Во најголем дел, луѓето и покрај сите свои доблести и маани, тежнеат кон безбедност. Во светскиот вокабулар, оваа зона на безнедност е позната и како зона на комфорт (comfort zone). Нажалост, многу мал број на луѓе се спремни да се пуштат во авантура и да излезат од таа конфортна зона бидејќи оваа авантура носи и ризик.

Сепак мал број на луѓе се одлучуваат на овој чекор, дел поради недостаток на грижа за безбедност, дел предводени од желбата за просперитет и напредок. Желбата во нив која за чудо на мнозинството, навидум лесно го надвладува стравот од пропаст. Не знаејќи притоа дека таа борба воопшто не е лесна. Оваа борба не е ниту краткотрајна, ниту сигурна, но штом човек влезе во оваа битка, во многу случаи останува да се бори до гроб!

Во суштина, овие се двата принципа кои, пренесени на гласачко ливче ја решаваат политичката и економската иднина на општествениот поредок. Во зависност од тоа која група-носител на секој од овие принципи ќе брои повеќе припадници, луѓето избрани да го водат колективот ќе тежнеат да ја прошират заштитната мрежа, или да ја стеснат.
Со цел избраниците на побројната група да ја остварат нивната желба, тие ќе мора да се здобијат со адекватно ниво на контрола над електоратот. Со тоа, колективот ќе мора да се откаже од, или уште посигурно да ги зграби, своите права и слободи.

Голема влада: Грешката

Што е голема влада? Во една реченица: Владеачка структура за која се смета дека, поради продлабочена бирократија и продорни регулации и политики, ги нарушува индивидуалните права на своите граѓани. Или, во еден параграф: “Голема влада” се случува кога мнозинството избирачи очекуваат поширока сигурносна мрежа.

Сѐ почнува со идејата дека припадниците на една заедница треба меѓусебно да си помагаат. Задолжително. За да можат властите да се осигураат дека секој ќе „помага“, тие мораат да се здобијат со правото да го присилат, или едноставно казнат, оној кој не се јавил со предвидениот придонес. За сметка на тоа, граѓаните мораат да се откажат од одредени слободи за да и самите станат подложни на истата присила, или казна.

Потоа владата, имајќи увид во секој аспект од животот на своите избраници, лесно доаѓа до неброени причини и понатаму да ги прошири своите овластувања. Најчеста стратегија е воведување на дополнителни, секогаш „неопходни“ експертски тимови, одделенија, агенции и останати служби и институции, кои без проблем се прифатени од граѓаните поради тоа што секогаш се кријат зад звучни термини без објективна дефиниција. Термини како „солидарност“, „еднаквост“, „ранливи групи“ и „соживот“.

И додека граѓаните со лесно срце се збратимуваат околу овие идејни достигнувања, ретко кој се обидел всушност да ги дефинира овие како групи во реалноста. Уште поинтересно, ретко кој се обидел да ја спореди својата дефиниција за овие термини и соодносно, групи, со владината дефиниција на истите. А разликата, со време, станува се поочигледна. И во еден момент, владините права и овластувања преминуваат во привилегии. Привилегии кои, после не толку долго време стануваат познати меѓу граѓаните под псевдонимот „неопходно зло“. Неопходната потреба да се има авторитативна фигура, затоа што истата веќе е толку длабоко втемелена во секојдневниот живот, што веќе не само „ранливите“ групи, туку и широката средна класа станува силно зависна од неа.

Голема влада: Проблемот

Проблемот се јавува кога – за воља на иронијата – после долго време стопостотно согласување на граѓаните со властите, јазот помеѓу нивните интереси сѐ повеќе расте. Граѓаните се чувствуваат сѐ понеудобно, приклештени во прангите на нивниот „старател“, а тој пак, сѐ поудобно се сместува во нивната приватност. Сѐ полесно ги прекршува нивните лични права и слободи, сведувајќи ја нивната бројка на минимум.

И така, полека, но сигурно, јазот ги еродира и самите основи на идејата наречена општество, заедница. Сѐ поголем број на сѐ построги регулации, поширок домен на авторитет, а со тоа и сѐ почеста примена на сила за нивно применување. До моментот кога дури и непожелните идеи и помисли се земаат како легитимна причина за казна. Затоа што, финансиската потпора која граѓаните ја пружаат не е веќе единствениот начин на кој тие ќе допринесат за „општо добро“. Се јавува потребата и од наметнат крајно диктаторски идеолошки допринос.

Лесно е да се предвиди каде ова води. Навистина, денес, лесно е и статистички да се предвиди колку долго може да трае еден типичен авторитативен социјалистички систем. Имено, во цивилизираната историја на човештвото речиси и да не постои комплетно, па и делумно социјалистички систем кој траел подолго од 7-8 декади.
Како очигледно супериорна споредба, уставот, а со тоа и парламентарниот капиталистичко-демократски систем на слободни пазари на Соединетите Американски Држави е стар 230 години. И нема некои изгледи да умре во догледна иднина. Тоа кажува многу, нели?

Во нашата актуелна, „северна“ ситуација, луѓето кои без успех, подолго од деценија, од петни жили се напнуваа легитимно да се вгнездат во законодавните канали, конечно најдоа силен сојузник под чие раководство научија за многу кратко време како се прави тоа, на професионален (читај: нелегитимен) начин: арогантно, бесрамно, самоуверено, родоубиствено. Без трунка совест, со план одамна скроен, и јасно искажан: да се прескокне мислењето на народот при донесување решенија на суштински проблеми на државата, како проблемот со името.

Самиот чин на гласање, според нив, им дава апсолутно право да го заобиколат уставното право на своите граѓани за самоопределба. Ова беше, иако парафразирано, јавно искажано уште пред повеќе од 10 а можеби и 15 години од Бранко Црвенковски. Исто така, зарем не е нашиот сегашен премиер истиот тој човек кој на билборди низ земјава ни кажуваше дека ќе дојде денот кога ќе мора да ја „превиткаме кичмата“?

Доколку го додадеме на сето ова и екстремното ниво на корупција и непотизам, кои се небаре дел од македонскиот генетски отпечаток, тогаш моменталната лакрдија од лидерство претставена преку неодамнешната распродажба на основните македонски обележја воопшто не е изненадувачка. И додека недвосмислено расфрлање непромислени црни сценарија не ни оди во прилог – ниту нуди решение, во истиот здив може да се каже и дека ова само ќе оди на полошо.

Поразот на Македонија беше одамна јавно планиран, а можноста за егзекуција со нетрпение очекувана.
Не е ни чудо што толку искрено уживаат во нивните декадентски акробации.

Политички коментар: Марјан Ќуринов
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК
Следете не на FacebookInstagram & YouTube

Сподели: