која е прикажана како одговор на првото прашање. Погледнете го пределот на Амазонија во период од мај до август 2018 година на веб-страната на НАСА. Тогаш Болсонаро не беше претседател. Нападот врз Болсонаро е доказ за паниката во редовите на глобалните левичарски бирократи бидејќи десниот бран почна да ја зафаќа и Јужна Америка. После повеќе од 13 години, во Бразил падна социјализмот!
Како што знаете, ние соработуваме со алијансата на светски и европски конзервативци, а на последниот состанок на советот, повторно бевме присутни. На таа средба, претставници од македонските конзервативци имаа чест да се запознаат со уште една политичка ѕвезда од Јужна Америка, чилеанецот Хозе Антонио Каст. По Болсонаро во Бразил, десниот бран подржан од Алијансата на конзервативци и реформисти заедно со најголемата центар-десно групација, ИДУ www.idu.org се проширува и во Јужна Америка.
Се очекува голема победа на десничарите во Канада, во САД веќе го имаат Трамп, во Австралија ја зацврстија својата победа, во Израел се очекува уште еден мандат на Нетањаху на 17ти септември, а во Европа на национално ниво (не во ЕУ парламентот) подршката само расте. Ова е главната причина за нападите врз Болсонаро започнати од Макрон, а не неговиот „популизам“ или економски политики.
Фактор: До пред некоја година се одржуваше манифестацијата „Ден на дрвото“ по која одредени групи фрлаа „со дрва и со камења“. Дали е потребно масовно пошумување на Македонија, без тоа да биде употребено или злоупотребено од дневната политика?
Василевски: Злоупотребата на екологијата и животната средина во дневната партиска политика доаѓа најмногу од левичарите. Левичарските зелени движења веруваат дека човекот е паразит, а природата е идеологија и не треба да се допира. Ние пак од десниот спектрум, веруваме дека природата може да се користи за општо добро на човекот, но истите ресурси треба да се компензираат. Пример: сосема е во ред да се сечат дрва доколку за истите се компензира.
Затоа, верувам дека денот на дрвото е потребен да се врати во полн ек со дополнителни количини на дрва кои ќе се засадуваат. Точка 1 од планот на глобалната стратегија на Обединети Нации го предвидува истото. Погледнете го горенаведениот линк за повеќе детали.
Фактор: Зелените идеи и политики се почесто добиваат на „цена“ во европски и светски рамки. Потребна ли е посилна политичка опција која ќе биде „зелена“ и што би требало таа да понуди, има ли применливи решенија?
Василевски: Јас сум против нова „зелена“ опција односно политичка партија.
Напротив, верувам дека во центар-десно концепти како на пример Обнова на Македонија треба да се посвети повеќе внимание на таканаречените зелени политики и платформи. Потребна е интеграција на сите расположливи потенцијали во центар-десно спектарот.
Тука спаѓаат и воведувања на новитети како што е биоекономијата чиј основни принципи се економски раст, социјален напредок и одговорно, одржливо користење на природните ресурси за заштита на животната средина. Биоекономијата промовира и нов стратегиски правец во современото земјоделство и агрикултура.
За мене зелена платформа и политики се: зголемени активности во заложба за обновливи извори за енергија, безбедност на храна, максимално користење на водните ресурси по примерот на Израел, поттикнување на образование и наука, инвестирање во развој на здравство и здравствени политики, инвестирање во истражувања, зајакнување на партнерство и соработка со Европскиот центар за истражувања [EU Joint Research Center], менаџмент на шуми. Не треба да измислуваме топла вода бидејќи постојат доволно примери според кои ќе креираме национална стратегија.
Фактор: Имаме повеќе граѓански активисти, организации и невладини здруженија кои будно ги следат проблемите со загадување на животната средина, особено на воздухот, но за организираната дива сеча на планините и шумите речиси да нема и никаков напредок. Како да се промени оваа состојба, толку ли е опасна шумската мафија?
Василевски: За организираната дива сеча на шуми и дали се работи за мафија или друг вид на организиран криминал, не би можел да одговорам. Само може да ве упатам кај шумската полиција или МВР па да побарате одговор.
Јас би можел само да сугерирам со идеја која понатака би го олеснила справувањето со дивите секачи на дрва, а тоа е имплементација на точка 3 од глобалната стратегија за шуми на Обединети нации: Зголемување на површините на заштитена шума.
ЛИНК ДО ИНТЕРВЈУТО ЗА ФАКТОР.мк – https://faktor.mk/vasilevski-potrebna-e-zelena-obnova-na-makedonija?fbclid=IwAR1f4qa6zO4Zs-hexkaWuzJYlp_e5HsotfZQJBXQX9uzvUBpW43dBKdGCWA