Зависно од гледната точка, мојата генерација е таа којашто, за среќа или за жал, ја измисли, меѓународната студентска револуција. Доколку се вратиме назад во времето, тој ден во Беркли, првично, не претставуваше марксистички револт. Сѐ започна како пројава на бес поради забраната за спроведување на сите политички активности во кампусот, коишто универзитетските власти ја објавија на почетокот од академската 1964 година, прилично сигурно на барање на локалните бизниси, кои беа уморни од тоа да бидат мета на студентите на Универзитетот во Калифорнија кои протестираат против нивните расно дискриминаторски постапки за вработување.

Згаснувањето на сите политички активности (дури и делењето летоци и носењето беџови), не само во врска со прашања за граѓанските права, туку и во врска со Виетнамската војна и американската надворешна политика, претставуваше очигледна повреда на уставните права и слободи на оние коишто во тоа време живееја и работеа на универзитетскиот простор. Оттука, на самиот почеток, оваа кампања можеби ја предводеа луѓе коишто имаа левичарски политички ставови, но сепак тука не се работеше за конкретно марксистичко, ниту пак социјалистичко движење. Oва беше борба за слобода на говор и слобода на здружување, во вистинска смисла, како што е предвидено со првиот амандман.

Кога поточно ова се смени? Кога студентите-бунтовници од Беркли, а подоцна и од Лондонската школа за економија (LSE) и од Сорбона, како и евентуално ширум универзитетите во Америка и Европа, започнаа себеси да се поистоветуваат со многу потешка идеологија, која јa нарекуваа Новата левица? И можеби најтешкото прашање од сите: зошто таквотo неомарксистичкo гледиште имаше такво влијание врз многумина, кога очигледно не опстана како политички систем во земјите во светот каде што заправо беше спроведен?

Првoто делче од мозаикот — кога барањата за основни слободи (ако се расколнички) се претворија во систематски марксистички заложби? — поприлично јасно го гледам во моето сеќавање. Бруталната реакција од страна на полицијата на мирните демонстрации претставуваше пресвртница. Глетката како студентите, коишто одбиваат да се откажат од собирање на подрачја, коишто некогаш претставуваа отворени арени за политички средби, или пак студентите коишто ненасилно протестираат, ги фрлаат по скалите од зградите или ги апсат по брза постапка предизвика масовна епифанија — откровение на она што левицата би го нарекла репресивна природа на капиталистичката држава. Сето тоа беше толку навидум веродостојно, да се видат тие угнетувачки подвизи на правните органи — завера на богатите и моќните скована за да ги заштитат своите лични интереси. Заради ова шокантно откритие, може со сигурност да се рече дека политичкиот и економскиот систем во којшто живеевте беше во целост неправеден.

Но вториот дел од мозаикот на овој историски преглед е повеќе од проблематичен. Зошто толку многу ветерани од тие почетни востанија останаа во „прегратките“ на марксизмот, дури и откако гротескните откритија за советските гулази и кинексата тиранија се проширија во јавноста? Како тој значителен број верни следбеници го задржа своето уверување, со оглед на сите тие расположливи докази кога стана очигледно дека големата ленинистичка и маоистичка револуција предизвикаа прогон и терор или пак, во најдобар случај, само економска сиромаштија и политичка корупција?

Постојат два различни одговори на ова прашање. Првиот е историски. Речиси целокупната влијателна марксистичка активност од шеесетите и седумдесетите години ја предводеа троцкистите — стари конзервативни комунисти кои останаa приврзани кон интересот на официјалната советска држава и коишто ги сметаа за абсурдни.

Она што следуваше оттука е тоа дека Советскиот сојуз и сиот негов криминал и неуспех би можеле да се обесхрабрат. Затоа Сталин го уништи итегритетот на револуцијата, а она што потоа следуваше во Русија и нејзините содружници беше предавство на вистинските цели и вредности на марксистичката кауза. Голем број комунисти отидоа уште подалеку од ова во својата анализа, тврдејќи дека револуцијата се случила на сосема погрешно место. Маркс никогаш не се залагал за преземање на Русија од страна на комунистите, затоа што таа беше тоталитарна држава која немаше поминато низ период на буржоаска слобода. Она што тој очекуваше беше оние западни нации коишто имаа поминато низ демократски демонстрации да преминат во комунистичко владење како следна фаза на историскиот напредок, а истовремено нивното население ќе увиди дека економијата која е во сопственост на народот е исто толку важна колку и контролата врз владата која е во народна сопственост. (Она на што тој не се досети е тоа дека ако еднаш луѓето ја почуствуваат „буржоаската слобода“, тие не би сакале да се откажат од неа, дури и на одредено време, само поради диктатура на пролетаријатот). Затоа беше поприлично лесно да се заклучи дека доказите произлезени од искуството за советската лоша репутација никому не му беа значајни. Правилно кажано, не е точно дека револуцијата не успеа — никогаш не се ни обидоа да успее.

Но, постоеше една уште поапстрактна причина зошто фактите не прераснаа во вистинско верување. Марксизмот не е производ на научно гледиште, туку на теолошко. Откако ќе ги прифатите еднаш премисите, тоа ja менува Вашата перцепција за човековата положба. Доколку работниците не ја прифатат проценката на нештата којашто тој ја налага, тогаш тие се наоѓаат во состојба на „лажна свест“, којашто може да биде променета единствено со делување.  Доколку фактите ѝ се спротиставуваат на марксистичката теорија, тогаш мора истите да бидат отфрлени како вид масовна заблуда, затоа што „објективната вистина е буржоаски концепт“. Иронијата во сето ова е дека она што Маркс го создаде, а Ленин го спроведе не беше противдејство на религијата, на којашто тие гледаа како на репресивно суеверие, туку една нова варијанта на истата — систем на верување, којшто според сопствените правила, не може да биде побиен.

Статија преземена од официјалното списание на АКРЕ „Д Конзерватив“ (анг. “The Conservative”), април 2017, издание 3, (стр. 31—33)

Напишала: Џенет Дејли

Сподели: