Верувам дека многумина ја следат состојбата на источното крило на НАТО, т.е. мигрантската криза на границата помеѓу Полска и Белорусија. Затоа јас, како и многумина кои имаат стручно познавање од геополитика, веруваат дека Украина, а не Белорусија е главниот акт. Сепак, имам впечаток дека оваа криза на источното крило од НАТО не е доволно покриена од медиумите во Македонија, како и да не сме членка на сојузот. Од друга страна пак медиумите на Западот, но и овде во регионот, со особено внимание ја следат кризата околу границата. Затоа, се решив да напишам кратка анализа.

Белорускиот Претседател А. Лукашенко се одлучи на ризичен начин да се конфронтира со ЕУ и САД. Некои аналитичари го нарекуваат тоа “payback time” за санкциите од ЕУ поради присилното приземјување и “киднапирање” на авион на Ryanair. Понатаму, самиот Лукашенко призна и во неодамнешното интервју на BBC, дека всушност тој им помага на мигрантите од Блискиот Исток да стигнат до крајната дестинација Германија (преку Полска). Секако, со изговор дека “ние сме православни луѓе со срце и им помагаме на сите”. Овој маневар ги зголеми тензиите на границата со Полска, па за кратко време владеачката партија Право и праведност (PiS, ECR party) ја мобилизираше војската да ја заштити својата граница. Така, ефективно штитејќи ја и границата на ЕУ. За среќа, последните години, а поточно после анексијата на Крим од Русија во 2014, САД и другите НАТО партнери го зголемија своето воено присуство во источното крило и затоа релативно брзо реагираа со силна интервенција на Полската граница. Во два наврати и за брзо време, Обединетото Кралство ги зголеми своите трупи со цел да помогнат во контрола и стабилизација на границата.

РУСИЈА ПО ВТОР ПАТ РАСПОРЕДУВА ОКОЛУ 100.000 ТРУПИ НА ГРАНИЦАТА СО УКРАИНА

Овој распоред на војници е под изговор на воени вежби, а може да се забележи дека прилично голем број на тенкови, артилерија и други борбени возила се веќе во функција долж границата. Во истовреме, руската авијација изведе неколку воени вежби, а Црноморската флота имаше неколку конфронтации т.е. “инциденти” со Американски и Британски воени бродови. Веќе подолго време, тензиите се на многу високо ниво.

Деновиве, Украинскиот Претседател В. Зеленски на прес-конференција објави дека откриле информации за државен удар врз него и смена на власта во Украина. Киев очекува повеќестрана инвазија, коешто на некој начин и беше поткрепено од Американското разузнавање коешто сподели информации до своите Европски партнери дека Руските трупи и воената опрема распоредена долж границата со Украина е од таков тип. Тоа посочува на спремност за брза инвазија, нешто слично како што Русија направи во случајот со Грузија. Исто така, Американците  потврдија дека веруваат дека инвазијата е неизбежна, само е прашање на време. Со најостра и директна изјава излезе и Ј. Столтенберг којшто изјави дека Русија ќе има големи последици и ја предупреди дека ќе плати огромна цена ако воено ја нападне Украина. 

Во неколку кратки точки би сакал да го опишам наративот и перцепцијата којашто Минск, а поточно Москва го креира и менаџира. Секоја точка има различен наратив но сите се со цел да ја појачаат перцепцијата на луѓето којашто Москва и Минск ја посакуваат.

1.Прво, ситуацијата т.е. “драмата”на границата.

Полските гранични трупи заедно со нејзините НАТО партнери не дозволуваат да поминат мигрантите. Тие се напаѓани со дрвја, камења и со се што им е на располагање на мигрантите. Иако досега успешно се справуваат со ситуацијата, имаше неколку моменти каде мигрантите успеаја да се протнат, но и тие беа за кратко лоцирани и уапсени па потоа вратени на Белоруска страна.

2.Второ, социјалните мрежи и “ботовите”.

Циркусот и “хистеријата” на социјалните мрежи на големо почна да ги отсликува Полските и НАТО трупите како безчувствителни луѓе и луѓе без срце, со употреба на прекумерна сила врз невините и безпомошни мигранти. Секако, во прв план се најдоа очајните мајки со нивните деца и бебиња со цел да се манипулира со емоциите на луѓето, нешто коешто мислам дека многумина се сеќаваа се случуваше долж нашата граница со Грција кога и ние ја осетивме таа мигрантска криза.

3.Трето, мејнстрим медиумите и либералната опозиција.

Многу е интересен фактот, или поточно перцепцијата која што ја прикажуваат некои медиуми на запад и на исток, а воедно и некои политичари и аналитичари коишто ја анализираат ситуацијата, т.е. тие звучат исто. Пред неколку денови гледав како еден Руски политичар го искористи моментот пред камерите на границата и почна да довикува кон Полските трупи: “Вие не сте христијани. Вашиот свештеник нема и не треба да ве пушти во црква”. Секако ова беше обид да се наметне наративот дека Полската влада на партијата “Право и правдина” и нејзините следбеници не се христијани. Проблемот е што овој наратив не го користат само Минск и Москва, туку и либералната опозиција во Полска. Либералната опозиција има многу слични изјави на Рускиот Министер Сергеј Лавров којшто ги критикуваше полските власти за употреба на прекумерна сила, солзавци и бруталност кон мигрантите.

4.Четврто, наративот на Москва, Минск и полската опозиција станува полека и наратив во западните медиуми т.е. во либералните кругови.

Се погласни стануваат изјавите и насловите како пример: “Западот треба да ги прими мигрантите”, “Брисел се солидаризира со мигрантите”, “ЕУ се срами од бруталноста на Полските трупи на границата” или “Ајде да го решиме проблемот со тоашто ќе преговараме со Русија” и слични такви изјави.

Сето ова го сврте вниманието комплетно кон ситуацијата на границата на Полска, а не се посветува ни од далеку такво внимание кон Украина. Според мене, ова е една многу голема и прецизно направена диверзија којашто засега дава резултати и мора да се признае дека Русија во времето на Путин е мајстор за вакви диверзии, лажни вести и сеење недоверба и страв во НАТО и ЕУ.

Многу аналитичари го гледаат моментов како последен обид на Путин по секоја цена да го спречи влезот на Украина па и на Грузија во НАТО, асо тоа и нејзината западна граница да граничи целосно со НАТО членки. Затоа ситуацијата во Украина вреди да се анализира и набљудува и секако да се надеваме на најдоброто и безболно сценарио т.е. дека ова е уште едно шоу на мајсторот Путин којшто уште еднаш сака да покаже дека Русија е овде и таа е газда во регионот.

Исто така мислам дека постои можност и од сценарио каде Русија веќе подолго време ги тестира “нервите” на НАТО и САД. Посебно сега и во време на Бајден којшто е убедливо најслаб Претседател на САД и којшто во очите на сите непријатели или противници на САД проектира слабост. Но, мислам и се надевам дека за Русија, воена инвазија е сеуште надвор од размислување. Посебно и фактот што светот се чини дека сеуште е далеку од излез од кризата со корона вирусот, а воена инвазија би придонело светот да гледа со презир кон Русија. Затоа, можно е и овие маневри со руските трупи на границата со Украина да се повеќе насочени кон самите Украинци, како еден вид тестирање на нивните нерви и нивната цврстина и спремност да се спротивстават на Русија. Во случај на мало покажување на колебливост и страв на Украина, по инерција ќе дојде до пад на властите и доаѓање на нова власт со која Украина повторно ќе биде во прегратките на “братска” Русија. Поточно, Путин да игра на истата карта како во 2014 година кога на чело на САД беше Обама којшто според беше многу слаб на надворешен план. Обама немаше цврсти црвени линии, а тоа Путин вешто го искористи. Затоа мислам дека ова е помалку посакувано сценарио, но дека е и најверојатно сценарио на кое би играл Путин.

Секако мора да се спомене и најнепосакуваното сценарио или најмалку веројатното, а тоа е брза и со сите сили инвазија на Украина. За ова сценарио, Путин даде изјава дека во директен конфликт Киев, Украина би била прегазена за само неколку часа. Во таков случај НАТО и САД би немале доволно време да интервенираат и Путин би играл на картата на нови дополнителни санкции од САД и ЕУ но сепак тој би го освоил “дијамантот” или главниот плен т.е Украина да се врати под негова директна контрола.

Автор: Кристијан Мицески, Политиколог по глобална и американска политика на Универзитетот во Лондон, дел од бизнис секторот во Обединетото Кралство

Сподели: