Одговор на тезата за десничарски тероризам: Омразата се кове дури е жешка!
18/03/2019 In Безбедност и одбрана, Европа и светот, Македонија, Национализам, Социологија Leave a comment
18/03/2019 In Безбедност и одбрана, Европа и светот, Македонија, Национализам, Социологија Leave a comment
Тероризмот, како се по популарна форма на искажување политички револт, ни ги изострува сетилата на сите подеднакво. Гневот е обично меѓу првите емоции кои се раѓаат по сознание за грозоморни настани како скорешниот во Нов Зеланд, но и како многуте во последно време насекаде низ светот. И точно е дека дел од нас можат лесно да се дистанцираат од симпатизирање со настраданите, пропорционално со далечината на локацијата каде се случуваат овие настани. Но, кај поголемиот дел од секојдневното население, секој чин на насилство пали емотивни пламени речиси инстантно, без разлика на време и локација.
И токму затоа е сосема разбирливо, од една страна, дека разумните мисли ќе бидат замаглени од чадот од тие пламени. Денес е лесно да се искаже јавно мислење што ќе допре до стотици, илјадници, па и милиони. Уште полошо, ставовите искажани во лутина најверојатно ќе имаат само една разлика со ставовите против кои се бориме – а тоа е нивниот предзнак. Само уште една, еднакво невалидна и потенцијално инфламаторна слика, но од другата страна на паричката.
Така решенија на проблемите не се изнаоѓаат. Така се креираат проблеми, се радикализираат умови. Но, да почнеме од почеток.
Политичката припадност и мотивите на терористот од Нов Зеланд (немам намера да го именувам, според мене тој има само титула терорист) се веќе добро познати. Каде и како се радикализирал, и што го натерало на ваков чин е далеку од неважно, и вредно за дискусија. Но, уште поважно е, анализата на – како и осудата за – неговата инспирација и изворите на омраза од кои се поел треба да дојде во реална форма, а не само како реакција искажана во жестокоста на моментот.
За жал, деновиве на претек се реакциони написи кои, со целата своја наводна добронамерност, всушност играат точно во рацете на луѓето како терористот од Нов Зеланд. Ги јадат идеолошките инфламаторни трошки, кои тие ги оставаат токму со таа намера. И токму тоа е и [Link_1 Вашиот текст], госпоѓо/госпоѓице Мерсиха. Само уште еден во редицата запалливи реторики кои само водат до радикализација, но на „спротивната“ страна. Не верувам дека во овие времиња ни треба повеќе радикализација.
Празнините во Вашата аналитика, до кои доаѓате поради очигледна претпоставка, се прилично евтин начин да се прескокне до саканата поента, која, доколку би била реалистична, не би морале да користите претпоставки, туку факти. А бегството од факти може само да ги амплифицира радикалните сентименти.
На пример, за да се скокне од: „…но терористот Брентон Тарант, добива инспирација и ја храни својата омраза со српска музика во која се слави геноцидот врз Бошњаците т.е. муслиманите на Балканот. Всушност, на крајот на 2018-та година, терористот Брентон Тарант шетал низ Балканскиве земји“ до: „најверојатно да ја нахрани својата омраза, да ги нахрани своите радикални ставови, да ја јакне исламофобијата!“
Очигледно е дека морате да користите „најверојатно“. А, „најверојатно“ не е баш ефективен прилог ако се обидувате навистина да докажете разумна гледна точка. Но, како што кажав, разбирлив е гневот, и такви скокови во наративот можеби и не се толку страшни, иако се погрешни и комплетно бескорисни.
Пострашното следува, и се интензивира: „но во светот и те како стравот од исламот и муслиманите претставува мотив за напад над муслимани и муслиманки, напад врз џамии и други објекти кои се користат од муслиманите. Но, сето тоа невино се доживува бидејќи, фрлениот камен врз џамија не е ништо сериозно, вандалски чин кој причинил само материјална штета! Толку!“
Како јасен приказ зошто мислам дека ова е прилично штетна изјава, ќе влезам за момент во очите на терористот од Нов Зеланд. Што мислите, дали тој го направи она што го направи поради тоа што се чувствувал испочитуван, или, како што би рекле Вие, привилегиран? Затоа што се почувствувал како дел од сите нас, просечните граѓани? Или затоа што бил цврсто убеден дека е маргинализиран, дека се дружи со маргинализирани истомисленици, дека неговите вредности секојдневно се под напад, и сето тоа поминува неказнето? Можеби затоа што, некој секојдневно се поцврсто го убедувал дека фрлениот камен врз неговата ценета раса се доживува невино, бидејќи тоа во очите на светот е само вандалски чин кој причинил само минимална штета. Ви звучи познато, госпоѓо/госпоѓице Мерсиха?
Да, тоа е многу веројатна слика што се создава, особено кај помладите читатели кои секојдневно следат текстови како Вашиот, и се убедуваат дека се маргинализирани и дека нападот над нив не е битна работа во очите на општеството. Што мислите, каде ќе го бараат решението тие луѓе? Зарем не мислите дека токму ваквата реторика е она што ги храни радикалните сентименти кај младите денес?
Од тука, следно се јавува прашањето, како тоа поедини, очигледно маргинални лудаци кои веруваат во надмоќта на белата раса, ја прават – во вашите очи – целата бела раса „привилегирана“? Следејќи ја таа логика, дали терористичкиот акт од 2001 кој се одигра пред вратите на Скопје, или оној од Кумановско Диво Насеље требаше да значи дека Албанците се привилегирана класа во Македонија?
Дали тогаш, секој терорист кој извршил идентични злосторства во името на Исламот значи дека муслиманите се привилегирана група? Како го поврзавте едното со другото, малку ми е нејасно.
Во врска со „исламофобијата“, дали знаете кој најмногу таргетира и тероризира муслимани низ светот? Не се нацистите, ниту крстоносците, па ниту Кинезите, туку Исламистите! Најголем број на жртви од Исламистички тероризам се всушност, други муслимани. Каква чудна манифестација на феноменот „исламофобија“, зарем не?
Нерадо ги издвојувам само муслиманите во овој текст како примери, само поради вашите тврдења за ексклузивноста на страдањата на муслиманите во светот. И како што гледате, дури и да е тоа вистина, тие страдања доаѓаат најчесто од други муслимани. Овој факт не го намалува импактот од останатите агресори, но е многу јасен, непобитен факт за вистинското значење на терминот „исламофобија“.
Што е уште поинтересно, ако ги следите вестите дури и со половично внимание, ќе видите дека денес [Link_2 нацистичките] и анти-исламските [Link_3 испади] низ светот се најстрого осудени како од јавноста, така и од официјалните институции. Без разлика дали се работи за вербален или физички напад, или само [Link_4 обична критика].
Како по сценарио, следната Ваша примедба – национализмот и десничарските идеологии. Овде не можам а да не забележам доза на лицемерие, кое искрено верувам е несвесно. Или, само се надевам. Национализмот како идеологија е она што ги креирало, и одржало во живот државите во светот, а со тоа и овозможило развој на одделни култури. Национализмот е само идејата во сплотеноста на една група луѓе на основа на нивната национална определба, без разлика каде се наоѓаат во светот. Далеку сум од експерт, но знам дека Исламот, како религија, преку својата света книга ги обединува верниците на основа на нивната верска определба, без разлика каде се наоѓаат во светот.
Ова би требало да ви илустрира дека Вашето разочарување што национализмот не подлежи на осуда е очигледно апсурдно. Сигурно не би пропагирале осуда на Исламот поради овој принцип, зарем не? Никој нормален не би. Но, појавата на екстремни елементи во секоја идеологија постојат, и тие се за осуда, наместо цела една идеологија да биде компресирана во својот најекстремен сегмент.
А што се однесува до „популистичките говори“ на десничарските партии, кои, навистина необјасниво ги поврзувате со тој фамозен „говор на омраза“, термин кој верувам ни самата не знаете да го дефинирате, гледам дека очајнички посакувате цензура.
