„Гласање во отсуство“ (Absentee ballot) наспроти „Гласање по пошта“ (Mail-in ballot): Демократско право или закана за валидноста на резултатите?

Американската демократија на своите граѓани, покрај личното гласање на гласачко место, им дала можност гласачкото право да го искористат „во отсуство“ – право кое датира уште од времето на граѓанската војна. Обично, „во отсуство“ (absentee ballot) гласа војската, потоа дипломатските претставници на САД низ светот, како и американските граѓани кои живеат надвор од границите на САД.

Покрај горните 3 причини (војска, дипломатија и живеење надвор од САД), во 16 сојузни држави (Алабама, Арканзас, Конектикат, Делавер, Индијана, Кентаки, Лујзијана, Масачусец, Мисисипи, Мисури, Њу Хемпшир, Њу Јорк, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас, Западна Вирџинија), за да гласате „во отсуство“ (absentee ballot), до изборната комисија мора докажете дека исполнувате една од следниве причини поради која не сте во можност да гласате лично на изборниот ден :

  • Престојувате во друга општина од онаа во која сте регистрирани како гласач,
  • Студент сте и престојувате надвор од општината каде гласате,
  • Имате болест или инвалидитет,
  • Работите или имате работа како поротник за време на гласањето,
  • Работите како избирачки работник или сте набљудувач на гласачко место,
  • Имате религиозни причини или пракси кои ве спречуваат да одите на гласачко место,
  • Во затвор сте, но не сте го загубиле гласачкото право.

Во 29 сојузни држави (Аљаска, Аризона, Калифорнија, Флорида, Џорџија, Ајдахо, Илиноис, Ајова, Канзас, Мејн, Мериленд, Мичиген, Минесота, Монтана, Небраска, Невада, Њу Џерси, Њу Мексико, Северна Каролина, Северна Дакота, Охајо, Оклахома, Пенсилванија, Роуд Ајленд, Јужна Дакота, Вермонт, Вирџинија, Висконсин, Вајоминг), како и главниот град Вашингтон, последните неколку години не морате да исполнувате одредени причини (како во претходните 16 држави) за да можете да гласате „во отсуство“, туку само треба да се пријавите во изборната комисија. Ова се нарекува „гласање во отсуство без причина“ (no-excuse absentee ballot) или попознато како „гласање по пошта“ (mail-in ballot), кое не мора да биде гласачко ливче исклучиво пратено по пошта.

Од јули 2020, 5 сојузни држави (Вашингтон, Орегон, Колорадо, Јута и Хаваи), за претседателските избори ќе спроведат комплетно гласање без изборни, со оправдување да не се шири вирусот. Во овие 5 држави терминот „гласање во отсуство“ (absentee ballot) се однесува исклучиво за оние кои се надвор од државата, па нема да можат да ги добијат гласачките ливчиња на нивната гласачка адреса.

Процедурата

Американската демократија е толку широка, што на секоја сојузна држава им дозволува да ги одредува сопствените процедури околу аплицирањето, верификацијата на идентитетот, кој може (ако не можете вие самите) да ви го достави гласачкото ливче и кој може во ваше име да го однесе на собирни локации (ballot dropbox). Или ви дава можност дали ќе го пратите по пошта, но тоа да биде на одреден датум. Секоја држава одредува и колку денови пред денот на изборите ќе прима апликации и до кога ќе можете да ги доставите пополнетите ливчиња. Во одредени држави пополнетите гласачки ливчиња се предаваат на самите изборни места, а во други има пунктови во вид на метални кутии (ballot dropbox), во кои ги пропуштате гласачките ливчиња. Гласачкото ливче содржи бар-код, шифра и потпис на овластеното лице од изборната комисија. Добивате и специјален коверт во кој треба да го ставите гласачкото ливче. Ако го доставувате по пошта, некои држави ги плаќаат и трошоците.

Најчесто, на гласачкото ливче не гласате само за една работа (претседателските избори), туку гласате и за претставници за Конгрес, се изјаснувате за јавни обвинители во вашите окрузи, гласате за одредени закони (своевиден референдум), итн. Одредени држави, за да не се прават турканици, дозволија и гласање пред гласачкиот ден на 3 ноември.

Во одредени држави, дури и ако сте гласале еднаш, а во текот на кампањата сте се премислиле, може да гласате по втор пат. Во некои држави може да се премислувате и три пати.

Пандемијата и изборите

Од околу 200 милиони гласачи, речиси 60 милиони побарале да гласаат во отсуство. Тоа е најголема бројка во американската историја, речиси 1/3 од регистрираните гласачи.

Најголемите побарувања на гласачки ливчиња во отуство се проценува дека се од традиционално Демократските средини, додека пак Републиканските гласачи преферираат лично гласање. Со негативната еуфорија на левите медиуми дека „не е безбедно да се гласа лично за да не се заразите од вирусот“, како и затворањето на многу гласачки места, Трамп се исплаши дека тоа може да го расколеба Републиканското гласачко ткиво – кое традиционално гласа лично – да не излезе да гласа. „Дали сакате неколку месеци после денот на изборите да не знаете кој е победникот? Дали сакате вашиот глас да залута? Излезете и гласајте лично, така е најсигурно“, пишуваше тој на Твитер.

Самиот тој, за да демонстрира дека и личното гласање е безбедно, појде во Флорида и заедно со Меланија гласаа лично (Флорида е една од државите кои усвоија „предвремено гласање“ – early vote, со цел да се избегнат групирања на изборниот ден). По гласањето, со насмевка, на медиумите им изјави дека „гласал за дечко по име Трамп“ („I voted for a guy named Trump“). Додаде и дека личното гласање е „многу побезбедно“, отколку она по пошта.

Страв на Трамп или реална закана по резултатите? Прочитајте на следниот линк: ЌЕ ЗАГУБИ ЛИ ТРАМП?- НАЈМАСОВНИ ИЗБОРИ ВО ИСТОРИЈАТА НА САД

Пишува: Зоран Данилов, оперски пејач, голем фан на конзервативните политики како и на американскиот претседател Доналд Трамп.

Сподели: