Патот кон силна и суверена нација
06/09/2018 In Национализам, Христо Узунов Leave a comment
06/09/2018 In Национализам, Христо Узунов Leave a comment
Филмот „Ругање со Христа“ на режисерот Јани Бојаџи е добитник на награда на Меѓународниот филмски фестивал во Монтреал, Канада. Но, што е тоа важно. Најважно околу овој филм, во доменот на нашето општење е дека споменатиот филм е трн во окото на елитата внатре во Македонија.
Оние кои што се занимаваат со политика градат неприродни сојузи, се додворуваат и коленичат пред оние на кои ниту еден нормален човек со тронка достоинство не би им се додворувал и коленичел. Филмот во Македонија наиде на осуда од факторот којшто би требало да го издигне високо на пиедесталот. Оттука се гледа капацитетот на нашите политичари и на нашите елити. „Ругањето со Христа“ ги собра плодовите за изработеното за вложениот труд надвор од нашите граници. „Ругањето со Христа“ ги доби критиките и подбивот од елитите овде во Македонија, затоа што тој филм е ризичен за лажниот и неприредон политички баланс, воспоставен врз лажни и неприродни вредности. Јане Бојаџи доби почит од гледачот и од жирито необременето со нашиот отров, кој пиејќи го 27 години нѐ претвори во аморфна и обезличена, а национална маса. Но, тука зборуваме за нормалниот свет. Оној кој расудува без интервенција врз неговата свест и потсвест. „Ругањето со Христа“ и интервенцијата на државата над ова филмско дело го покажа на дело немањето капацитет за наше себепочитување.
Филмот на Јане Бојаџи е само еден од низата примери каде ние како народ самите себеси си даваме автогол. Не така далеку е Граѓанската војна во Грција, во која ние како народ доживеавме геноцид, прогон и протерување од родните огништа. Ако ова мое гледиште се коси со најновиот договор со Грција, ќе се извинам на елитите затоа што сум нетолерантен и не сум во го поддржувам духот на лажните европски вредности кои ни ги продаваат по дома. Во Европа владеат други вредности! Сцените од војната во 2001, во кои се зборува за злосторствата над Македонецот од страна на тогашната паравоена ОНА, ги принуди политикантите во Македонија да истрчаат и да го осудат. Џанам филмот допирал во меѓутеничките односи и задира директно во коалицијата која нам ни продава лажни вредности и дефиниции за лажно почитување. Законот за амнестија, кого тогаш го добија припадниците на ОНА, не нѐ обврза нас, кои бевме дел од нивниот злочин, во себе да си инсталираме амнезија и да ни биде забрането да зборуваме за тие злосторства. Ако за молкот за геноцидот на Грците над Македонците од Егејско ни се криви странците, Грците, и кој ли уште не, кој ќе ни биде сега виновен што во сопствената земја се проблематизира еден филм кој потсетува на еден нов, современ геноцид над самите нас? Кој утре ќе нѐ почитува, ако самите себе не се почитуваме и си забрануваме да говориме за една трагедија која ни се случила, не така одамна. Во време кога од нас се бара признавање на некој измислен геноцид, кој се случил пред 50-тина години, изграден во една таканаречена Тиранска платформа, власта која самите ја инсталиравме на избори, ни забранува нам Македонците да говориме за исчезнатите Македонци од Непроштено, за масакрираните ни војници во време на примирје и прекин на огнот. Никој не ни е крив господа. Фали да си удриме уште еден ќотек што се дрзнавме дадената амнестија на убијците да не ја комплетираме и со целосна амнезија.
И сето ова како производ на дефиниција за лажен патриотизам кој му се продава на народот во Македонија. Ако некогаш било патриотизам да се носи пушка на рамото и бомби околу појасите, денес патритизам е да се сочува и да се почитува она што сме го изградиле со носењето на пушките на рамото и бомбите околу појасите. Патриотизам е самите ние да се факторизираме во нашата држава, како фактор без кој не може да се креира иднината на оваа земја. Извинете ама премногу нѐ истуркавте во ќошот на нашиот дом. На светот нема поголем пример за патриотизам од тоа да му ја продадеш приказната за една обесправена Македонија во 2001. Војната заврши. Разурнатите куќи се изградени, исчезнатите и ден-денес ги бараме, а на покојните панихиди им редиме. Ова е само една ронка која што можеме да си ја дадеме на самите себеси заради нашата добродушност, да им простиме и да ги амнестираме оние кои тоа го направиле во името на некаква си заедничка иднина.
Новата Европа, која е на повидок преку промената на политичките влијанија, води незапирливо кон изградба на силни суверени и национални државии. Најдобар показател за овие интенции се брзиот раст што го има Алијансата на Конзервативци во светот и Европа, во чиј табор многу веројатно ќе влезат и суверенистот Салвини од Италија и Алтернативата за Германија, кои гравитираат и се блиски до европските конзервативци. Каде е нашата сувереност ако државата интервенира врз еден филм во кој се посочува ударот над една нација која треба да биде столб на државата? Излитените мултиетнички приказни полека, но сигурно го губат приматот, а ние како држава не смееме да го испуштиме овој воз и време е што поскоро да се качиме во истиот. Во минатото пропуштивме многу европски промени, а шансата која сега ни се пружа да бидеме од самиот почеток во новата Европа на силни и суверени нации, не смееме да ја пропуштиме.
Младиот тим на Conservative.mk во чие тело се наоѓа и патриотскиот институт „Христо Узунов“, ја започна својата битка за Македонија. Сосема симетрично од она што ни се продаваше како борба минатите 27 години. Во таа наша борба, иако не сме земја која е дел од НАТО и ЕУ, успеваме да собереме сојузници и партнери за нашта земја во меѓународни рамки (ACRE). Во таа наша битка, ние мора да го разобличиме лажниот и стерилен патриотизам и да покажеме дека Македонија може да гради свои лоби групи и сојузници надвор од своите граници, изгардени на взаемна почит и силните конзервативни заложби да ги преслика и во своето општество.
Од 8 септември 1991, па до овој фамозен 30 септември 2018, кој ни се преставува како судбоносен, поминаа 27 години. Години на порази, загубени вредности и обезличени идеологии. Време во кое патриотизам се дефинира како слугувањето на партиите и елитите, а не на својата земја.
Ние кажуваме: доста е! Сакаме во наредните 27, 30, 50 години Македонија да излезе како победник, да изгради нови вредности во општеството и на Македонците да им го посочиме патот кон вистинскиот патриотизам. А тој пат води преку достоинство, себепочитување и надградување на секоја тула што ќе ни биде оставена во наследство. Тој пат треба да ни донесе стабилна иднина, заокружена преку вистинска, а не парцијална интеграција во Европа. Филмот на Јане Бојаџи е токму оној пример за патриотизам кој треба да го имаме во нашите раце. Толку се бара од нас во време кога војните се завршени. Да се сеќаваме на нашите грешки, да ги паметиме нашите трагедии и од истите во иднина да влечеме поуки. Поука како да го зачуваме нашиот суверенитет и како да воздигнеме во силна нација која ќе се почитува самата себеси и ќе биде почитувана од идните свои партнери.
Кристијан Мицкоски
Патриотски институт „Христо Узунов“
Идеолошки и аналитички центар — CONSERVATIVE.mk