Зарем не мислите, госпоѓице/госпоѓо Мерсиха, дека е по малку иронично што како оружје во вашата борба против „Нацизмот“, го користите токму едно од главните оружја не само на самите Нацисти, туку и на секој успешен диктатор – цензурата?
Посакувате десничарските идеи да останат само во главите на десничарите, и да им се ускрати можноста да дојдат до платформа? Епа честито, затоа што според [Link_5 Cato институтот], вашиот сон е се појасна реалност:
Како што можете да видите, десничарите во светот веќе се само-цензурираат, и ако мислите дека тоа е поради непријателскиот и нетолерантен однос на лево-ориентираните структури, тогаш вооопшто не грешите. Фашистичкото однесување на гротескните антифашистички организации низ светот веќе ги притиска десничарските размислувања кон маргините на дискурсот. И токму така се креираат радикални ставови, така се вродува омраза, така се распалуваат пламењата на раздорот.
Потоа, читајќи го Вашето мислење, човек би помислил дека само припадници на белата раса денес имаат интернет, и само тие користат социјални мрежи. ИСИС, Боко Харам, Вооружените Револуционерни Сили на Колумбија, Ал Каеда, Хезболах, Сомалиски Ал Шабаб, сите овие групи сеуште водат активни профили на меинстрим социјални мрежи како Фејсбук и Твитер, до ден денес. Камо плач за цензура за овие групи?
А додека пак, бидејќи најверојатно не знаете, Фејсбук профилот на Ку Клукс Кланот беше отстранет уште во далечната 2009.
И да, се согласувам дека тероризмот не познава религија или нација, и дека тоа е зло кое треба да се спречи. На Ваше разочарување, праксата покажува дека присилното замолчување само води до интензивирање на омразата и се поексплозивни манифестации на истата, а не треба да бидете изненадена кога и самата еден ден ќе паднете како жртва на цензурите кои толку ги посакувате.
Поделбата на „леви“ и „десни“, „наши“ и „ваши“ не е порака за единство, ниту порака за било какво решение. Напротив, таквата класификација остава само чувство на немоќ кај младите генерации, кое подоцна бива надополнето со дополнителна социјализација и подземна радикализација, далеку од очите на јавноста. Тероризмот во Нов Зеланд не беше извршен во мое име. Не беше извршен во име на мојата раса. Не беше извршен во име на религиозната определба на мојот народ. Не беше извршен во името на огромно мнозинство низ светот. И е осудуван од сите нас. Исто како што, верувам, исламистичките терористички напади насекаде низ светот не се извршени во име на муслиманите во целиот свет.
Сонцето е најдоброто средство за дезинфекција. Или, во слободен превод од популарниот „адвокат на народот“, а подоцна и судија во Врховниот Суд на САД, Louis D Brandeis:
„Доколку постои можност лагите и грешките да се изнесат преку дискусија, да се пренасочи злото преку процесот на едукација, тогаш лекот е повеќе говор, а не присилно молчење.“
Нека превладеат ладните глави. Само така ќе дојдеме до она за кое се бориме – безбедно и толерантно општество, исчистено од омраза, во интерес на идните поколенија.
Политички коментар: Марјан Ќуринов
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на Facebook, Instagram & YouTube
ЛИНК 1 [link do statijata na mersiha – https://civilmedia.mk/kazhete-jasno-i-glasno-desnicharski-terorizam/?fbclid=IwAR1cyBWI6dSLuxGaGuhtUvY6bjWwqqjsPiaJ3geimLqx4SeLJ4ZKDFxwJRQ]
ЛИНК 2 [https://www.scmp.com/news/world/europe/article/2105587/two-chinese-tourists-arrested-after-making-nazi-salutes-germany]
ЛИНК 3 [https://www.foxnews.com/world/london-street-preacher-arrested-in-viral-video-accused-of-islamophobia-dont-take-my-bible]
ЛИНК 4 [https://archbishopcranmer.com/met-police-criticism-islam-islamophobia/]
ЛИНК 5 [https://www.cato.org/survey-reports/state-free-speech-tolerance-am%C3%A9rica]