Енвиронментализмот ги содржи сите обележја на една левичарска кауза: одредена категорија жртви (идни генерации), просветена авангарда која се бори за нив (еко-борци), моќни филистри кои ги искористуваат (капиталисти) и бесконечни можности да се изрази незадоволство од успешните, богатите и Западот. Стилот на работа е исто така левичарски: енвиронменталистот е млад, неуреден човек, кого го бие лош глас, којшто е сосредоточен кон размислување за позначајни нешта; додека неговиот противник, пак, е безизразен, средновечен, елегантно облечен човек и најверојатно е Американец. Оваа кауза е создадена со едноставно разгласени факти и теории и поттикнат активизам, со цел да ги привлече интелектуалците. Енвиронментализмот е нешто кон што може да се приклучувате и за повеќето млади тој има квазиспасоносен карактер и револуционерен карактер од XX век, кој доделува идентитет.

Сепак, сама по себе, каузата за животната средина не е воопшто кауза на левицата. Не се работи за „ослободување“ или зајакнување на жртвата, туку за зачувување на ресурсите. Не се работи за „напредок“ или „еднаквост“, туку за зачувување и рамнотежа. Нејзините следбеници можеби се млади и неуредни, но тоа е најмногу поради тоа што деловните луѓе не успеаа да разберат каде лежат нивните вистински интереси и вистински вредности. Можеби навидум енвиронменталистите се противат на капитализмот, но доколку правилно ја разбрале поентата, многу повеќе би биле против социјализмот со неговите огромни, непоправливи проекти коишто ги контролира државата, отколку против етосот на слободното претприемништво.

Навистина, енвиронментализмот претставува типична конзервативна кауза, најјасен пример на светот за нам познатото ни партнерството меѓу мртвото, живото и нероденото, коешто Бурк го бранеше како конзервативен архетип. Неговата основна цел не е да предизвика радикално преуредување на општеството или пак, укинување на наследните права и привилегии. Сам по себе, не се интересира за еднаквост, освен за еднаквост меѓу генерации и неговиот став за приватната сопственост е (или треба да биде) позитивен, бидејќи единствено приватната сопственост наложува одговорност кон животната средина како спротивно на неограниченото право таа да се искористува, право чиишто последици ги видовме во уништените предели и загадени водни патишта на поранешниот Советски сојуз. Неговата oпшта идеја е човекова, локална приврзаност кон средината, а не глобална контрола, а дополнително тој се противи на глобализмот и сите форми во кои тој се јавува, не помалку од она за што се залагаат левичарските енвиронменталисти, чијашто намера е да се вклопиме во светскa агенда од забарни.

Вистинската граѓанска одговорност произлегува од нашето чувство на припадност. Затоа, и покрај тоа што левицата ја присвојува оваа кауза, не постојат кохерентни политики за животната средина коишто произлегуваат од самата левица, бидејќи левичарското уверување го презира чувството на припадност. Ниту еден припадник на левицата нема да помисли да заземе став против масовната миграција, затоа што тоа според глобалистите би значело правење најголем грев, односно „расизам и ксенофобија“. Поради тоа Британската Зелена партија, заедно со германската Зелена партија, молчи во врска со оваа тема и покрај тоа што масовната имиграција радикално ја деградира инфраструктурата на нашата држава, предизвикува криза во домувањето и врши огромен притисок врз планирањето, заштитата на руралните подрачја, управувањето со отпад и урбаните погодности.

Чуството на припадност не нѐ врзува само за луѓето, туку и за местата каде што живееме и за обичаите коишто нѐ обединуваат. Така тоа подразбира внатрешен осврт кон населувањето. Тоа е појдовна точка на ставот којшто го нарекувам „оикофилија“, љубовта кон заеднички дом и желбата истиот да го заштитиме. Оваквата љубов ме повикува на одговорност, не само кон моите современици, туку и кон предците и потомците, одговорност кон сите за коишто ова место не е само Ваше и мое, туку наше.

Од оваа причина вистинскиот енвиронменталист е исто така и конзервативец. Веднаш откако луѓето ќе ја согледаат својата одговорност кон другите за тоа што се или за тоа што го прават и откaко ќе поистоветат едно место како „наше заедничко“, желбата да се заштити животната средина спонтано се јавува. Оикофилијата се наоѓа длабоко во сите нас, a во мојата земја  е објаснета преку двовековна кампања за зачувување на руралната средина и преку слична кампања за заштита на недопрената природа во Соединетите Американски Држави . Доколку сакаме да имаме убедлива политика за заштита на животната средина мора да се oбратиме до оикофилијата на гласачкото тело, а тоа значи дека таа мора да ги почитува нивните чувства на национален идентитет. Таа мора цврсто да се спротистави на глобализмот, вклучувајќи ги и празните приказни на глобалистите, коишто би ги обвиниле сите патриоти за „расизам и ксенофобија“ само затоа што не се подготвени да дозволат нивниот дом да биде проголтан од глобалната ентропија.

Статија преземена од официјалното списание на АКРЕ „Д Конзерватив“ (анг. “The Conservative”).

Напишал: Сер Роџер Скрутон, Sir Roger Scruton 

Сер Роџер Скрутон „Енвиронментализмот започнува со љубов кон сопственото“, The Conservative, издание 2 (јануари, 2017), стр. 7—8.

ЗАБЕЛЕШКА:

Conservative.mk во партнерство со Алијансата на Конзервативци и Реформисти на Европа (ACRE), има дозвола за користење, превод и споделување на информациите од списанието The Conservative Online. Прочитајте ги правилата и прописите за користење на информации од The Conservative Online.

The Conservative Online

REPRODUCTION RIGHTS: All content and materials of The Conservative are copyrighted, unless otherwise stated.

DISCLAIMER: ACRE is a Belgian ASBL/VZW No: 0820.208.739, recognized and partially funded by the European Parliament. Its views are not reflected by the European Parliament. The views and opinions expressed in the publication are solely those of individual authors and should not be regarded as reflecting any official opinion or position of the Alliance of Conservatives and Reformists in Europe, its leadership, members or staff, or of the European Parliament.

Сподели: