За неколку дена во САД, ќе победи тој што ќе освои 270 или повеќе мандати. Мапата е приказ на изборниот модел според сојузни држави (изборни единици). Претставен е бројот на мандати кој се добива при победа во одредена држава. Мандатите не се делат, а победникот добива се. Овој изборен модел се нарекува „мнозински метод“, winner-takes-all.

Пишува: Стефан Василевски, Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК

Главната разлика во гледиштата на надворешниот свет и политика помеѓу администрацијата на Трамп и Бајден се делат на повеќе сфери: Кина, Блискиот Исток, Интернационални форуми и организации (ООН, СЗО, УНЕСКО…) како и Европа. За Македонија, најважен е пристапот кон Европа и НАТО, затоа само тој дел ќе го коментирам. Најдоле, направив и проекција за можен исход од резултатите.

Европа и НАТО:

САД го заострија погледот кон Кина уште во времето на Обама. Со Трамп, само се засили. Сепак, фокусот на Кина нема да значи маргинализација на влијанието во Европа

А) Двајцата кандидати и нивните советници се свесни дека без соработка со Европа и нејзината поддршка за американските активности, Вашингтон нема да може ефикасно да се справи во спорот со Пекинг. Пример, при прашања на трговски договори, соработка за 5G технологија, почитување на човековите права, итн. Сепак, Бајден е посветен на обнова на сојузите и зајакнување на НАТО како чувар на демократијата, додека Трамп како бизнисмен, има потрансакциски пристап.

Б) Енергетски сектор: Nord Stream 2 се стопира, а таа заложба е подеднаква за кандидатите. Сепак, Трамп покажа лидерство со цврста рака односно ефективно стопирање преку санкции, додека за време на мандатот на Обама, Бајден не го стори истото.

Ангела Меркел го доживе овој момент како силен удар, но сепак Трамп не сопре тука. САД потпишаа договор со Полска за започнување на прераспределбата на американските трупи од Германија (US Army V Corps). На тој начин Полска стана столб на НАТО и американското безбедносно влијание во Европа.

В) Three SEAS Initiative. Друга многу важна област на трансатлантска соработка е американското воено присуство во Европа. Без оглед на тоа кој престојува во Белата куќа, САД постепено го намалуваат својот контингент на Стариот континент. Од гледна точка на европската безбедност, што треба да се третира како витален интерес на САД, ова е очигледно негативен феномен. Спорот меѓу некои од членките на НАТО е поттикнат од ставот на Доналд Трамп, кој директно ги критикува (донекаде со право) главно западноевропските земји за неостварување на целта да потрошат 2% од нивниот БДП за одбрана. Сепак, на некој начин, тој ги наградува земјите што ја исполнуваат оваа цел, особено земјите од источното крило на НАТО. Тие се оние кои се залагаат за зголемување на американското присуство во Централна и Источна Европа.

Г) Додека Трамп дава отворена поддршка на Централна и Источна Европа, особено на десничарските партии, групации и индивидуални конзервативци како Дуда, Орбан, Салвини и слични, Бајден ги класифицираше Унгарија и Полска како тоталитарни режими. Тој ги стави во иста група со Белорусија каде навистина владее диктатура и режим. Сумирано, победа на Трамп ќе значи и десничарско окрупнување во Европа, додека победа на Бајден ќе значи доминација на политичкиот центар и силни улични револуции во Унгарија и Полска.

МОЖНИ СЦЕНАРИЈА ЗА АМЕРИКАНСКИТЕ ИЗБОРИ:

За да победите на претседателски избори во САД, треба да освоите точно 270 електорски гласови (мандати), кои потоа го бираат претседателот во Електорското Собрание [Electoral College], кое брои 538 електори. Секоја сојузна држава, во зависност од бројноста на населението, има одреден број електорски гласови.

Највеќе жители има Калифорнија (California), 39.5 милиони и таа сојузна држава има највеќе електорски гласови, 55. Оној кандидат кој ќе победи во Калифорнија, ќе ги добие тие 55 гласа. Тексас (Texas) има 29 милиони жители и има 38 електорски гласа. Но, Делавер (DE) има 900.000 или Јужна Дакота (SD) 800.000 жители, и тие имаат по три електорски гласови. Практично, секоја сојузна држава е своевидна посебна претседателска битка, затоа што секоја држава носи одреден број на електорски мандати.

Одредени држави низ изминативе години традиционално гласале за претседателски кандидат предложен од одредена партија. На пример, Тексас е Републиканско упориште, а Калифорнија пак е цврсто Демократско. Но, има таканаречени „променливи“ држави (swing states), кои низ годините гласаат за различни кандидати и нивните електорски глсови најчесто го одредуваат победникот на изборите. Наречени се уште и „држави на пресметка“ или „војна“ (battleground states), затоа што кој и да победи, победата ја остварува со тесна разлика. Обично тука се води најтесната борба на кандидатите за секој глас, а одлучуваат нијансите.

Овие денови „држави на пресметка“ (battleground statesќе бидат Пенсилванија пред се, а потоа и Мичиген, Аризона, Флорида, Висконсин и Минесота. Тие ќе бидат клучните држави каде според мене, ќе се одреди победникот во САД. Засега, за нијанса повеќе мандати се во рацете на демократите, но сепак, Трамп неуморно се бори во клучните држави каде се останатите 96 мандати со кој тој би се зацементирал во вториот мандат.

Влијание на кандидатите врз Западен Балкан и Македонија 

Едно е јасно: Американското присуство на Балканот ќе расте, особено во борбата против руско-кинеските интереси. Така, Македонија се вклучи во потпишување на 5Г декларација, дел е од НАТО алијансата, а тек следат најголемите внатрешно-реформски процеси во безбедносниот сектор. Западниот Балкан во целост треба да се интегрира во ЕУ до 2030та година со решени спорови. Разликата би била во тоа што Трамп ќе остане на линијата на почитување на нациите, идентитетските прашања, историјата и слично, а повеќе ќе се насочува кон решавање на прашањата со економски и бизнис пристап (примерот со Белград-Приштина како и Израел со арапските земји). Трамп ќе игра на линија на интерес во трговија, бизнис, економија. Бајден од друга страна, изјави дека Косово е обезправено, па веројатно ќе работи на подобро решение за Приштина. Интересен момент е дека Трамп ја заобиколи Меркел во целост во пристапот со Косово, потврдувајќи кој е главен фактор на Балканот.

За Македонија, кој и да победи, нема да смени ништо во курсот и насоката на движење на државата. Сепак, победа на Трамп би значела можност за реорганизација на десниот сектор и ветер во грб за побрзо доаѓање на власт. #KAG2020

Сподели: