Статусот на жената во Исламот
03/10/2020 In Conservative.MK, Европа и светот, Македонија, Социологија Leave a comment
03/10/2020 In Conservative.MK, Европа и светот, Македонија, Социологија Leave a comment
Исламот е една од најголемите светски монотеистички религии. Арапскиот збор Ислам значи покорност или потчинување на човечката волја кон едниот вистински Бог заслужен за обожување – Аллах, и секој кој работи според овие принципи се именува како муслиман. Овој збор исто така означува и мир кој што е природна последица на целосното потчинување на волјата кон Бог. За да постигне мир, верникот треба да живее во мир со самиот себе и со луѓето околу него.
Според ова може да се заклучи дека Исламот не е религија која повикува на војна и која толерира неправда, наспроти широко прифатените стереотипи за борбеноста и агресивноста на муслиманскиот народ.
Слободата на жената, слободата на избор, мора да се почитува. Денес, мажите и жените се еднакви пред законите и имаат еднакви можности за сѐ. Сепак, во светот може да забележиме голема поларизација на тема „Жените и нивните права и слободи“.
Инфографик: Закон за забрана на бурка и борба за слобода на жените низ Европа.
Дека третманот на жените во Исламот од историски аспект е поразличен од останатите религии, зборува и самото толкување на првиот грев на Адам и Ева. Имено, никаде во Куранот не стои дека Ева е таа што го направила гревот и го навела Адам на грев. Таму се вели дека и двајцата направиле грешка и затоа и ќе добијат казна. Во Куранот и мажот и жената се исти, создадени од еден ист Бог и со една единствена цел – да му служат на Бог, да прават добри дела и да го одбегнуваат злото.
Она што го разликува Исламот од останатите религии е секако и односот кон жената во секојдневието и во сите аспекти од живеењето впрочем. Исламот најпрво, воопшто не ја деградира и понижува жената за време на месечниот циклус. Тој период се третира како нормален и природен и единствено им се забрануваат сексуалните односи, а секаков друг однос е дозволен. Дури жените со менструација се и во поповолна ситуација ако се земе предвид фактот што во тој период тие се ослободени од некои верски обреди како што се дневните молитви т.н.намази и од постењето. А молитвите и постењето се всушност дел од петте основни столба на кои се темели Исламот.
Мажот и жената во рамките на Исламот се рамноправни и исти пред Бог и имаат исти задолженија. Двајцата добиваат иста награда и прошка. Според Исламот, правата на мажот и правата на жената се надополнуваат правејќи една целина, укажувајќи притоа на подеднаквата важност на двата пола. Исламот и давал еднакво право на жената и во поглед на образованието како и многу други општествени сфери. Може да се заклучи дека Исламот од историски аспект е религија која е многу толерантна кон жената. Но дали е тоа денес така?
Она околу што најмногу се разединуваат толкувањата на статусот на жената во Исламот е начинот на облекувањето.Носењето на хиџапот, традиционалната наметка што ги покрива, за многу од муслиманите значи покажување идентитет и морал. Муслиманките кои го бранат ова правило истакнуваат дека ова е начин да ја сокријат својата сексуалност и да се покажуваат со своите морални квалитети и интелегенцијата што ја поседуваат. Според традиционалните закони постојат 6 основни критериуми за облекување меѓу кои и тоа дека облеката треба да биде широка, непровидна и непредизвикувачка, да нема ништо што би потикнало вознемирување и бесрамност. Она што е карактеристично и што произлегува од анализата на структурата на Исламот е секако поволната положба на жената пропишана и во Куранот.
Но, модернизацијата на општествата и поголемити апетити на луѓето несомнено успеваат да продрат и до сржта на исламските закони и норми. Од денешен аспект сведоци сме на појавата на екстремистички настроени групи и држави кои борејќи се против западноевропската и политиката на САД, носат и пропагираат правила и закони кои наводно имаат за цел да ги спасат муслиманите од модернизацијата. Се модифицираат постоечките закони и се пропагира воведување инквизиторски методи за спречување на бесрамните и неморалните однесувања. Таков е Шеријатскиот закон кој дозволува каменување, јавно закопување на живи луѓе, отсекување екстремитети и уште многу други нехумани начини за држење страв кај послабите.Во природата на човекот е и да згреши но, лишувањето од живот не е начин да се плати за грешката. Ниедна грешка не може да се мери со човечкиот живот.
Голем е бројот на припадници на муслиманската вероисповед и во нашата држава, но освен во некои помали населени места, главно рурални и планински места, се чини дека статусот на муслиманската жена кај нас е поприлично либерален. Иако, почитувањето на верата кај сите муслиманки претставува императив за водење добар живот, живот во мир со себе и со другите како што налага Исламот. Еманципација на муслиманските жени во општество како што е македонското мора да води во насока на нивно лично и професионално надоградување и оттука, компетенцијата во јавната и приватната сфера да се сведе исклучиво на професионални и лични квалитети, а не на етничка или верска припадност.
Пишува: м-р Виолета Михајловска, за Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК