Како до Обнова на Македонија и неколку прашања.
16/10/2019 In Македонија Leave a comment
16/10/2019 In Македонија Leave a comment
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во видео-интервју за новинската агенција МАКФАКС истакна дека еден од суштинските проекти коишто сака (треба) да ги спроведеме е субвенционирање, односно поддржување на отворањето развојни истражувачки центри на големи мултинационални компании во Македонија и сериозната синергија меѓу инвеститорите, без оглед на тоа дали станува збор за меѓународни компании, домашни инвеститори, бизнис или образование. Мицкоски посочи дека сето тоа подразбира темелни реформи во начинот на функционирањето на образованието, бидејќи, за жал, денеска кадарот којшто ние го произведуваме може да се подели на два дела: еден дел составен од одлични, стручни и квалитетни поединци кои одлучуваат да ја напуштат Македонија, бидејќи подобри услови се нудат надвор од државата; и друг дел составен од оние што остануваат и коишто кога ќе останат имаат оскудна практична надобразба.
Какви се тие мултифункционални компании? (во обично интернет-пребарување на „мултифункционални компании“ наидуваме единствено на пишани вести за неговата објава, а при пребарувањето на истиот поим на англиски јазик „multifuncional companies“, наидуваме на понуди за мултифункционални печатачи (all-in-one).
Уште поважно:
Кој ќе ги гради тие научни истражувачки центри?
Кој ги бара тие центри?
Кој ќе раководи со тие центри?
Кој ќе ги финансира?
Кој ќе работи таму?
Кому ќе му служат?
Сите знаеме дека во високоразвиените држави постојат научно-истражувачки центри кои се во сопственост на големи компании и кои, всушност, тие сами ги основаат и градат онаму каде што има „плодна почва“ за тоа, т.е. каде што постои голем број квалитетен истажувачки кадар, инфраструктура, други познати и квалитетни високообразовни центри итн. Но, никако не се изградени со субвенционирање или со нешто друго од сличен карактер. До субвенции доаѓаат само производствени компании на кои им треба ниско обучен кадар за работа на подвижна лента во погоните. Како на пример „BOSH“ или „Daimler Benz“, а кои имаат развоен центар во Силиконската Долина во Калифорнија иако се германски компании. Тие инвестирале во својот развој на поскапа локација, но токму поради тоа што во градови како „Palo Alto“ или „Berkeley“, 13,1%, односно 8,3% од популацијата има завршено докторски академски студии, а останатите градови во регионот „заостануваат“ 5–6%. Колку доктори на науки има Македонија? Знаеме дека лани е забележан пораст на бројот на лица кои докторирале, односно вкупно 243 лица, од кои само 11 се определиле да работат во своите стручни научни области, а речиси сите останати доктори на науки својата кариерата ја гледаат во високото образование (професори) или во некое од министерствата. Само за потсетување, во „Palo Alto, California“, град со големина колку Прилеп, од вкупно 66.063 жители 8.654 имаат завршено докторски академски студии. Прашањето е како ние, со ова темпо, ќе добиеме толку доктори на науки? Повторно прашувам: кој ќе работи во тие “научно-истражувачки центри”?
Дали државата е таа којашто ќе ги креира и води овие центри? Односно КОЈ ќе ги води е клучно прашање? Зарем така лесно можеме да одлучиме да отвориме научно-истражувачи центри, да земеме кредит од Светската банка и, опа, нашите надалеку познати државни службеници ќе направат истражувачки центар од светски ранг, а „Филипс Медикал“, „Тесла“ и „Интел“ ќе се тепаат кој да ги користи нашите услуги…
Убаво е да се сонува, но не е убаво да се дава лажна надеж дека нешто такво ќе се случи и дека #ОбноваНаМакедонија има детален план, кој „сигурно“ ќе биде успешен, за да оние непродуктвните административни работници ги „пикнеме“ таму и државата да „почне да ни цвета“.
Дајте да се зафатиме со решавање на вистиски проблеми, да направиме она што може да се направи за кратко време и да се стремиме кон постепен РЕАЛЕН развој на општеството за да излеземе од оваа дупка и да не си ветуваме ридови и планини, а притоа не можеме ни куп песок да поместиме.
Автор: Тони Бачваровски, советник и уредник во Конзерватив МК