Во денешните европски општества, па така и во Република Македонија веќе подолго време не се говори околу системот за одбрана на државата. Патем, во последно време речиси сите политички партии се залагаат за интеграција во Северноатланската Алијанска чиниш дека со самиот влез Македонија ќе стане засекогаш безбедна и моќна. Секако, како стратешко партнерство за нашата држава тоа е од круцијална важност, но дали треба секогаш да спиеме на тоа уво?

Со распаѓањето на Југославија, Република Македонија излезе од Федерацијата и продолжи по патот на самостојноста, па така беше основана и Армијата на Република Македонија. Сѐ до 2004-та година, АРМ формациски (се однесува на тоа каква е структурата на војниците, односно дали се професионални или регрути, познати во народниот жаргон и како „гуштери“) беше комбинирана на принцип сличен на ЈНА, во комбинација од професионална војска и регрути. Со промените од 2004 беше укинат воениот рок и армијата оттогаш се ослонува на професионална платена армија. Секако дека и овој вид има свои предности и маани, но дефинитивно е скап и формациски армијата е сведена на минимум поради немањето доволно финансиски ресурси за проширување на борбените капацитети. Исто така и со необученоста на цивилното население, доктрината за сеопшта одбрана (иако според доста воени теоретичари веќе застарена но во земји со послабо воорожување и финансии сѐ уште релевантна), е тешко изводлива. Инаку, во дел од земјите членки на НАТО сѐ уште се применува овој формациски шаблон од комбинирање на регрути и професионална армија како на пример во Турција, Грција, а и во земји надвор од алијансата како на пример Швајцарија, Шведска, Австрија, Финска, Руската Федерација и многу други.

Денеска за армијата се одвојуваат далеку под „извиканите“ 2% од буџетот, односно некаде околу 1,10%. Па така на министерката за 2017 година вклучувајќи го и ребалнсот и биле ставени на располагање 6,140 милијарди денари. Доколку ги погледнеме расходните ќе забележиме дека главнината од нив оди на плати за припадниците на армијата и Министерството за одбрана, околу 2,402 милијарди денари, додека за придонеси за социјално осигурување се издвојуваат 1,011 милијарди денари па така во ставката на плати и надоместоци кумулативните расходи изнесувале 3,425 милијарди денари односно нешто повеќе од 51%. Тие се заедничките бројки за армијата и министерството но, за фукционирање на АРМ се издвоени 5,064 милијарди денари од кои за плати и надоместоци за припадниците само на армијата МО издвојува 2,950 милијарди денари. Доколку се видат и другите ставки за коишто се трошат пари како на пример стоки и услуги, логистика, приемно членство во НАТО на армијата за модернизација и не и остануваат многу.

Секако дека трансверите на пари за вооружување се одвиваат под превезот на државна тајна и ние не може да ги знаеме, но доколку се види буџетот, АРМ и не може да се пофали со доволно одвоени средства за модернизација и купување на опрема. За 2019 година е најавено зголемување на воениот буџет на околу 8 милијарди денари, но сѐ уште чекаме буџетско усвојување. Од веб страницата на АРМ можеме да се увериме дека располага само со една Оклопно механизирана пешадиска бригада (Четри пешадиски батаљони, артилериски, тенкоквски и инженерски батаљон), бригада за логистика, воена полиција, воздухопловна бригада, АБХО единици и резервни единици. Секако ова е под Здружената оперативна команда а настрана од неа функционираат двете едини за специјални операции како и Центарот за елекстронско набљудување и почесната гарда. На веб страната на самата АРМ е наведено со кое оружје располага структурата на вооружувањето, а пред сѐ поголем дел од тоа оружје е од Југословенско, Советско и Американско потекло и споредувајќи го со другите современи армии е далеку позастарено. Секако за одредени оружја и системи за одбрана во тајност не може да знаеме па така хипотетски ја анализираме ситуацијата од јавно изложеното оружје. Судејќи според вежбите кои се одвиваат и се прикажани на сајтот на Армијата можеме да видиме дека станува збор за воени вежби пред сѐ во рангот на еден пешадиски батаљон што би требало да сочинува формациска единица од 300 па сѐ до 800 војници во поголемите армии. Можеме да видиме дека тие се мали видови на вежби, без употреба на многу техника и оклопно механизирани возила така да и исправноста на техниката е доведена во прашање.

Тоа е една кратка анализа за нашите воено безбедносни сили.

Треба пред сѐ да се има на ум фактот дека армијата на Република Македонија треба да се вооружува за одбрана а не за напад, согласно и нашиот Устав. Ширум светот а особено во големите развиени и светски сили, војската и воената технологија се носечкиот столб за напредокот на технологијата и токму поради тоа, модернизацијата треба да е клучна и во Македонија. Американската армија во периодот на студената војна секогаш практикувала најголемите технолошки изуми да ги употреби во воената технологија па подоцна да ги комерцијализира, односно голем дел од технолошките изуми биле направени од воени компании чии што корисник е армијата на САД. Секако дека и воениот сектор мора да биде најконкурентен, најсофистициран и развиен со цел да би постигнал воено технолошка предност на армијата. Капацитетите на нашата армија се многу далеку од тоа на американсата армија, но дали тоа значи дека треба да се откажеме од модернизација и развивање на воената индустрија?! Секако дека не!

Развојот на економијата секогаш се базира на сектори кои имаат голема додадена вредност како на пример ИТ технологија, телекомуникации и слично, но секако дека и воената индустрија е во овие гранки. Во Македонија постоеше и сѐ уште постои фабриката за производство на оружје во Самоков, но со мал капацитет. Знаејќи дека за започнување и отворање на фабрики за производство на оружје е потребен огромен капитал и има големи ризици за возврат на инцестицијата, сепак, најголема причина за стагнацијата ја гледам во тоа дека кај нас луѓето не ја гледале оваа индустрија ни како опција за бизнис со државата и со другите безбедносни сили. Законските можности за ова се тешки а и потребни се владини олеснувања и поттикнување на секторот.

Во земјите од поранешните југословенски републики, Србија е лидер со извоз од преку 870 милиони долари, пред сѐ на муниција, како пешадиска така и артилериска, но и на производство на самоходни хаубици, вишенаменски ракетни фрлачи, системи со противтенковски ракети како и оклопно транспортни возила и теренско изведувачки возила. Во целиот регион оваа индустрија доволно добро профитира па така и во Словенија и Хрватска. Хрватска за 2017 успеала да извезе оружје во вредност од преку 250 милиони долари пред сѐ продавајќи панцири, воени униформи, кациги, снајпери, рачни ракетни фрлачи, но и деминерска машинерија. На Словенија пак, главен извозен адут се воените камери и дронови, како и системи на снимање на граници и со тоа оваа држава бележи извоз од 180 милиони долари. Босна и Херцеговина исто така бележи добар тренд на извоз на оружје вредно стотина милиони долари. Мора да се наведе и фактот дека пред сѐ овие држави во голем дел ги имаат наследено фабриките од поранешна Југославија, но не треба да се занемари фактот дека државата продолжува да вложува во овој бизнис и за истото бројките говорат. Во Република Македонија потребно е големо законско олеснување и поттикнување на овој сектор преку даночни олеснувања и помош за отпочнување на бизнис во овој сектор. Секако, конкурентноста најлесно би ја обезбедиле во лесното пешадиско вооружување како и во производството на униформи, панцири и електроника.

Развојот на домашната воена индустрија е многу добар за армијата на државата поради неколку фактори. Фактот дека државата за брзо време може да се снабди со големи количества на муниција и опрема па дури и да станува збор за лесна пешадиска опрема, додава за самата стабилност и безбедност. Доколку се отвори можност и инвеститорите вложат во фабрики во домен на производство на некоја покомплексна воена техника, на армијата би и било доста полесно да врши сервиси на воените возила, но и би било доста поисплатливо отколку да се носат во други држави каде што тоа би се наплаќало поскапо нагласувајќи го транспортно оптеретување.

Веројатно критичарите би забележале дека Македонија не треба да развива производство на оружје ниту да поттикнува, бидејќи би се продавало во земји каде што има воени дејствија. Но, секако ова може да се контролира како и во повеќето држави со законска регулатива во која ќе се забрани извоз на оружје во воени жаришта.

Се надеваме дека оваја индустрија ќе заживее во рамките на нашата економија и дека армијата повторно ќе ја врати својата поголема борбена готовност како би била на ниво на задачата во секоја локација и време. Како десничар и конзервативец, сметам дека вложувањето во армијата секогаш се исплаќа. На прашањето дали армијата само троши пари и ништо не возвраќа би одговорил: Напротив! Армијата враќа најмногу со тоа што ја прави нашата земја безбедна и со тоа дозволува раст и просперитет, кои се клучни за макроекономската стабилност и подобрата иднина!

Пишува: Давид Салтамарски – Уредник & дел од млади конзервативци при Конзерватив МК
Следете нѐ на FacebookInstagram & YouTube.

Сподели: